1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Меѓусебни обвинувања за нападот врз болница во Газа

ЖА / агенции
18 октомври 2023

По експлозијата во болница во Газа, расте загриженоста од ескалација на конфликтот. Израел презентира снимки кои треба да докажат вина на милитантните Палестинци, кои тоа го отфрлаат и прстот го вперуваат кон Израел.

Жртви и ранети во напад врз болница во Газа
Жртви и ранети во напад врз болница во ГазаФотографија: Mohammed Al-Masri/REUTERS

Експлозијата во болница во Појасот Газа со многубројни жртви, според израелските наводи, јасно паѓа на сметка на милитантните Палестинци. Војската на Израел во средата објави снимки кои имаат за цел да докажат дека залутана ракета од палестинската милитантна организација Исламски џихад е одговорна за нападот на  болницата Ал Ахли. Милитантната организација го отфрли тоа. Воздушни снимки презентирани од Израел ја прикажуваат болницата и паркингот каде избувнал пожар, како резултат на што, се вели, се убиени стотици луѓе. Снимките во меѓувреме се повлечени. Засега не е можна независна проверка на информациите.

За разорната експлозија во арапскиот свет, вклучувајќи и меѓу сојузниците на Западот, веднаш е обвинет Израел.  Следеа гневни протести во неколку земји, вклучувајќи ја и Германија.

Што вели израелската страна

Објавената израелска видео компилација содржи споредбени снимки од воздух пред и по фаталниот инцидент. Не постојат кратери кои настануваат типично по израелските воздушни напади, се вели. 

Според израелската армија, станува збор за погрешно наведена ракета испалена од страна на Исламски џихад. Портпаролот на израелската армија Џонатан Конрикус, за американската телевизија Си-Ен-Ен изјави дека израелската војска располага со докази и во форма на пресретнат разговор меѓу терористите на Хамас, во кои тие велат: „Ох, очигледно настана дефект или експлозија на ракета што падна во Појасот Газа."

Покрај тоа, кратко пред инцидент, од централниот или од северниот дел од Појасот Газа била испукана серија ракети кон Израел, што е регистрирано на радарскиот систем на Израел.

Што вели палестинската страна

Милитантната палестинска организација Исламски џихад го отфрли префрлањето на вината од страна на Израелците. Министерството за здравство во Појасот Газа, подредено на радикално исламистичката организација Хамас што владее таму, објави дека „неколку стотици“ луѓе биле убиени и повредени во израелски воздушен напад врз болницата. Точна бројка не се споменува.

Од почетокот на војната во Газа на 7 октомври загинале околу 3.200 луѓе во појасот Газа а околу 11.000 други биле повредени, соопшти во средата Министерството.

Во Израел, во масакрите извршени од страна на Хамас во пограничната област и во деновите потоа, убиени се повеќе од 1400 луѓе. Според израелски информации, повредени се околу 4.400 луѓе.

Израел и милитантните Палестинци меѓусебно се обвинуваат за напад врз болница во ГазаФотографија: Reuters TV/REUTERS

Повеќе арапски држави го обвинуваат Израел за напад врз болницата во Газа

Саудиска Арабија остро го осуди „грозоморното злосторство“ и го обвини Израел за него, како што стои во соопштение од саудиското Министерство за надворешни работи. Ријад ги осудува „тековните напади на израелската окупација“ врз цивили. И Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) вината му ја припишуваат на Израел. Мароко го осуди „бомбардирањето“ на болницата „од страна на израелските сили“, а на осудата на „израелското бомбардирање“ се приклучи и Бахреин. Во Либан владејачкиот Хезболах упати повик денеска да биде „ден на гнев“. Во јорданската престолнина Аман демонстранти се обиделе да влезат во израелската амбасада.

Бајден во тешка мисија, Шолц во Египет

Среде ваквата зовриена атмосфера денеска во регионот пристигна американскиот претседател Џо Бајден. Планирано беше да учествува на четирилатерална средба во Јордан, но владата во Аман ја  откажа по нападот на болницата во Појасот Газа. Ваквата средба ќе се одржи кога „ќе биде донесена одлука за запирање на оваа војна и стопирање на масакрите“, соопшти јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади. На средбата првично требаше да присуствуваат Бајден, јорданскиот крал Абдула Втори, египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, како и претседателот на Палестинците Махмуд Абас, со цел да ја дискутираат  катастрофалната ситуација на цивилите во Појасот Газа. 

Бајден, кој утрово слета во Тел Авив, изјави дека е шокиран и тажен поради експлозијата во болницата во Газа и загубата на човечки животи, за која наредил да се соберат информации.

Германскиот канцелар Олаф Шолц исто така е во регионот. Веста за експлозијата во болницата во Газа ја добил кратко пред заминувањето од Тел Авив. Во меѓувреме тој е во Каиро, на разговори со египетскиот претседател Ал-Сиси. Шолц изрази шокираност од сликите во болницата во Газа. „Икслучително важно е инцидентот да биде детално истражен“, напиша Шолц на Х, поранешен Твитер.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми