1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По Скопје, и во Тирана самит Западен Балкан-ЕУ

29 февруари 2024

Самитот во Тирана е продолжение на јануарскиот во Скопје. Во фокусот е Планот за раст на Западен Балкан и патот од Заеднички регионален пазар до вклучување во Единствениот европски пазар.

Самитот ЕУ - Западен Балкан во јануари во Скопје
Самитот ЕУ - Западен Балкан во јануари во СкопјеФотографија: Government of North Macedonia

Планот за раст на Западен Балкан усвоен од Европската комисија ќе биде во фокусот на регионалниот самит што денеска се одржува во Тирана, еден ден по самитот „Украина-Југоисточна Европа“.

Средбата на високо ниво „Раст и конвергенција за Западен Балкан“ е продолжение на онаа  што се одржа на 21-ви јануари во Скопје,  кога лидерите на земјите од Западен Балкан беа запознати со можностите што ги нуди  Планот за раст, кој предвидува помош за државите од регионот од 6 милијарди евра за периодот од 2024-2027 година. Од нив 2 милијарди евра се неповратна помош, а 4 милијарди евра во поволни кредити. Помошта е условена и ќе биде исплатена ако земјите ги спроведат неопходните реформи.

Фокусот на денешните разговори во Тирана ќе биде за унапредувањето на регионалната соработка и реализацијата на Заеднички регионален пазар, како процес на постепено вклучување во Единствениот европски пазар. Техничкиот премиер на РСМ Талат Џафери во Тирана е со владина делегација во чиј состав се првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи и заменик министерот за финансии Филип Николоски. Предвидено е Џафери да се обрати на панелот „Вовед во единствениот пазар“.

„Со комесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Оливер Вархеји ќе се фокусираме на Планот за раст на Западен Балкан усвоен од ЕК, унапредувањето на регионалната соработка и реализацијата на Заеднички регионален пазар како процес на постепено вклучување во Единствениот европски пазар“, напиша Џафери на неговиот профил на Фејсбук.

Самитот ќе почне со воведните говори на премиерот Еди Рама и комесарот Вархеји, а по разговорите и усвојувањето на заедничка изјава на лидерите, ќе има прес-конференција. Покрај Вархеји, во Тирана е и генералниот директор за соседство и преговори за проширување во ЕК, Герт Јан Копман.

Намалување на јазот

Економската конвергенција се смета за клуч за приближување на земјите од Западен Балкан до ЕУ, но таа во моментов не напредува доволно брзо. Просечниот БДП по глава на жител изразен во паритет на куповната моќ на Западен Балкан е меѓу 30% и 50% од просечниот БДП по глава на жител во ЕУ. Со комбинацијата на реформи и инвестиции, се смета дека Планот за раст има потенцијал да ја удвои економијата на Западен Балкан во следните 10 години.

Учесниците на самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржа во Скопје во јануариФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

„Се собравме овде да разговараме за темите кои се од витално значење за Западен Балкан“, објави на Инстаграм претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по синоќешната свечена вечера во пресрет на самитот.

„Поврзувањето на економиите, отстранувањето на пречките и напредокот кон единствениот пазар се големи цели кои водат кон суштински развој на нашата земја и регионот и кон подобра иднина за сите наши граѓани“, посочи тој.

Во пресрет на самитот се одржа министерски состанок за Планот за раст, на кој присуствуваа вицепремиери и министри за европски прашања од земјите на Западен Балкан. Дискусијата била фокусирана и на соработката во областа на технологијата и иновациите, олеснувањето на комерцијалната размена и транспортот, како и на важноста од приклучување кон Единствената зона за плаќање во евра (Single Euro Payment Area-SEPA).

„Ние сме целосно посветени на реализација на нашата стратешка цел за членство во ЕУ“, изјави вицепремиерот Маричиќ, нагласувајќи ја посветеноста на Владата на Планот за раст за Западен Балкан.

„Нашата соработка со Европската комисија и делегацијата на ЕУ во Скопје ја нагласува нашата решеност да се приближиме со стандардите на ЕУ. Со континуирани напори за усогласување на националното законодавство, Северна Македонија може да се пофали со одлично ниво на усогласеност со правото на ЕУ, достигнувајќи околу 45-50%, при што одредени поглавја ги надминуваат очекувањата“, посочил Маричиќ.

На состанокот ја истакнал и важноста од состаноците посветени на Планот за раст, со кој секоја од државите од Западен Балкан работи на својата подготвеност.

Нема реформи, нема средства

Како што е познато,  Планот за раст на Западен Балкан  се заснова на четири столба: јакнење на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ; јакнење на економската интеграција во Западен Балкан преку заеднички регионален пазар, што потенцијално би можело да додаде 10% на економиите во тие земји; забрзување на темелните реформи; зголемување на финансиската помош за поддршка на реформи за периодот 2024-2027 година во вредност од 6 милијарди евра.

Оваа финансиска помош ќе биде исплатена ако земјите од Западен Балкан спроведат одредени социо-економски и темелни реформи. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, за време на ланската турнеја низ земјите од Западен Балкан посочи дека сите имаат пристап до новиот План за раст, но оти клучен услов се реформите.

„Ако се спроведат реформите, тогаш доаѓаат и средствата. Јасно ни е дека за реформите е потребно време, но ако ништо не се направи, ако не се спроведат реформи, средствата ќе се префрлат во другите земји од Западен Балкан што постигнуваат резултати. Ова е поттик за сите да работат, да напредуваат и да ги искористат економските можности“, порача претседателката на ЕК.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми