1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

По обидот за атентат врз Трамп: Бајден со говор до нацијата

ЕМФ | Тагесшау
15 јули 2024

По обидот за атентат врз Трамп, американскиот претседател Бајден предупреди од насилство во изборната кампања и апелираше луѓето да се однесуваат одговорно. Во говорот до нацијата тој повика на единство и смиреност.

САД | Говор до нацијата на американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден во говор до нацијата потенцираше дека насилството никогаш не е решениеФотографија: Erin Schaff/Pool/REUTERS

По обидот за атентат врз Доналд Трамп, американскиот претседател Џо Бајден во обраќање до нацијата побара умереност во изборната кампања во САД. „Ние разликите ги решаваме на гласачките кутии. Така го правиме тоа - со гласачката кутија, а не со куршуми“, рече Бајден. Политичката дебата во земјата, оцени тој, станала многу вжештена: „Време е да ја оладиме. Сите имаме одговорност да го направиме тоа“, рече Бајден.

Тој потенцираше дека насилството никогаш не е решение: „Нема место за ваков вид насилство во Америка, без исклучок“, рече тој, додавајќи: „Ние не сме непријатели.“

Пукањето врз Трамп „нѐ повикува сите да направиме чекор назад и да размислиме“, нагласи американскиот претседател во говорот до нацијата. Вакво вечерно обраќање од кабинетот на претседателот, емитувано на телевизија, е ретко во САД. Тоа е резервирано за моменти на криза и големи пресвртници во земјата.

За Америка на „пристојност и добрина“

Американскиот претседател во својот говор истакна: „Ќе продолжам да се залагам за нашата демократија, ќе се залагам за нашиот устав и владеењето на правото и ќе повикувам на дејствување кај гласачките кутии, без насилство на нашите улици“. Така треба да функционира демократијата, предупреди тој. „Ние се залагаме за Америка не на екстремизам и гнев, туку на пристојност и добрина“, рече Бајден и побара: „Овде, во Америка, треба да излеземе од нашите силоси каде што ги слушаме само оние со кои се согласуваме“. Тој предупреди на дезинформации и „странски актери кои го разгоруваат пламенот на нашата поделба за да влијаат на изборните резултати кои одговараат на нивните, а не на нашите интереси“.

Доналд Трамп по обидот за атентатФотографија: Gene J. Puskar/AP Photos/picture alliance

Мотивот за атентатот останува нејасен

На противкандидатот на Бајден, Доналд Трамп, беше пукано за време на предизборниот говор во сојузната држава Пенсилванија. Трамп беше повреден. Сторителот, кој според ФБИ е 20-годишен маж од регионот, бил убиен од безбедносните сили. Тој претходно застрелал пожарникар кој бил присутен на настанот. Двајца други присутни гледачи беа сериозно повредени.

Доналд Трамп преживеа обид за атентат

00:55

This browser does not support the video element.

Бајден го осуди нападот веднаш откако се случи. Пред неговиот говор во Овалната соба, тој одржа краток говор во Белата куќа, во кој ги повика сонародниците на обединување.

Почнува конвенцијата на Републиканците

Светот реагира со ужасеност од она што се случи во САД и стравува од спирала на политичко насилство во таа земја. Трамп сака да му биде предизвикувач на актуелниот претседател, демократот Бајден на претседателските избори на 5-ти ноември.

По нападот, се поставуваат прашања дали настанот и Трамп биле соодветно заштитени. Бајден најави независна истрага за да се разјасни што точно се случило.

Подготовки за конвенцијата на Републиканците во МилвокиФотографија: Andrew Harnik/Getty Images

Под влијание на настаните од викендот денеска (15.07) започнува конференцијата за номинација на Републиканската партија. Тајната служба сѐ уште не планира да ги заостри мерките. На настанот, кон крајот на оваа недела, Трамп би требало да биде официјално номиниран за претседателски кандидат на партијата. По нападот, Трамп се обиде да не остави впечаток на слабост: тој вчера отпатува за Милвоки, во американската сојузна држава Висконсин, каде се одржува партискиот собир.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми