1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можна ли е сѐ уште украинска контраофанзива?

Макс Сидоршевскиј
15 април 2023

Според американската телевизија Си-Ен-Ен, Киев ги ревидирал плановите за својата контраофанзива поради протекувањето на документите на американските тајни служби. Но, тоа го негираат и украинските власти и експертите.

Украина војна Бахмут
По протекувањето на тајни документи за украинската војна, американската влада отвори кривична истрагаФотографија: Muhammed Enes Yildirim/AA/picture alliance

Објавените наводни документи на американските разузнавачки служби, кои се појавија во јавноста минатата недела, според некои американски медиуми се едно од најголемите протекувања на податоци во последниве години. Повеќето објавени материјали директно или индиректно се однесуваат на војната на Русија против Украина. Се вели дека наводните разузнавачки документи содржат податоци за испораката на западната воена помош, наводно лошата состојба на украинската противвоздушна одбрана и бројчената сила на украинските единици на фронтот.

Според извори на Си-Ен-Ен во Киев, Украина поради протекувањето на тајни документи наводно променила некои од своите воени планови. Додека Киев официјално го негира ова и уверува дека протекувањето на податоците нема да влијае на контраофанзивните планови на украинската армија, Вашингтон води кривична истрага за протекувањето. Тоа, како што се вели, може да претставува „голем ризик“ за националната безбедност на САД.

Киев: Протекувањето на податоците не влијае на плановите

Стратешките планови на Украина останаа непроменети, изјави за Ројтерс советникот во канцеларијата на украинскиот претседател Михајло Подољак. Попрецизните тактички планови постојано се прилагодуваат: „Има стратешки задачи и тие се непроменети. Но, оперативно-тактичките сценарија постојано се разгледуваат, врз основа на проценка на ситуацијата на бојното поле, снабдување со разузнавачки податоци за непријателските ресурси и слично. Преоценување на плановите во моментов воопшто не е можно, бидејќи тие дури сега се разработуваат“, објасни Подољак.

Тој неодамна на Твитер напиша: „Треба помалку да се грижиме за 'протекување' и повеќе да се занимаваме со размислување за оружје со долг дострел за да ја завршиме војната како што треба и да ја соочиме Руската Федерација со реалноста.“ 

Коментирајќи го протекувањето на податоците, секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Олексиј Данилов, нагласи дека Киев работи на сопствени воени планови и дека „не нѐ интересираат мислењата на луѓе кои немаат никаква врска со тоа“. „Кругот на луѓе кои имаат информации е крајно ограничен“, уверува тој.

Што ќе се случи со украинската контраофанзива?

Експертите со кои разговараше ДВ се сомневаат дека протечените документи на тајните служба можат да влијаат на планираната украинска контраофанзива. Олег Катков, главен уредник на украинското стручно списание Defence Express, забележува дека податоците не содржат никакви информации што претставуваат закана.

„Содржината на документите не личи баш на класифицирани информации, повеќе на 'брошура за анализа' за луѓе кои имаат само нејасна претстава за тоа што се случува. Таквите документи обично не содржат ништо што е тајно. Апсолутно тајност е кога некој документ има степен на тајност. Таквите документи не ја напуштаат агенцијата и не циркулираат ниту во нивните канцеларии“, изјави Катков за ДВ.

Воениот експерт и резервен полковник на вооружените сили на Украина, Роман Свитан, исто така посочува дека значаен дел од „протечените“ информации претходно биле јавно достапни и всушност не биле тајни. Затоа, според него, тие никако не можат да влијаат на воените планови на Киев. „Тоа се прилично едноставни документи кои се собрани за брифинзи или за да се дадат информации на многу луѓе“, вели експертот за ДВ. Тој смета дека документите биле означени како тајни иако информациите не биле доверливи. Според него, протекувањето „не предизвикало проблеми“.

Пентагон најави ревидирање на пристапот до тајни информацииФотографија: Andy Dunaway/US Air Force/dpa/picture alliance

Кој има полза од протекувањето на податоците?

Виновникот за протекување на документите според американските власти е вработен во воена база во САД и тој е уапсен. Станува збор за млад љубител на оружје кој ги споделил документите во чет-група на платформата Дискорд. 

Во интервјуто со Олег Катков, кое ДВ го направи пред објавувањето на извештајот на „Вашингтон пост“ и приведувањето на осомничениот за протекување на документите, тој посочува дека проблемот со ваквото протекување на податоци е што не може да се проверат ниту изворот ниту самата информација. Затоа, тој не исклучува дека протекувањето е всушност масовна кампања за дезинформации, во која се вклучени земји партнери на Украина, за да се збуни руското воено раководство. „На пример, во однос на проценката на можноста за украинска контраофанзива, како и количеството на опрема испорачана од партнерите“, вели Катков, додавајќи дека ова може да биде една од целите и еден од можните извори на протечените документи.

Наводните тајни документи содржат, како што се вели, и информации за испораки на оружје за украинската армијаФотографија: Gregor Fischer/AP/picture-alliance

Сепак, експертот се сомнева дека ваквото протекување на податоци во Русија се смета за сериозен извор. „Овие информации не се сметаат за верифицирани од специјалисти во Руската Федерација. Тие несомнено се перципираат, но не се сметаат за главен извор на информации“, вели Катков. Според него, руската тајна служба има подобри можности да собира информации. Освен тоа, објавените документи не содржат никакви информации што руската војска и разузнавачките служби не би можеле да ги добијат преку свои канали.

Роман Свитан, со кого ДВ исто така разговараше пред да биде откриен случајот со изворот на протечените документи, е убеден дека протекувањето на податоците може да е и специјална психолошка операција на руската тајна служба, која била изведена крајно несмасно. Затоа, смета тој, Украина може сето тоа да го сврти во своја полза. Документите само ќе ја зајакнат поддршката за Киев од страна на партнерите, оценува Свитан.

Според него, објавувањето на обемот на оружје што партнерите ѝ го испорачуваат на Украина ја става Москва под притисок. „Не ѝ завидувам на ниту една армија што ги гледа овие бројки, реалната количина на испораки на оружје со која треба да се справи таа армија“, нагласува Свитан.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми