1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален светСоединети Американски Држави

Најава за декрет на Трамп: ТикТок е повторно достапен во САД

ЖА
20 јануари 2025

Исклучувањето на ТикТок во САД траеше само кратко: апликацијата сега е повторно достапна. Позадината се изјавите на новоизбраниот претседател Трамп, кој сака да овозможи продолжување на работата на ТикТок со декрет.

ТикТок е повторно достапен во САД
ТикТок е повторно достапен во САД Фотографија: Dado Ruvic/REUTERS

ТикТок е повторно достапен во САД: Операторите на видео апликацијата повторно ја вклучија по околу дванаесет часа. Како причина, тие се повикаа на уверувањето на идниот претседател  Доналд Трамп  дека нема да има казни за американските даватели на услуги на платформата. Трамп ќе положи заклетва денеска, понеделник, но тој во неделата најави дека со декрет ќе ја суспендира забраната за работа на видео апликацијата ТикТок воведена во САД. 

На својот онлајн сервис Truth Social, републиканецот напиша дека ќе потпише соодветен документ на првиот ден од неговото претседателствување. Трамп вели дека се залага половина од услугата што ја управува кинеската матична компанија Бајтденс да биде во сопственост на САД како заедничко вложување.

Трамп претходно најави дека најверојатно  ќе му овозможи на ТикТок одложување од 90 дена. Апликацијата во порака до своите корисници во саботата вечерта соопшти дека не ќе може привремено да се користи во САД, но за среќа, Трамп сигнализирал дека  сака да работи со ТикТок на наоѓање решение.

Апликацијата ТикТок, која е популарна во САД и има 170 милиони корисници, во саботата вечерта по локално време беше исклучена, исчезна и од продавниците за апликации на Епл и Гугл, бидејќи во неделата стапи на сила законот кој го таргетира ТикТок поради безбедносни причини. Според законот, кој стапи на сила во април 2024 година, сопственоста на апликацијата во САД ќе мораше да се смени до 19-ти јануари, во спротивно требаше да се отстрани од продавниците на апликациите во САД и да го изгуби пристапот до инфраструктурата.

Меѓутоа, попустливост сигнализираше не само Трамп, туку и претседателот во заминување  Џо Бајден  јасно стави до знаење дека давателите на услуги во САД треба да останат неказнети. Белата куќа соопшти дека ќе го остави спроведувањето на законот на Трамп. Сепак, на ТикТок - и, според извештаите на медиумите,  особено на партнерите на апликацијата на кои им се заканува казна, првично очигледно сетоа ова не им било доволно, па дојде до  привременото исклучување.

Сомнеж за шпионажа од Пекинг

Зад апликацијата стои кинеската интернет компанија Бајтденс, но компанијата е осомничена за шпионажа поради нејзината близина со кинеската влада. Акцијата без преседан против ТикТок може дополнително да ги заостри односите меѓу САД и Кина. Многу Американци редовно ја користат апликацијата - мал круг на инфлуенсери исто така заработуваат од видеата што се дистрибуираат таму.

Краткорочна продажба на американскиот бизнис на ТикТок се чини малку веројатна. Медиумите неодамна  го наведоа како купувач милијардерот Илон Маск, кој е близок до Трамп. Независно од тоа, друг милијардер претходно најави можност за официјална понуда за преземање во блиска иднина. Меѓутоа, пред извесно време, инсајдери изјавија за новинската агенција Ројтерс дека Бајтденс  повеќе би сакала да го затвори ТикТок отколку да ја продаде апликацијата.

Кина сака да ја блокира продажбата на алгоритмот

На Бајтденс во САД, и тоа надпартиски, се гледа како на кинеска државна компанија. ТикТок контрира со аргументот дека Бајтденс е речиси 60 отсто во сопственост на западни инвеститори. Седиштето на компанијата е на Кајманските Острови на Карибите. Сепак, американските политичари нагласуваат дека кинескиот основач со удел од околу 20 проценти ја има контролата благодарение на повисоките избирачки права и дека седиштето на Бајтденс е во Пекинг, каде што не можат да избегаат од влијанието на властите.

Во исто време, ТикТок самиот во тужбата посочи дека кинеската влада сака да ја блокира продажбата на софтверот за препораки развиен во Кина како јадро на апликацијата. Алгоритмот одлучува кое видео ќе биде прикажано како следно и реагира многу чувствително, меѓу другото, на тоа колку долго корисниците гледаат клип на одредена тема.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми