1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

По крваво задушените протести, во Иран владее напнат мир

Шринивас Мазумдару
17 јануари 2026

Во Иран владее напнат мир по бранот протести кои беа крваво задушени и во кои, според извештаите, загинаа илјадници луѓе.

Иран Техеран 2026 | Секојдневен живот во центарот на градот
Во Техеран со денови нема знаци на протестиФотографија: Morteza Nikoubazl/NurPhoto/picture alliance

Протестите во Иран се чини дека се стивнати по неколкунеделните масовни немири кои доведоа до крворполевање со повеќе илјади мртви.

Во главниот град Техеран, не се забележани протести со денови.

Властите не пријавиле немири ниту во други делови од земјата. Сепак, еднонеделниот прекин на интернетот останува на сила.

„Протестите може да продолжат“

Демонстрациите започнаа на крајот на декември поради растечкото незадоволство од влошената економија на Иран. Но тие брзо се претворија во најголемата закана за исламскиот режим откако ја презеде власта по револуцијата во 1979 година.

Режимот го исклучи интернетот и жестоко се пресмета со демонстрантите.

Организацијата „Иран хјумант рајтс“ (ИХР), со седиште во Норвешка, соопшти дека е потврдена смртта на 3.428 демонстранти кои биле убиени од страна на безбедносните сили, но предупреди дека вистинскиот број може да биде неколкукратно поголем.

„Бруталната“ репресија „веројатно го сузби протестното движење засега“, оцени Институтот за проучување на војната со седиште во САД, кој ја следи протестната активност.

Но, оттаму се додава: „Сеопфатната мобилизација на безбедносните сили на режимот е неодржлива, што значи дека е можно протестите да продолжат.“

Трамп им се заблагодари на лидерите на Иран

Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој претходно се закани со воена интервенција за поддршка на демонстрантите, изгледа се повлече од таа намера.

Во петокот (16.01) тој даде помирлива изјава, заблагодарувајќи им се на иранските лидери што не ги погубиле уапсените демонстранти.

„Иран го откажа бесењето на над 800 луѓе“, им рече Трамп на новинарите додека ја напушташе Белата куќа за да го помине викендот во неговиот имот Мар-а-Лаго во Флорида, додавајќи дека тој „длабоко го почитува“ тој потег.

Ова следеше откако Белата куќа во четвртокот соопшти дека „за претседателот сите опции остануваат на масата“.

Путин разговарал со иранскиот претседател

Русија, блискиот сојузник на Иран, исто така водела разговори за деескалација на ситуацијата, соопшти Кремљ.

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот разговарал и со иранскиот претседател Масуд Пезешкиан и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, изјави портпаролот Дмитриј Песков, опишувајќи ги разговорите како „обиди за олеснување на деескалацијата“.

Москва претходно беше претпазлива и речиси тивка околу протестите.

Иранскиот престолонаследник во егзил повикува на американска интервенција

Во меѓувреме, иранскиот престолонаследник во егзил Реза Пахлави изјави дека е уверен оти Исламската Република ќе падне и повика на странска интервенција.

Пахлави, чиј татко беше симнат од власт со Исламската револуција од 1979 година, рече дека сѐ уште верува во ветувањето на Трамп за поддршка. „Верувам дека претседателот е човек што стои зад своите зборови,“ изјави тој пред новинарите во Вашингтон. „Без разлика дали ќе се преземе акција или не, ние како Иранци немаме друг избор освен да ја продолжиме борбата,“ додаде тој.

„Ќе се вратам во Иран“, вети тој. Неколку часа подоцна ги повика демонстрантите повторно да излезат на улица од сабота до понеделник.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми