1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија врти в десно

Ханс Фајфер
10 октомври 2023

По поразот на владејачките партии на изборите во две германски покраини, канцеларот Шолц и неговата левичарска коалиција се под притисок. Знаците на заострување се особено видливи кога станува збор за политиката за азил.

Копретседателката на Алтернатива за Германија, Алис Вајдел
Копретседателката на Алтернатива за Германија, Алис ВајделФотографија: WOLFGANG RATTAY/REUTERS

Владејачката коалиција во Германија на канцеларот Олаф Шолц, составена од три партии (СПД, Зелени, ФДП), забележа само загуби на покраинските избори во Баварија и во Хесен. Тоа беше особено горчливо за Шолц и за неговите социјалдемократи (СПД): и во двете покраини тоа беше најлошиот резултат на партијата на покраински избори во историјата на Сојузна Република Германија. А Либералите (ФДП), една од трите партии во коалицијата на сојузно ниво, не успеаја ниту да влезат во покраинскиот парламент во Баварија.

Во исто време, триумфираше делумно десничарската екстремистичка партија Алтернатива за Германија (АфД). Таа партија, која германската тајна служба ја класифицира како сомнителен случај на антиуставна активност, постигна рекордни резултати во двете покраини. Во Баварија стана трета најмоќна со 14,6 отсто од гласовите, а во Хесен дури втора најмоќна со 18,4 насто.

Поместување в десно

Покраинските избори немаат директно влијание врз рамнотежата на политичките сили на сојузно ниво во Германија, бидејќи сегашните коалиции предводени од конзервативците, ЦСУ во Баварија и ЦДУ во Хесен, и натаму можат да владеат. „Во Германија и натаму е доминантен политичкиот центар, но она што го забележуваме е дека има промена надесно не само во јавниот дискурс, туку сега и на изборите“, изјави политикологот Карл-Рудолф Корте за Втората програма на германскиот јавен сервис ЗДФ.

За време на изборната кампања, Алтернатива за Германија првенствено се фокусираше на прашањата за азил и за миграција. Таа партија се залага за депортирање на милиони баратели на азил од Германија и од Европа. Истовремено, тоа со години ги подгрева стравовите од муслиманите и имигрантите, особено ако тие доаѓаат од Африка, Авганистан или од Блискиот Исток.

Бројот на баратели на азил во Германија повторно се зголеми во текот на 2023 година, а речиси половина од нив доаѓаат од Сирија и од АвганистанФотографија: Patrick Pleul/ZB/dpa/picture alliance

АфД сака радикално да ја ограничи имиграцијата во Германија и се чини дека тоа во моментов е популарно кај многу германски гласачи: според сегашните податоци на институтот за истражување на јавното мислење „Инфратест димап“, АфД успеа да ги придобие гласачите од сите политички табори со нејзината кампања. Таа стана втората најсилна сила меѓу младите гласачи. „Инфратест димап“ укажува дека за АфД сѐ повеќе се гласа поради убедување, а сѐ помалку поради протест.

АфД се залага за масовни депортации

На прес-конференцијата на Алтернатива за покраинските избори, копретседателката на партијата Алис Вајдел ја критикуваше Германија дека им дозволува на луѓето од Ирак, Сирија и од други земји „неконтролирано“ да влезат во земјата. „Мора веднаш да се запре приливот на луѓе од тие земји“, побара Вајдел. Сепак, таа не спомена дека огромен процент од барателите на азил кои доаѓаат од земји како Сирија имаат законско право на азил и затоа се легално во Германија.

Прашањето за азилот со месеци доминира во политичките дебати во Германија. Сѐ погласни се повиците за зголемување на бројот на депортации на одбиените апликанти. Во последно време повторно е зголемен бројот на баратели на азил. До септември 2023 година во Германија се поднесени над 250.000 барања за азил- што е повеќе од претходната година, соопшти Сојузната канцеларија за миграција и бегалци. Според официјалните лица, повеќето од барателите имаат законско право на заштита, а со тоа и право на престој. Во дебатата за азил погласни се оние кои се за ограничување на бројот на приеми, иако е нејасно како тоа точно треба да изгледа.

Демохристијаните, победници на изборите во Баварија (ЦСУ) и Хесен (ЦДУ), исто така, го свртеа своето внимание кон прашањата за азил и за миграција. Ден по изборите во тие две покраини, го повикаа канцеларот Шолц да преземе мерки за миграциската политика. „Гледаме дека во Германија врие“, изјави генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман, за Првата програма на јавниот сервис АРД, зборувајќи за големиот број бегалци.

Трипартиската владина коалиција предводена од канцеларот Олаф Шолц (СПД) со месеци се бори да најде заеднички јазик кога станува збор за миграциитеФотографија: Kay Nietfeld/picture alliance/dpa

Училиштата и градинките немаат доволно кадар, а товарот се одразува и во здравствениот систем, кој е особено оптоварен од бегалците, оцени Лајнман. Меѓутоа, Националното здружение на лекари, кое претставува 185.000 лекари во Германија, укажува дека ова тврдење не е точно. „Причината за тоа не се одбиените баратели на азил, туку хронично недоволното финансирање во здравствениот систем“, изјави за ЗДФ извршниот директор на здружението, Андреас Гасен.

Законот за азил како историска одговорност

Дискусиите за азилот и миграциите веројатно наскоро ќе се одразат врз потезите на сојузната влада. Лидерот на владејачките социјалдемократи (СПД), Заскија Ескен, вети брзи одлуки за прашањето за миграциите: „Канцеларот Олаф Шолц им подаде рака на соработка на покраините, општините, но и на демохристијаните“, рече Ескен по состанок на извршниот одбор на СПД.

Во исто време, бројни иницијативи и здруженија предупредуваат од ерозија на германскиот закон за азил. На пример, 270 научници потсетуваат на историската одговорност на Германија. Во нивното соопштение се вели: „За време на Втората светска војна, националсоцијалистичкото насилство доведе до прогон, протерување и убивање на милиони луѓе. Обидите да се постигне договор во меѓународната заедница за прифаќање на еврејски и други бегалци пропаднаа. Иако беа соочени со смрт, многу луѓе наидоа на затворени врати“.

Наместо да поттикнуваат страв од имигранти и бегалци, политичарите, како што се наведува во соопштението, треба да водат „емпириски заснована и конструктивна дебата, базирана на факти“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми