Радев подготвува политички пресврт во Бугарија
23 јануари 2026
Бугарија се соочува со нова политичка неизвесност по оставката на претседателот Румен Радев, кој во понеделникот вечерта (19 јануари 2026 година) го објави своето предвремено заминување од функцијата. Иако уставната улога на претседателот е претежно церемонијална, Радев ја претвори во силна политичка платформа и се позиционираше како најпопуларен политичар во државата.
Со својата оставка тој де факто го означи почетокот на нов политички проект – најверојатно партија – со која, според аналитичарите, ќе се обиде да стане премиер и да го редефинира политичкиот систем во земјата.
Радев: од веремонијален претседател до „заштитник на народот“
Иако бугарскиот устав одредува дека претседателот треба „да го олицетворува единството на нацијата“, Радев ја трансформираше оваа улога во нешто многу пошироко. Поранешниот борбен пилот постојано настапуваше како антисистемски фактор, жесток критичар на „мафијата“ и целата политичка елита, која ја обвинува дека ја заробила државата.
Бугарија е парламентарна демократија, но Радев ја користеше својата позиција многу поагресивно од своите претходници – често интервенирајќи во внатрешната и надворешната политика и претставувајќи се како единствениот автентичен глас на народот.
Во изминатите години тој изгради впечаток дека е надвор од класичните партии, што му донесе висока доверба меѓу граѓаните. Сега, токму тој кредибилитет го претвора во политички капитал за влез во партиската политика.
Оставката како предизборен манифест
Говорот во кој Радев ја објави својата оставка звучеше како јасен почеток на изборна кампања. Тој оцени дека Бугарија формално изгледа како демократија, но реално функционира како олигархија.
Според Радев, политиката се води „надвор од институциите“, а моќта ја држат „кулоарските играчи“ и „дискредитирани политичари, меѓународно познати по корупција“.
Тој најави потреба од „нов општествен договор“, без да објасни што точно подразбира под тоа. Не кажа ниту кога и дали формално ќе основа партија, но повеќето бугарски медиуми сметаат дека одлуката е веќе донесена.
Најсилната порака од неговиот говор беше:
„Нашата демократија нема да преживее ако ја оставиме во рацете на корумпирани, послушници и екстремисти.“
„Синдром на спасител“ – болест на регионот
Бугарија, како и некои соседни земји, одамна е погодена од т.н. „синдром на спасител“ – појава во која разочараноста од традиционалните партии редовно создава нови антисистемски фигури што ветуваат пресврт, но ретко го обезбедуваат.
Иако Радев се вклопува во дел од овој шаблон, тој не е типичен популист со празна реторика.
Девет години мандат како претседател му даваат политичка тежина. Неговиот чекор доаѓа во момент на нова политичка криза: пад на владата по корупциски скандали и очекувани вонредни избори – осми по ред од 2020 година.
Првите анкети веќе покажуваат дека нова партија предводена од Радев би можела да победи на изборите.
Конфликт со речиси секоја влада
Радев нема долга историја како застапник на граѓанското општество. Неговата кариера започна во воената елита од комунистичката ера, а и покрај неговата обука во САД, остана наклонет кон Москва.
Како кандидат на Бугарската социјалистичка партија на изборите во 2016 година, тој влезе во остар судир со повеќето влади – особено со поранешниот премиер Бојко Борисов и олигархот Делјан Пеевски, кого Радев го нарекува „корумпиран кулисар“.
Тензии имаше и со прозападната влада на Кирил Петков (2021/22), со која се судри по бројни прашања.
Русија, Украина и ЕУ: Радев на линија на умерен национализам
Во меѓународната политика, Радев се позиционираше во спектарот на умерен десен популизам и национализам.
Не е радикален евроскептик како Виктор Орбан, но често бара Бугарија „поостро“ да ги брани своите интереси во ЕУ.
Тој се спротивстави на воведувањето на еврото на 1 јануари 2026 година, не поради самата валута, туку затоа што не бил организиран референдум.
Tој отворено застапува проруски и антиукраински позиции. Тој ја опиша агресoрската војна на Русија против Украина како „конфликт“ и се обиде да спречи испорака на оружје и друга помош за Украина, се залага за укинување на антируските санкции на ЕУ. На крајот од 2021 година, кога беше прашан кој е сопственик на Крим, тој одговори: „Моментално, Русија“. Тој го опиша демонтирањето на контроверзниот советски споменик во Софија во 2023 година како „агресивна офанзива против историјата и сеќавањето“.
Тензиите со Северна Македонија и прашањето за „новиот општествен договор“
Радев одигра клучна улога и во блокадата на европските интеграции на Северна Македонија. Во дел од бугарскиот политички спектар, Македонија се смета за „дел од бугарската нација“, а токму таквите ставови ги поддржуваше и Радев.
Неуспехот на обидите за подобрување на односите за време на владата на Петков, како и продолжувањето на бугарското вето во ЕУ, во голема мера се припишуваат на притисокот од Радев.
Сега, со неговите најави за „нов општествен договор“, многумина во Бугарија се прашуваат во која насока ќе ја води државата: кон модел сличен на Орбан или кон засилување на демократијата и владеењето на правото.
Одговорот, како што велат бугарските аналитичари, ќе го даде самиот Радев – „кога ќе дојде моментот“.