1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По извештајот на ЕК - препукувања и барање виновници

ДТЗ
9 ноември 2023

Евроамбасадорот Дејвид Гир вели дека извештајот е искрен и објективен. Власта во него гледа потврда за напредокот кој го постигнала земјата, додека опозицијата смета дека е историски најлош извештај.

Северна Македонија и ЕУ
Искрен и објективен или историски најлош извештај? Извештајот на ЕК предизвика низа реакции во јавностаФотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Ден по објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија на патот кон ЕУ, не стивнуваат реакциите и барањето виновници и одговорност за забелешките и слабостите нотирани во документот. Според евроамбасадорот Дејвид Гир, извештајот е искрен и објективен - ги посочува и напредокот, но и слабостите во одредени области каде што не се доволно спроведени реформите - како што е владеењето на правото, борбата против корупцијата, реформите во јавната администрација...

Додека вицепремиерот Бојан Маричиќ на прес-конференција во Скопје оцени дека земјата има напредок во 80 проценти од поглавјата и никаде не е нотирано назадување, опозицијата обвини дека станува збор за историски најлош извештај. 

Различен поглед на ист извештај

„Извештајот е искрен, но правичен, со тоа ние сакаме да ги охрабриме властите, државните институции, како и сите политички актери да направат многу повеќе за да ги унапредат реформите во интeрес на граѓаните на патот кон членство во ЕУ“, рече евроамбасадорот Дејвид Гир на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. Тој смета дека извештајот на ЕК се стреми кон тоа да даде јасна и објективна оценка за напредокот.

Извештајот е искрен, но правичен, вели Дејвид ГирФотографија: Arbnora Memeti

„Сакаме Северна Македонија да ја искористи оваа динамика, Извештајот доаѓа и во контекст на можности особено со Предлогот на Комисијата за Планот за раст за Западен Балкан. Сакаме Северна Македонија да ја искористи оваа можност“, рече Гир. 

Извештај на 120 страници

Извештајот е напишан на 120 страници. Во делот на политичките критериуми, документот нотира дека Македонија продолжува да ги засилува своите напори за да ја зацврсти демократијата, додека се соочува со одредени предизвици во областа на владеењето на правото. 

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека Владата ги прифаќа укажувањата и ги смета за важен показател за она што се случува и за она што треба да се направи. Препораките во извештајот ќе користат како основа за спроведување на реформите за следниот период.

Според Маричиќ, одлагањето или ставањето во неизвесност на преговорите и на членството на Северна Македонија во ЕУ го става во неизвеснот и реформскиот процес. Прифаќањето на уставните измени, вели тој, останува предуслов кој не може да се прескокне.

 

Прифаќањето на уставните измени останува предуслов кој не може да се прескокне, вели Бојан МаричиќФотографија: Justizministerium/Nord-Mazedonien

„Лажна приказна, мит, но и неодговорна и опасна политичка позиција е дека Северна Македонија има луксуз да чека или дека може да постигне подобар договор во иднина. Уверен сум дека со национален консензус и со максимално вложување на Владата како носител на преговорите, но и на сите засегнати страни, можеме да ја исполниме заложбата да бидеме подготвени за членство во ЕУ до 2030 година“, рече Маричиќ.

Подготовки за Патоказите

Тој информираше дека Советот на постојани претставници на ЕУ го усвоил писмото со кое се упатува покана до земјата да ги подготви Патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација за отворање преговорите по Кластерот 1 - „Фундаментални вредности“.  

Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека со ова е успешно завршена обврска која ја носи земјата поблиску до отворање на кластерите и поглавјата во насока на забрзана ЕУ-интеграција. 

„Добра вест од Брисел! Вчера, Советот на ЕУ го усвои Писмото со кое сме поканети да ги подготвиме Патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација за отворање на Кластерот 1 - Темели“, објави Османи на Фејсбук.

Меѓупартиски обвинувања

Извештајот покрај одреден напредок, посочува и на низа слабости во реформиските процеси во земјата. Поларизацијата во парламентот, која што доведува до блокада на значајни закони, злоупотребата на ЕУ знаменцето при носењето на одредени закони, како тој за градбата на коридорите, политичкото влијание врз судството, и недоволната борба против коруцијата - се дел од забелешките кои се наведени во извештајот.

Според власта, извештајот на ЕК е потврда дека ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се кочничари на европскиот пат, со оглед на тоа дека клучен проблем и забелешки се тоа што Собранието е блокирано од страна на опозицијата.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески на прес-конференција, пак, возврати дека земјата го добила историски најлошиот извештај од Европската комисија.

„Извештајот од 2023 година констатира дека нема напредок во делот на прашањето по однос на активната блокада. Задоволен сум што тоа е нотирано, затоа што ние како пратеничка група со таканаречената активна блокада која ја спроведувавме во Собранието во ниту еден момент не ги спречивме битните процеси и закони кои беа во корист на граѓаните и тоа е нотирано во самиот извештај на ЕК“, рече Мицески.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми