Филипче најави промени во СДСМ
2 ноември 2025
Во СДСМ следуваат политички и кадровски промени, најави партискиот претседател Венко Филипче по тешкиот пораз на неговата партија на локалните избори. Тој потврди дека потпретседателката на партијата Ана Чупеска поднела оставка на функцијата и рече дека „соработката со неа ќе продолжи во друга форма“.
„Овие избори се јасен патоказ за СДСМ, и за мене како претседател. Јасно е какви промени треба да се направат, политички и кадровски“, рече Филипче. Тој рече дека промените ќе ги соопшти следните денови по седници на Извршниот и Централниот одбор на партијата. Не сакаше да соопшти детали, но рече дека партијата ќе добие „делумно освежено раководство".
Филипче се пожали на притисоци врз кандидатите на СДСМ за градоначалници во вториот круг на Локалните избори од страна на власта.
„Се соочуваме со истата деструктивна власт на ВМРО-ДПМНЕ како во минатото, која ги злоупотребува сите институции кои и се под контрола“, рече Филипче.
„Согласно изборниот резултат, СДСМ е втора партија во земјата, и прва во опозицискиот блок. Тоа е силен поттик да продолжиме да се бориме со оваа власт која никогаш повеќе нема да има таква поддршка каква што имаше на парламентарните избори минатата година“, рече Филипче.