По локалните - лицитации со датуми за предвремени избори
10 октомври 2025
Дали по локалните избори Македонија ќе се соочи со нов предизвик - одржување на предвремени избори напролет? Иако владата игра топло - ладно во однос на ова прашање, од Демократската унија за интеграција отидоа чекор понатаму. Високиот функционер во ДУИ и кандидат за градоначалник на Чаир, Бујар Османи вели дека предвремени избори ќе има во март или април идната година.
Најавата следи по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски кој при посетата на Струмица на 8 октомври рече дека по очекуваната победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на локалните избори, логично е да се оди и на предвремени парламентарни избори. Но, додаде тој, при оваа одлука нема да се водат од политичкиот, туку од интересот на државата.
„Ако тоа го гледаме како политичка одлука, би се согласил, но ако го гледаме од државна логика, тогаш поинаку размислуваме. Но, ќе видиме. Прво да се случат работите, па потоа ќе носиме одлуки“, изјави премиерот на бизнис-форум во Струмица.
Претходни Мицкоски во повеќе наврати порачуваше дека „нема логика да се организираат предвремени избори при стабилна влада“.
Предвремени избори во март или април?
Османи, надоврзувајќи се на изјавата на Мицкоски дека по локалните избори во Македонија е можно одржување предвремени парламентарни избори, вели дека според неговите сознанија и проценки, таквите избори ќе се одржат во март или април следната година,.
„Тоа е всушност тоа што го кажувам јас и ние од почетокот, дека да, ќе има предвремени парламентарни избори некаде во март или април. И ова го кажувам аргументирано, врз основа на сите разговори и договори што ги има на политичката сцена“, изјави Османи.
Тој додаде дека изјавата на премиерот само го потврдува она на што ДУИ и другите опозициски политички сили укажувале со месеци, дека сегашната влада е нестабилна и неодржлива. „Се разбира дека на премиерот веројатно му требаа дополнителни аргументи, коишто сега ги гледа на терен, во односот на силите и тоа што се случува. Ситуацијата е неодржлива и затоа веќе почна и тој да го подготвува теренот“, рече Османи.
Најавените избори, според него, ќе бидат можност да се избере нова влада со јасен европски и економски фокус.
СДСМ: Подготвени сме за предвремени избори
Кандидатката за градоначалник од редовите на СДСМ, Каја Шукова, за „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека СДСМ е подготвен за предвремени парламентарни избори кога и да бидат распишани, бидејќи поддршката за нејзината партија расте од ден на ден.
„Во изминатава година и пол поминуваме низ процес на консолидација. Почетоците беа тешки, особено во првите неколку месеци, но со текот на времето гледаме дека состојбата значително се подобрува. Нашите членови сè повеќе се враќаат, општинските организации повторно се полнат, а структурата на партијата е обновена“,изјави Шукова, осврнувајќи се за внатрепартиските случувања.
Според Шукова, граѓаните се разочарани од оваа централна власт, а слична е состојбата и на локално ниво, каде голем дел од ветените проекти не се реализирани. „Тоа незадоволство се претвора во наша предност“, вели таа.