1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата го презеде кормилото во владата на ФБиХ

Драган Максимовиќ
29 април 2023

Четири во редовен, четири и пол години во технички мандат - владата на Фадил Новалиќ замина во минатото. Во следните 4 години извршна власт во ФБиХ ќе биде влада на чело со Нермин Никшиќ. СДА предупредува од конфликти.

Парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина
Парламентот на Федерацијата Босна и ХерцеговинаФотографија: Dragan Maksimovic/DW

На парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина му беа потребни неколку часа за да изгласа нова влада на предлог на претседателката Лидија Брадара. Изборот следуваше откако Високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ даде наредба тоа да биде завршено во рок од 24 часа. Со одлука на Високиот претставник веќе не беше потребен потписот на вториот потпретседател Рефик Лендо од СДА, со што беше деблокирано именувањето на новата влада по четири и пол години технички мандат на СДА.

Покрај СДП, министерски места во владата добија и Наша странка, Народ и Правда, ХДЗ БиХ и ХДЗ 1990. Премиерот и прв човек на СДП, Нермин Никшиќ, најави економски напредок, развој на стопанството, подобрување на здравствениот систем, зајакнување на културата и односите меѓу ентитетите. „Ја повикувам опозицијата да нѐ коригира, да критикува, но и да се обиде да биде конструктивна. Нека посочува на проблеми, но нека нуди и решенија“, рече Никшиќ.

Никшиќ: Имаме програма од над 50 страници, 49 приоритетни мерки за министерствата и сигурен сум дека ќе тргнеме по тој патФотографија: Klix.ba

„Нѐ предадовте“

Меѓутоа, тешко дека ќе има конструктивна соработка, барем според она што можеше да се види при потврдувањето на новата влада. Демократскиот фронт (ДФ) беше првиот што ја напушти седницата по експозето на Никшиќ, обвинувајќи го новото мнозинство дека ѝ ја продала власта на ХДЗ.

„Денеска му ја испорачувате Федерацијата Босна и Херцеговина на Загреб. Како пратеничка група на Демократски фронт ќе ја напуштиме оваа седница и ќе им се придружиме на граѓаните на протестите, бидејќи не сакаме да учествуваме во рушењето на институциите што ќе се случи потоа“, изјави пратеникот на ДФ, Махир Мешалиќ.

А пред зградата на парламентот граѓански - протести на граѓани кои траеја од почетокот до крајот на седницата. Демонстрантите дојдоа на повик на невладиниот сектор, но и на Партијата за демократска акција (СДА). Незадоволни од наметнатата одлука на Високиот претставник, неколку стотици од нив му дадоа целосна поддршка на потпретседателот на Федерацијата, Рефик Лендо (СДА) и на, сега поранешниот, премиер Фадил Новалиќ. На крајот од седницата, дел од толпата физички ги нападна пратениците кои гласаа за новата влада, како и на дел од министрите. По судирот во кој нема повредени, протестот заврши. СДА замина во опозиција, а првиот човек на оваа партија не е воодушевен од таквиот развој на настаните.

Пред Парламентот на Федерацијата БиХ беа организирани протести против одлуката на Кристијан Шмит да се гласа за формирање влада и покрај законското противење на еден член од раководството на ентитетотФотографија: Dragan Maksimovic/DW

„Ако меѓународната заедница се занимаваше само со нас, а се правеше дека не гледа што се случува, ги трпеше навредите на Додик, се плашам дека работите можат да се лизнат таму каде што не треба. Ќе застанат во рацете на патриотите. Сите знаеме до каде може да оди ова - до повторување на тешки конфликти. Веќе не сме мешани како што бевме во 1992 година“, изјави Бакир Изетбеговиќ.

Новалиќ не се откажува

СДА ја напушти седницата по ДФ и не учествуваше во изборот на нова влада. Фадил Новалиќ им се заблагодари на граѓаните за поддршката, порачувајќи дека тоа не е крај.

„Ова е само почеток на нашата борба против наметнатата влада во духот на христијанските вредности“, напиша Новалиќ на својот ФБ профил.

„Едно е сигурно, нема да се измориме. Ве поздравувам сите од се срце и испраќам порака: ДО КОНЕЧНА ПОБЕДА“. 

Славо Кукиќ, аналитичар од Мостар, вели дека вокабуларот на политичките лидери во цела Босна и Херцеговина е изедначен или можеби никогаш и не бил различен, што може да се види од осудата на меѓународната заедница од страна на СДА, која до вчера стоеше во нејзина одбрана. И за нив се виновни сите што доведоа до таков политички пад, вели Кукиќ.

„Тоа е вокабулар за подигање национални тензии, што само може да ја чини БиХ иднина, и тоа е вокабулар што мора да ги алармира меѓународните центри на моќ“, смета Кукиќ.

Меѓународните центри на моќ олицетворени во ОХР (Канцеларијата на Високиот претставник), во претставниците на ЕУ во Босна и Херцеговина, но и амбасадите на западните земји, го поздравија конституирањето на новата влада.

Високиот претставник Кристијан Шмит наметна одлуки и го деблокираше формирањето на Владата на ФБиХФотографија: Elman Omic/AA/picture alliance

„Сега е време владејачката коалиција да почне да владее и да спроведе витални реформи неопходни за раст на економијата на Федерацијата на Босна и Херцеговина, зајакнување на владеењето на правото, борба против корупцијата и подобрување на социјалните услуги“, соопшти американската амбасада воБосна и Херцеговина. Делегацијата на ЕУ во БиХ и ОХР наведуваат дека новата влада, заедно со другите институции во земјата, сега има историска одговорност да го забрза патот на БиХ кон Европската унија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми