1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

По посетата на Кина, Макрон се оддалечува од Европа

Autorenbild | Alexander Görlach
Александар Герлах
29 април 2023

И по речиси три недели од посетата на францускиот претседател на Кина, на виделина излегуваат сѐ повеќе иритирачки детали од неговите договори со Ши Џинпинг, смета Александер Герлах.

Дали Емануел Макрон води надворешна политика во служба на Пекинг?Фотографија: LUDOVIC MARIN/AFP/Getty Images

Со својата нова надворешна политика, Емануел Макрон изгледа сака да раскине со француските партнери. По неговата контроверзна изјава дека Европејците не треба да дозволат да бидат вовлечени од САД во војна околу Тајван, следеше откривање на таен договор меѓу него и кинескиот владетел Ши Џинпинг за доведување на Украина и диктаторот од Кремљ, Путин, на преговарачка маса ова лето. Макрон сака да соработува на кинескиот „мировен план“ за Украина.

Планот со право го критикуваат слободарските партнери на Киев, бидејќи Пекинг во него го презема наративот на рускиот агресор Путин и дел од вината за војната префрла и на Украина. Таквиот пристап на Пекинг, односно на Кремљ, се чини дека сега го дели и Макрон. Тоа што кинескиот амбасадор во Париз истовремено со ваквото обелоденување објавува дека државите од поранешниот Советски Сојуз, вклучително и Украина, всушност и не се вистински држави признати според меѓународното право, секако не е случајност.

Пресврт во кинеската политика за Украина

Франција со тоа станува поприште на кинеската политика за Украина. Досега Пекинг тврдеше дека се залага за сувереноста на националните држави, како што стои во Повелбата на ОН. Иако Пекинг ја призна Украина и уште во 2013 година потпиша далекусежен економски договор со Киев, во Пекинг не можеа да се решат за осуда на рускиот напад врз суверената држава. На таквата противречност посочуваат критичарите на Кина од почетокот на војната. Неа сега ја разреши Ши Џинпинг со тоа што беше соопштено дека Украина всушност и не е вистинска суверена држава.

Александер ГерлахФотографија: Hong Kiu Cheng

Сега секому треба да му е станато јасно дека Пекинг не може да биде мировен посредник во оваа војна. Ши зборува на ист начин како неговиот пријател Путин. Во неговиот светоглед нема Украина, туку „света Русија” во која припаѓа и територијата на Украина. Путин затоа носи деца од Украина за да спроведе „русификација” и се крадат уметнички богатства од Украина за да ѝ се одземе културата на земјата. И тој човек, кого го бараат со меѓународна потерница заради воени злосторства, Макрон сака да го седне со претседателот Зеленски на иста маса.

Ако изјавата на Макронза Тајван беше страшна несреќа, тогаш најновиот развој за француската дипломатија и ставот на Франција во слободарскиот свет претставува тотална штета. Од Париз се слушаат гласови дека во Министерството за надворешни работи биле шокирани од постапувањето на Макрон и дека тие повторно мора да „метат” зад него. Макрон на внатрешнополитички план е под страшен притисок поради пензиската реформа и сака со надворешнополитички „успех” да им покаже на Французите дека со него на чело имаат силен лидер кој со кинескиот претседател разговара на исто ниво.

Франција на ист курс со Индија и Бразил

Страдалници се нападнатите Украинци, а веднаш зад нив и луѓето во Тајван, за кои, благодарение на изјавата на Макрон, кинески напад врз нивниот остров станува поверојатен. Франција сега предлага пат кој има сличности со ставот на Бразил и Индија - и тие две држави во врска со Украина му се умилкуваат на Ши, бараат мировни разговори и го преземаат наративот на Кремљ.

За Макрон улога може да одиграло и тоа што Париз сака да се одмазди за договорот на САД, Велика Британија и Австралија, кои одлучија Австралија да ја опремат со подморници со нуклеарен погон и за што налогот наместо за евентуален модел од Фарнција, отиде во САД. Во Елисејската палата тогаш владееше бес затоа што француската воена индустрија изгуби бизнис вреден повеќе милијарди долари. Американскиот претседател Џо Бајден кратко  потоа го прими бесниот Макрон, но таквиот гест очигледно не бил доволен за разлика од повеќечасовната приватна средба со Ши Џинпинг во Народна Република Кина.

Пресврт за Европа

Тоа што си ја обезбедил наклонетоста на атомската сила Франција, која има стационирано сили и во западниот дел од Пацификот, за кинескиот лидер е одличен резултат од таквата средба. Со тоа го уништи и пристапот за заедничка европска политика. Штетата за оската Париз-Берлин-Варшава е огромна.

На Европа ѝ претстои пресврт, бидејќи Париз пријателството со европските партнери го менува за алијанса со кинеската и руската диктатура. Ако Макрон не ја поправи својата огромна грешка, би можел со своите постапки да ја загрози ЕУ како целина.

Александар Герлах е виш соработник на Советот Карнеги за етика во меѓународни односи и вонреден професор на школата Галатин на Универзитетот во Њујорк, каде што предава теорија на демократија. По престојот во Тајван и во Хонг Конг, овој регион во светот, особено подемот на Кина и што тоа значи за демократските држави во Азија, стана централна тема на неговата научна работа. Бил на различни позиции на универзитетот Харвард и на универзитетите во Кембриџ и Оксфорд. Александар Герлах живее во Њујорк и Берлин.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми