1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиМадагаскар

Војската ја презеде власта во Мадагаскар

ЖА / агенции
15 октомври 2025

По неколкунеделни протести во Мадагаскар, војската ја презеде власта во островската држава. Непосредно пред тоа, парламентот гласаше за импичмент на претседателот Раџоелина, кој се наоѓа во бегство.

вооружени војници во воено возило, поздравувани од млади луѓе - по неколкунеделни протести во Мадагаскар, војската ја презеде власта во островската држава
По неколкунеделни протести во Мадагаскар, војската ја презеде власта во островската државаФотографија: Brian Inganga/AP Photo/picture alliance

Елитна армиска единица тврди дека ја презела власта во Мадагаскар, што дополнително ја ескалира ситуацијата по неколкунеделните протести и немири во островската држава. „Од денеска, ја преземаме власта и го распуштаме Сенатот и Врховниот уставен суд“, изјави шефот на единицата Капсат, Мајкл Рандријанирина, пред претседателската палата во главниот град Антананариво. Но, Националното собрание треба да може да продолжи со својата работа.

Утрото, претседателот Андри Раџоелина, кој избега во странство, објави распуштање на парламентот за да спречи гласање за негово отстранување. Сепак, гласањето се одржа, при што членовите на Долниот дом гласаа со големо мнозинство за  заминување на Раџоелина од функцијата. Претседателството го прогласи гласањето за нелегално.

Уште во текот на викендот елитната единица на војската се придружи на  протестите, предводени првенствено од млади луѓе,  и побара оставка од претседателот. Демонстрациите започнаа на 25 септември, мотивирани од гнев поради прекините на електричната енергија и проблемите со водоснабдувањето, а потоа станаа израз на незадоволство од владата и однесувањето на Раџоелина на функцијата.

Кабинетот на претседателот веќе зборуваше за обид за државен удар во текот на викендот.

Безбедносните сили брутално ги растурија протестите. Според ОН, најмалку 22 лица биле убиени во насилни судири само до првата недела од октомври.

Советот за безбедност на Африканската унија (АУ) свика итен состанок во понеделникот во врска со ситуацијата во Мадагаскар. Меѓународната организација се изјасни против секој неуставен трансфер на власта во Мадагаскар и ги повика сите страни во конфликтот да се вклучат во дијалог.

И покрај изобилството на природни ресурси, Мадагаскар, кој се наоѓа покрај источниот брег на Африка, е една од најсиромашните земји во светот. Речиси 75 проценти од населението живее под границата на сиромаштија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми