1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По пожарите - дрвокрадци ги сардисаа македонските шуми

ДТЗ
7 септември 2024

Дрвокрадците не спијат ниту дење, ниту ноќе, обидувајќи се да извлечат се што е вредно од шумите низ Македонија и да го продадат пред почетокот на зимата.

дрвокрадци
По пожарите - дрвокрадци ги сардисаа македонските шуми. фото:архиваФотографија: DW/J. Beck

По големите огнени стихии коишто нанесоа огромна штета на македонските шуми, есенва се заканува нова опасност. Дрвокрадците не спијат ниту дење, ниту ноќе, обидувајќи се да извлечат се што е вредно од шумите и да го продадат пред почетокот на зимата. Кубик дрва последниве години почна да вреди како „чисто злато“. Повеќето домаќинства се загреваат се уште на дрва или пелети, што е дополнителен поттик за дрвокрадците и препродавачите за дебела заработка секоја зима. 

Изминатата недела во неколку акции беа запленети камиони полни со огревни нежигосани дрва. Вработени во Национални шуми велат дека станува збор за добро разработена шема која што фунционира со години наназад. Со оглед на тоа дека се огромни пари во игра, во ланецот се вклучени речиси сите институции. Штетата која што им се нанесува на шумите е огромна. Ако пожарите летово  „проголтаа“ околу 1,5 милијарди денари, последиците од кражбите на шумскиот фонд се далеку поголеми. 

Извештајот на „Глобал форест воч“ објавен пред неколку години покажа дека над 35 илјади хектари шума се загубени во Македонија во последните 17 години, поради бесправна и прекумерна планска сеча на дрва. Проценките се дека шумската мафија заработува и до 25 милиони евра годишно од нелегалното сечење дрва.  

Дрвокрадците не мируваат ни дење ни ноќе

Деновиве на влезот во село Дрслајца, општина Струга е одземено едно возило со кое се превезувале букови огревни нежигосани дрва. Дека дрвокрадците не мируваат ниту во недела, покажа и неодамнешна акција над Банско на планината Беласица. По претходно добиени информации, шумочуварската служба на подружница „Плачковица" - Радовиш при ЈП „Македонски Шуми", во неколку наврати одзедоа поголема количина бесправно посечена дрвна маса која на добро обработен софистициран начин била доставувана до крајните купувачи.

„Се работи за одземена количина дрвна маса од група која подолг период работела на овој начин. Прибавени се сите потребни докази за дополнително утврдување поголема вина, а со цел целосно прекинување на овој нелегален канал преку кој во минатото се снабдувале огромен број семејства во радовишко“, информираше заменик - директорот на Национални шуми, Кире Михаилов.

И при заедничка контрола составена од припадници на МВР, шумската полиција и вработени во ЈП „Македонски Шуми" од подружницата во ПШС Крушево, неодамна беше откриена група која без соодветна дозвола исекла поголема количина квалитетни дабови огревни дрва на границата меѓу подружниците Крушево и Демир Хисар. Дрвата се конфискувани. 

Дрвокрадците не спијат ниту дење, ниту ноќе, обидувајќи се да извлечат се што е вредно од шумитеФотографија: Fotolia/Martin Thum

Силна логистика

Во акција на шумската и граничната полиција „падна" и еден камион на територијата на ПШС „Лопушник" - Кичево. Се работи за бесправно посечени дрва од планината Бистра во шумско стопанска единица „Тајмишка Река". „Ова е место од каде во изминативе седум години буквално исчезнале цели оддели, а без притоа одговорност да не понесе никој“, посочуваат од Национални шуми.

Скопска Црна Гора, Китка, Брест, Малино - се неколку црни точки кои со години наназад се наведуваат како главни дестинации за дрвокрадците. „Ние таму како шумарство не сме влезени, немаме легално посечено ниту еден кубик во изминативе години“, вели Михаилов за ДВ. Но, мештаните посочуваат дека од овие локации „фрчат“ камиони со дрва и шумата е опустошена.  

Разработена шема 

Дрвокрадците „царуваат“ на теренот бидејќи имаат силна логистика. Михаилов вели дека често се случува нивните акции да пропаднат, поради „кртови“, коишто ги има во сите структури и коишто им шепнуваат на дрвокрадците дека се подготвува акција за нивно разотривање.

„Одредени структури успеваат таа дрвна маса да ја сечат на нелегален начин и за жал ја „легализираат“ и продаваат. Тоа е најголемиот проблем“, посочува нашиот соговорник. 

Зголемените кражби на дрва зачестија по пожарите коишто ги зафатија македонските шуми. Како еден од мотивите за потпалување на шумите се наведуваа токму бизнис интересите за профит од опожарените предели. 

Национални шуми најавија измени во годишните планови, за да бидат опфатени со сеча огревните дрва од опожарените површини. Но, се планира дрвната маса која што била зафатена со пожар да ja продава по редовни цени, а не по пониски како што било претходно. 

Полициските дронови открија обид за нелегална сеча на дрва за огрев токму во пределот на планината Серта, каде што ситуацијата беше и најкритичнаФотографија: Petr Stojanovski

Дроновите фатија крадци 

Летово на терен беа пуштени и полициските дронови коишто ги мониторираа опожарените појаси, при што открија и обид за нелегална сеча на дрва за огрев токму во пределот на планината Серта, каде што ситуацијата беше и најкритична со пожарите и на сила беше забрана за движење во шума.  

Проценките се дека само за три години, од 2020 до 2023 година од страна на Шумската полиција се поднесени над 6.000 прекршочни и кривични пријави до надлежните служби и изречени се над 3.100 правосилни пресуди. Привремено се одземени над 10.000 метри кубни дрвна маса од огревно дрво, трупци и друго техничко дрво, а над 1.100 метри кубни дрвна маса е останата на лице место поради неможност за транспорт. Одземени се и 248 товарни возила, 1.009 патнички моторни возила, 112 трактори, над 400 приколки и запреги, 471 моторни пили, 122 рачни пили и над 400 секири и друга опрема за сечење дрва.

Од 2017 година досега од страна на МВР се поднесени вкупно 943 кривични пријави до Основните јавни обвинителства, за сторени вкупно 1.176 кривични дела за кои пријавени се вкупно 1.473 сторители, меѓу кои најзастапени се „кражба“, „вршење јавен превоз без поседување лиценца“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „пустошење шума“.

Податоците од истражувањето „Истоштени шуми – мапирање на организиран криминал во форма на нелегална сеча“, спроведено од Центарот за европски стратегии – Евротинк покажаа дека околу 25.000 кубни метри дрва се бесправно исечени во четири општини (Струмица, Гевгелија, Прилеп и Велес) во Северна Македонија во последните шест години, со што е направена штета од над еден милион евра.  

„Садиме дрвја под чии сенки нема да седиме“

01:31

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми