1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

По повлекувањето на Џо Бајден од кандидатурата – што следи?

Карла Блајкер
22 јули 2024

Претседателот Џо Бајден соопшти дека нема да се кандидира за реизбор на 5 ноември. Како Демократите ќе номинираат нов кандидат и што е посредувана Конвенција?

Американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден соопшти дека нема да се кандидира за реизбор на 5 ноемвриФотографија: Gerald Herbert/AP Photo//picture alliance

По повеќе недели во кои ги отфрлаше критиките на негова сметка и тврдеше дека не е престар за потенцијален втор мандат во Белата куќа, Џо Бајден на 21 јули соопшти дека  нема да се кандидира повторно.  Бајден се соочи со  бран барања да се повлече откако на првата телевизиска дебата на 27 јуни со веројатниот противкандидат од Републиканците, Доналд Трамп, се покажа многу слабо. „Ми беше најголемата чест во животот да ви служам како претседател", вели Бајден во објавата од 21 јули во која додава дека „иако имав намера да се борам за реизбор, сметам дека е во најдобар интерес на партијата и државата да се повлечам."

Тоа значи дека Демократите ќе мора да најдат  нов кандидат за претседател –  за помалку од четири месеца пред изборите во ноември. Еве како тоа ќе изгледа.

Што вообичаено би се случувало на конвенцијата на Демократите? 

Нешто порано годинава американските гласачи учествуваа во процесот, во кој Демократите и Републиканците во секоја сојузна држава гласаат за тоа кој би сакале да ги застапува на изборите во ноември годинава. Лицето кое добива најмногу гласови зад себе ги има делегатите, чијшто број во секоја сојузна држава зависи од бројноста на населението во неа. Па така победа во Калифорнија носи поголем број делегати отколку во Вермонт.

На прелиминарните избори во САД, како во март во Чикаго, партиите гласаат кој ќе биде веројатниот кандидат за претседателските избори во ноември Фотографија: Jim Vondruska/REUTERS

На Демократската национална конвенција во август делегатите на Демократите ќе се соберат и ќе гласаат за претседателски кандидат.  Во првиот круг Бајден ги доби мнозинството делегати, односно речиси 3900 со околу 40 кои останаа неодредени, или се одлучија за кандидати кои во старт немаа шанса. Со Статутот на Демократската партија, тие околу 3900 делегати вообичаено би биле обврзани да гласаат за Бајден.

Но, со повлекувањето тие веќе не се обврзани и може да гласаат за кого сакаат на отворената конвенција.

Што ќе се случува на отворената конвенција?

Во пресрет на настанот во Чикаго на 19 и 20 август раководството на Демократите ќе се обиде најбрзо што може да најде кандидат за кого ќе проценат дека ќе може да ја обедини партијата. Целта е да се избере некој кој ќе повлече гласови од широкиот идеолошки спектар, затоа што само ако успеат да мотивираат доволен број на гласачи да излезат на изборите воопшто може да сметаат на  шанса против Трамп. Кандидатот одобрен од лидерите на партијата ќе се бори за гласови од делегатите, но тоа ќе може да го направи и било кој кандидат и тоа е суштината на отворената конвенција.

Ако некој мисли дека е подобар кандидат од изборот на раководството, може да влезе во трката, под услов да собере потписи од 600 делегати, што е единствениот предуслов.

Важно е да се напомене дека иако Камала Харис е препораката на Бајден  и мошне веројатен нов кандидат, не значи дека автоматски ќе се стекне со таков статус само затоа што е потпретседателка на САД. Кога претседателот не може да ја извршува функцијата, потпретседателот стапува на негово место, но тоа не важи и за кандидатурата за нов претседателски мандат.

Пред последните избори во 2020 година, партиската конвенција на Демократската партија за номинација главно се одржуваше дигитално поради пандемијата на ковид Фотографија: Carolyn Kaster/AP Photo/picture alliance

Според АП, актуелно има 3,939 делегати, кои гласаат во прв круг, и ако еден кандидат добие повеќе од 50 проценти од гласовите, тој ќе биде новиот кандидат на Демократите.

Што е посредувана конвенција?

Ако никој од кандидатите не освои повеќе од 50 проценти во првиот круг, настанот ќе се претвори во посредувана конвенција. Раководството и кандидатите, како и влијателни членови на партијата ќе преговараат со делегатите за да ги придобијат. Во оваа фаза може да се создадат нови коалиции, на пример ако еден од кандидатите се обиде да убеди противкандидат да застане зад него, наместо да настапува против. Ако сакате да добиете претстава како тоа изгледа, сериите како The West Wing и House of Cards имаат епизоди кои ги доловуваат драмите што се случуваат зад сцените на таквите конвенции. Во реалноста Демократите последен пат имале во 1952 година таква конвенција. Сега едноставно ќе се гласа во многу повеќе кругови и групи кои не можеле да учествуваат во првата рунда сега исто така ќе гласаат, а тоа се неврзаните делегати. Според Балотпедија, онлајн енциклопедијата за американската политика, има 739 такви и тие во примарниот круг гласање не биле обврзани да гласаат за конкретен кандидат. Тоа се членови на Демократската национална конвенција, членови на Конгресот, гувернери и поранешни партиски претседатели кои во вториот круг може да гласаат за кого сакаат. Гласањето ќе се одвива сѐ додека еден кандидат не добие повеќе од 50 проценти од гласовите, без разлика колку круга гласање да бидат потребни за тоа. Тогаш ќе се знае кој ќе го замени Бајден на изборите во 2024 година.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми