1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се бара одговорност за инцидентот со Вјоса Османи

ДТЗ
2 август 2024

Што всушност се случувало на скопскиот аеродром при обидот да се провери багажот на претседателката на Косово, Вјоса Османи?

Вјоса Османи
Се бара одговорност за инцидентот со Вјоса ОсманиФотографија: Visar Kryeziu/AP/picture alliance

Македонската полиција го истражува инцидентот на скопскиот аеродром поврзан со проверката на багажот на косовската претседателка Вјоса Османи, а опозициските партии од македонскиот и албанскиот блок бараат транспарентност и негово итно расветлување. СДСМ бара да се открие вистината што се крие зад инцидентот, откако во јавноста се појавија неколку верзии за случувањата, во коишто се наведува дека бил вклучен и полициски службеник од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши. Косово го окарактеризира настанот како „дипломатски скандал“, а членови на ДУИ јавно упатија извинување до Вјоса Османи. 

Што всушност се случувало на скопскиот аеродром во четвртокот околу 10 часот, при обидот да се провери на скенер багажот на ВИП патничката од Косово?

МВР: Обезбедувањето на Гаши се заканувало

Според полицијата, додека претседателката на Косово, Вјоса Османи, поминувала на гранична контрола на Меѓународниот аеродром „Скопје“, во моментот кога од неа било побарано да го остави телефонот за да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнало вработеното лице од ТАВ, за таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Иако вработениот бил оттргнат, сепак багажот бил вратен и поминал на скенер.

„По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши со уште двајца полициски службеници и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој ѝ направил проблем на претседателката. Притоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин. Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, соопшти полицијата.

Која е улогата на обезбедувањето на Африм Гаши во инцидентот?Фотографија: Petr Stojanovski /DW

ТАВ: Законска обврска за безбедносен преглед

Од ТАВ Македонија известија дека Одделот за Обезбедување, постапувајќи во рамките на своите овластувања спровел стандардна безбедносна проверка на косовската претседателка Вјоса Османи, како и на нејзиниот багаж, на пунктот за безбедноста проверка во ВИП- салонот, со цел обезбедување на конкретниот комерцијален лет.

„Сакаме да потенцираме дека авијациската безбедност не беше загрозена, поради тоа што споменатиот инцидент се случи во јавната зона на аеродромот, односно пред пунктот за безбедносна проверка на ВИП-салонот од каде ВИП-патниците откако ќе бидат проверени од oбезбедувањето се упатуваат во безбедносно-контролирана зона на аеродромот“, велат од ТАВ Македонија. Тие наведуваат дека ВИП-салонот е посебна зграда изолирана од главната терминална зграда на скопскиот аеродром, што значи дека е комплетно неточно дека била загрозена безбедноста на патниците.

Обид за смирување на ситуацијата

Реагираа и од Кабинетот на претседателот на Собранието, преку писмена реакција негираа вмешаност на членови на обезбедувањето на Африм Гаши во инцидентот што се случил на скопскиот аеродром.

„Обезбедувањето на претседателот Гаши, кои се вработени во МВР, интервенирале да ја смират ситуацијата и да им помагаат на нивните колеги за спроведување на безбедносните постапки при посета на ВИП-личности“, велат од кабинетот на Гаши.

На слична линија е и реакцијата која што пристигна од кабинетот на Вјоса Османи. Тие наведуваат дека спротивно на меѓународните практики и Виенската конвенција за дипломатски односи, обезбедувањето на скопскиот аеродром се обидело да ѝ го земе личниот телефон на претседателката, но таа не дозволила.

„И покрај образложението на правилата што тимот на претседателката му ги соопштила на аеродромскиот функционер, тој се обидел физички да ја турне претседателката, при што косовската полиција била принудена да реагира за да го отвори патот. Ваквото однесување на вработените на македонскиот аеродром е спротивно на секоја меѓународна практика, според која шефовите на држави кога патуваат се заштитени со дипломатски привилегии и имунитети“, велат од кабинетот на Османи и додаваат: 

„Прекршувајќи ги овие правила, македонската страна ја одзеде личната чанта на претседателот. Иако тоа беше спротивно на правилата, тимот на претседателот го дозволи тоа за да може претседателот да влезе на аеродромот, поточно во ВИП салонот, кој беше резервиран од нашата амбасада, како што е практика за патувањата на шефовите на држави“.

Во реакцијата од Косово се наведува дека од безбедносни причини не е дозволено предавање на личниот телефон на кој било начин. „Арогантното и насилничко однесување на службеникот на скопскиот аеродром е без преседан и никогаш не се случило на ниту едно патување на претседателката никаде во светот“, се вели во реакцијата, во која се додава дека „за овој дипломатски скандал предизвикан од македонска страна, претседателката го известила претседателот на Собранието, Африм Гаши, кому му се заблагодарува за понудената помош“.

Иинцидентот се случил во јавната зона на аеродромот, односно пред пунктот за безбедносна проверка на ВИП-салонот Фотографија: Petr Stojanovski

Која е вистинската верзија?

Од СДСМ прашуват дали се прикрива вистинската верзија за тоа што се случило на Меѓународниот аеродром Скопје и од кои причини. „Вистина ли е дека лице од обезбедувањето на Гаши се заканувало со огнено оружје на вработени на ТАВ и каква била неговата улога? Дали ова во детали ќе го истражи и соопшти МВР или ќе се обиде да го забошоти случајот? Повеќе од очигледно е дека некој се обидува да стави одредени факти под тепих. СДСМ бара целосно расчистување на настанот и транспарентно соопштување од страна на МВР“, порачаа од опозициската партија. 

„Косово, прости ни“

Членови на ДУИ велат дека инцидентот јасно ја покажува неспособноста на илегалните албански претставници во власта. „Потребна е итна одговорност од узурпаторите на албанското претставништво во Владата и одговарање на одговорните за оваа срамна ситуација“, порача Бујар Османи.

„Косово, прости ни“, напиша поранешниот вицепремиер Артан Груби на социјалните мрежи. „Од господар до станар, од одлучувач до вазал, од горд до домашен миленик, од достоинствен до безрбетен, од белолик до груб, од учен до неук, од храбар до кукавица, од владетел до слуга, од победник до победен, од Европа и од Америка во Русија и Србија, од Али Ахмети до Иван Стоилковиќ“, наведува тој во објавата.

Косово го окарактеризира настанот како „дипломатски скандал“, а членови на ДУИ јавно упатија извинување до Вјоса ОсманиФотографија: Petr Stojanovski

Сериозна провокација

Алијансата за Албанците најостро ја осуди „сериозната провокација против Република Косово, преку скандалозното однесување на службениците на скопскиот аеродром кон претседателката на Косово, Вјоса Османи. Тие побараа „итно да се истражат и санкционираат сите одговорни за овој скандалозен напад врз авторитетот на претседателот на Косово, кршејќи ги сите меѓународни протоколи и конвенции“.

„Власта на ВМРО преку вазалите на Влен, незадоволувајќи се со деградирањето што им го направија на Албанците во РСМ, сега се обидува да го омаловажи и навреди и Косово, па дури и претседателката на Република Косово. За нас овој случај не е обичен инцидент, туку сериозна провокација за која треба да сносат одговорност и да побараат извинување од шефот на Владата, до луѓето кои учествуваа во овој случај“, се наведува во соопштението на Алијанса за Албанците.

На ваквите прозивки одговорија од Коалицијата „Вреди“ (Влен). Тие наведуваат дека МВР и државата немаат надлежност да се грижат за безбедноста на аеродромот, туку во овој случај тоа е ТАВ.

„Согласно Виенската конвенција, државните челници имаат специјален третман при патување, но деталите за безбедностите протоколи ги одредува концесионерот на аеродромот. Слично недоразбирање имало и кога Талат Џафери бил технички премиер, зошто ДУИ не зборуваат за тоа? И прашуваме дали кога функционери на ДУИ биле на патувања ги заобиколувале скенерите? Ги повикуваме ДУИ да престанат да шират манипулации, и да престанат да ги нарушуваат односите помеѓу Косово и Македонија, а јавноста ја повикуваме да не потпаѓа под пропагандата на ДУИ,“ се наведува во партиското соопштение.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми