1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По лидерската средба - нови околности на политичката сцена

ДТЗ
8 јуни 2023

Власта е подготвена да иницира и закон за преговорите со ЕУ, вели вицепремиерот Бојан Маричиќ. Премиерот в петок ќе ги информира највисоките партиски тела на СДСМ за условите на опозицијата.

Христијан Мицкоски, Димитар Ковачевски
Премиерот в петок ќе ги информира највисоките партиски тела на СДСМ за епилогот на лидерската средба и условите на опозицијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Власта е подготвена да иницира и закон за преговорите со ЕУ, за сите да имаат сигурност дека нема да се задира во идентитетот. Ова го вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по средбата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и првиот човек на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, која донесе извесен исчекор во  разговорите околу уставните измени, како услов за напредок кон ЕУ.  

„По вчерашната средба имаме нови околности на политичката сцена во земјата“, оценуваат од СДСМ.

По лидерската средба, се очекува највисоките партиски тела во СДСМ утре (9.06) да дискутираат и да одлучат како ќе продолжат разговорите со опозицијата. Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, во петок свикал итни седници на Извршниот и на Централниот одбор на партијата. 

Подадена рака за соработка 

„ВМРО-ДПМНЕ не треба да ја одбие понудената рака за соработка, ние уште денес би стапиле во комуникација дали може да се продолжат средбите, не мора да се на највисоко ниво, туку средби на какво било ниво. Понудената рака е великодушна од сите партии, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема причина да не гласа за уставните измени кои ни се толку многу потребни“, вели Маричиќ.

Тој од Тетово порача дека премиерот Димитар Ковачевски имал јасна позиција и понуда до опозицијата – веднаш да се гласа за потребата од отворање на Уставот, да се формира и Влада во која ќе учествува и опозицијата, а потоа да се доврши процесот на уставните измени и да се заврши скрининг фазата.

„Денеска опозицијата некако ретерира од ставот дека е за уставните измени за разлика од вчера. Ние сме подготвени уште веднаш да се формираат работни групи и тимови како да се имплементира оваа идеја“, дециден е Маричиќ. 

Власта е подготвена да иницира и закон за преговорите со ЕУ, вели вицепремиерот Бојан МаричиќФотографија: Justizministerium/Nord-Mazedonien

Нови околности 

Лидерската средба ги подгреа калкулациите кај партиите. СДСМ гледа зрак надеж во тоа што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски јавно кажал дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени.

„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ де факто го променија ставот, прифатија уставни измени и прифатија учество во Влада за европска иднина на паритетна основа, со ист број на министри. Дури и условот ДУИ да не биде дел експресно беше прифатен од страна на ДУИ, само да не се измислуваат нови и нови услови. Од друга страна прифатено е барањето измените на Уставот да важат одложено, односно од денот на одржувањето на втората меѓувладина конференција. Барањето за избори што понатаму ќе ги спроведе заедничката влада исто така е прифатено“, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ. 

Од партијата велат дека е потребно дијалогот да продолжи. „Членството во ЕУ е стратешка цел на државата, врвен приоритет на генерации македонски граѓани и оттаму, обврска на сите политички субјекти да се реализира таа цел. Потребно е национално единство да го заокружиме овој процес, да обезбедиме европска иднина за сегашните и идните генерации“, посочуваат од СДСМ. 

Партијата доби поддршка и од коалицискиот партнер - НСДП, кои се подготвени да го поддржат влезот на ВМРО-ДПМНЕ во Владата со цел остварување на највисокиот стратешки државен интерес - членство во ЕУ, откако во Собранието заеднички ќе биде изгласано прифаќањето на Иницијативата за уставните измени. 

Мицкоски е подготвен да влезе во влада, во која нема да учествува и ДУИФотографија: DW/P. Stojanovski

Разговор и компромис 

Мицкоски денеска преку социјалните мрежи го повтори партискиот став дека ВМРО–ДПМНЕ нема да поддржи уставни промени под овие услови. „Подготвени сме на разговор и компромис, ако тие нè доведат до условите кои се поволни за македонскиот народ. Оваа власт нема повеќе што да понуди и наместо да ја одложува агонијата, нека распише избори, што поскоро“, вели Мицкоски. 

Тој е дециден дека власта нема 80 пратеника за уставни промени, па место гласање во парламентот -  дава понуди и нуди преговори. Ваквиот став следи откако во средата (07.06) во Клубот на пратеници лидерите си разменија неколку предлози и контрапредлози со цел да се добие поддршка за уставните измени. Премиерот првично излегол со предлог заеднички да се изгласаат уставните измени и потоа, веднаш по завршувањето на овој процес да се оди на избори. Меѓутоа, дал и дополнителен предлог за влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата. 

Мицкоски е подготвен да влезе во влада, во која нема да учествува и ДУИ, бара гаранции од ЕУ и уставните измени да важат од моментот кога ќе почне ратификацијата на пристапниот договор за членство на земјата во ЕУ. На ваквиот предлог експресно реагираше ДУИ, која изрази подготвеност да излезе од Владата, откако ќе изгласаат и ќе стапат на сила уставните измени.

„Понудата на ВМРО-ДПМНЕ за широка влада без ДУИ е доказ дека националните интереси, идентитетот и интеграцијата на Македонија во ЕУ се многу поважни од личните и партиски интереси на СДСМ и ДУИ. Таквата влада без ДУИ би била и гаранција за заштита од крадење на изборниот процес и контрола на процесот. Но, широка национална влада без ДУИ е можна само со некриминализираниот дел од останатите партии од власта, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми