1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Врховен суд да каже кој врши притисоци

ДТЗ
11 јануари 2024

Шефот на дипломатијата, Бујар Османи вели дека блокирањето на нашиот пат кон ЕУ е директна причина за неможноста за постигнување европски стандард за владеење на правото

Димитар Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски повикува да се каже со име и со презиме кој врши притисоци врз Врховен судФотографија: Government of North Macedonia

По последните критики на холандскиот амбасадор во Северна Македонија, Дирк Јан Коп кој порача дека неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија, премиерот Димитар Ковачевски повикува да се каже со име и со презиме кој врши притисоци. 

„Не сум го запознал никогаш претседателот на Врховен суд, судската власт е независна, и доколку бил под притисок треба да се каже со име и презиме од кого доаѓа тој притисок“, изјави денеска премиерот по посетата на Клиниката за ортопедски болести во Скопје. Според премиерот, реакцијата на холандскиот амбасадор е во ред, но сепак треба да се посочи од каде конкретно доаѓаат притисоците. 

Критиките следат откако член на Судскиот совет покрена иницијатива за разрешување напретседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Иницијативата на Миљазим Мустафа била покрената поради неприсуството на Адеми на седниците на Советот во периодот од крајот на мај до почетокот на ноември оваа година, што според Мустафа било нејзина обврска како член на Судскиот совет по функција.

Но, револт предизвикало и нејзиното интервју за порталот „Сакам да кажам“, во кое таа изјави дека има притисоци врз врховните судии во врска со барање за одлучување за аболициите на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов.

Холандија бара да престанат притисоците врз Беса АдемиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Поддршка или критики?

Холандскиот амбасасадор  во средата (10.01) имаше средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на која му порача дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ политичкиот спектар.

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, на брифинг со новинарите во Скопје рече дека ова е продолжување на ставот на холандската Амбасада којшто го кажа во неколку наврати пред крајот на минатата година во многу интервјуа.

„Веројатно ДУИ е еден од тие што најмногу зборуваат за борбата против корупција, се разбира дека и ќе се бара поддршка од страна на ДУИ“, вели Османи.

Концептуални разлики

Но, Османи потенцираше дека во неговите разговори со холандскиот амбасадор тој суштински има две концептуални разлики. „Тој смета дека ние можеме да постигнеме европски стандард на владеење на правото и без преговори со ЕУ. Од една страна, некој тоа го чита како комплимент, од друга страна некои го читаат како намалување на притисокот за проширување на ЕУ којшто, еве некој злонамерен може да каже - па Холандија е позната по немање на расположение за проширување“, вели Османи.

Бујар Османи вели дека ДУИ најмногу зборуваат за борбата против корупција, поради што се бара и поддршка од нивФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Според него, европски стандард за владеење на право не може да се постигне без преговори со Унијата.

„Блокирањето на нашиот пат кон ЕУ е директна причина за неможност за постигнување на тој европски стандард. Така што, тука прашање е што е постаро, јајцето или кокошката, дали причината што сме блокирани е што не можеме да постигнеме европски стандард или тоа што не постигнуваме европски стандард е причина што не можеме да се движиме кон ЕУ. Мислам дека има тука многу сиви зони. И има една разлика исто така, а тоа е дека ставот дека има политичко влијание врз судството од наша страна повеќе сметаме дека има одредено влијание на олигархијата во критични точки во системите во државата коишто се многу опасни од кое било евентуално политичко влијание“, вели Османи.  

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми