1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕЦБ најавува нови покачувања на каматата

ЖА / агенции
9 септември 2022

Заради сузбивање на рекордната инфлација, ЕЦБ го изврши најголемото покачување на референтната каматна стапка во својата историја – во еврозоната таа се зголеми за 0,75 процентни поени, на 1,25 процент.

Europäische Zentralbank (EZB) und Frankfurter Skyline
Фотографија: Florian Gaul/greatif/picture alliance

Европската Централна банка реагира на континуирано високата инфлација со историско зголемување на референтната каматна стапка. Советот на ЕЦБ вчера донесе одлука да ги зголеми трите клучни каматни стапки за по 0,75 процентни поени, што е највисоко покачување од воведувањето на  еврото.  ЕЦБ истовремено укажа на претстојни тешки месеци, коригирајќи ја нагоре својата прогноза за инфлацијата во оваа година и значително намалувајќи ги очекувањата за економски пораст за 2023 година.

Одлуката за зголемување на водечката каматна стапка во Советот на ЕЦБ била донесена едногласно, изјави нејзината претседателка Кристине Лагард која по седницата се појави пред новинарите во Франкфурт.

Каматните стапки на главните операции за рефинансирање и каматните стапки на маргиналната кредитна линија и на депозитната линија ќе се зголемат на 1,25%, 1,50% и 0,75%, од 14 септември годинава.

„Денеска одлучивме да извршиме натамошно зголемување на каматните стапки, убедени дека сме уште далеку од нивото со кое се надеваме да ја симнеме и да ја вратиме инфлацијата на среднорочната цел од два проценти," најави Лагард.

ЕЦБ во јули првпат  ги зголеми основните камати  за 0,5 процентни поени, завршувајќи ја на тој начин ерата на негативни камати. Но, инфлацијата и натаму е многу висока, и „веројатно уште долго ќе остане на ова високо ниво", соопшти ЕЦБ.

Кристин Лагард, шефицата на Европската централна банкаФотографија: Michael Probst/AP/picture alliance

Зголемените камати  се сметаат за средство против поскапувањата, но тие имаат и закочувачко дејство врз еконоскиот раст. Многу останати важни светски централни банки во измиатите недели уште повеќе ги зголемија каматните стапки, во САД тие се движат меѓу 2,25 и 2,5 проценти.

Здружението на германските банки ја поздрави одлуката на ЕЦБ како сигнал за одлучна борба против  инфлацијата.

Коригираната прогнозата на ЕЦБ за инфлацијата предвидува зголемување на цените до во тековнава година за 8,1 процент, наспроти претходно наведените 6,8 проценти. За 2023 година ЕЦБ прогнозира годишна инфлација од 5,5 проценти, а за 2024 година од 2,3 проценти.

Европските банкари очекуваат и стагнација на економијата во еврозоната до крајот на оваа година на ниво од околу 3 проценти, а за следната предвидувањата се уште повеќе намалени – се очекува раст од само 0,9 насто. Причината за корекциите се исклучително високите цени на енергијата и континуираните проблеми во светските синџири на испорака, на што се надоврзуваат и „негативните геолполитички околности" – руската војна во Украина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми