1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спасовски: Безбедноста на граѓаните не е загрозена

ДТЗ
25 октомври 2023

Министерот за внатрешни работи Спасовски вели дека полицијата им објавила неселективна војна на криминалните структури кои што некој ги создавал 30 години.

Оливер Спасовски
Спасовски: Безбедноста на граѓаните не е загрозенаФотографија: Regierung Nordmazedoniens

Пукањето среде бел ден во трговски центар во скопската населба Аеродром предизвика вознемиреност кај граѓаните. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски смирува дека безбедноста на граѓаните не е загрозена и најавува „неселективна војна“ со криминалните структури. Опозицијата, пак, бара негова одговорноста и оставка поради несузбивањето на криминалот на улиците. 

Формиран посебен штаб

Во вторникот (24.10) во пукање во „Ист гејт мол“ во Скопје беа повредени две лица. Тие се хоспитализирани, а на едниот му се констатирани тешки телесни повреди.

„Безбедноста во овој дел не е загрозена, и полициските служби постојано се на терен“, вели Спасовски.

Во оснос на последните инцидент, тој информира дека е формиран посебен штаб во МВР. „Сите заеднички прибираме заеднички докази и информации заедно со ЈО, се со цел да се открие сторителот и мотивите“, рече Спасовски на отворањето на нов објект за форензички испитувања во МВР.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека полицијата им објавила неселективна војна на криминалните структури кои што некој ги создавал 30 години. Фотографија: P. Stojanovski

Неселективна војна

Министерот за внатрешни работи вели дека полицијата им објавила неселективна војна на криминалните структури кои што некој ги создавал 30 години. Според него, пукањето во „Ист гејт“ е криминална пресметка, а на полицијата ѝ е познат бекграундот на лицето во кое е пукано.

„Практично, тие криминални групи се разбиени во најголемиот дел, во многу оперативни акции кои што сме ги преземале секојдневно. Самите сте сведоци дека само во последниот месец имаме приведени тројца како дел од групите што беа во т.н. оперативна акција ‘Планина’. Тоа говори за еден висок степен на ангажираност… и за конфронтација помеѓу тие криминални групи кои што 30 години некој ги создавал“, вели министерот. 

Тој додава дека водат неселективна војна против тие криминални структури и дека тука нема да застанат. „Треба да биде јасно апсолутно на сите дека безбедноста на државата и на градот е најважна за сите нас“, вели Спасовски.

Одговорност

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност и оставка од Спасовски за вооружените инциденти. „Граѓаните повторно беа вознемирени и потресени од мафијашките пресметки кои со МВР на Спасовски станаа се почеста појава. Среде бел ден, во трговски центар во центарот на Скопје, вооружен напаѓач пука од пиштол и тешко повредува две лица“, вели Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, настанот се случува во трговски центар, каде што постојат голем број на камери, како и голем број на минувачи кои биле во непосредна близина на настанот, а напаѓачот се уште не е пронајден и лишен од слобода.

„МВР раководено од Оливер Спасовски доживува целосно фијаско.ште пофрапантно е што полицијата предводена од Спасовски не го превенирала настанот, иако неколку дена претходно е најавено убиство на социјалните мрежи на едно од лицата кои се повредени“, вели Ковачки. 

Но, Спасовски вели дека не треба да се верува на информации објавени на социјалните мрежи. „Најдобро е информациите да ги земате од официјални извори, преку институции. Тоа што ќе го напише некој на социјалните мрежи да не се зема со преголема сериозност, заради тоа што во овој момент не може да се каже дека тоа е така“, вели Спасовски.

Министерството за внатрешни работи објави фотографија од лицето кое со огнено оружје пукало кон двете лица во „Ист гејт мол“. Тие ги повикаа граѓаните доколку го забележат или имаат какви било сознанија за него или корисна информација што може да помогне во истрагата, веднаш да известат во најблиската полициска станица или да пријават на телефонските броеви 192 или 112.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми