По изборите, Тајван го загуби првиот дипломатски сојузник
15 јануари 2024Науру ќе ги прекине дипломатските односи со Тајван и ќе ја признае Кина, соопшти денеска (15 јануари, 2024) владата на малата островска држава во Тихиот Океан.
Така Науру стана првиот дипломатски сојузник на Тајван кој застана на страната на Пекинг по претседателските избори во саботата на кои победи поддржувачот на независноста Лаи Чинг-те.
Владата на Науру соопшти дека е „во најдобар интерес“ на земјата и на нејзиниот народ да бара целосно обновување на дипломатските односи со Кина.
„Тоа значи дека Република Науру повеќе нема да го признава Тајван како посебна држава, туку како неотуѓив дел од кинеската територија и дека од овој ден ќе ги прекине 'дипломатските односи' со Тајван и повеќе нема да развива никакви официјални односи со Тајван“, се наведува во соопштението.
Потегот на Науру го остава Тајван со само 12 официјални дипломатски сојузници, вклучувајќи ги Гватемала, Парагвај, Есватини, Палау и Маршалските Острови. Кина тврди дека Тајван е нејзина територија без право на меѓудржавни врски, што Тајван силно го оспорува.
Тајванските безбедносни претставници изјавија за Ројтерс пред изборите во саботата дека Кина веројатно ќе продолжи да врши притисок врз неколкуте земји кои имаат официјални дипломатски врски со Тајван.
Лаи Чинг-те од владејачката Демократска напредна партија во Тајван победи на претседателските избори во саботата и ќе ја преземе функцијата на 20 мај. Кина пред изборите го нарече Лаи опасен сепаратист.