1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

По ТВ-дуелот со Трамп: Ќе биде ли Бајден сменет?

ЖА
29 јуни 2024

По ТВ дуелот против Доналд Трамп, сѐ погласни се критиките за кандидатурата на Џо Бајден за претседателските избори во САД. Актуелниот претседател вели дека повеќе не е млад човек - но сè уште е на ниво на функцијата

Претседателот Џо Бајден  САД
Претседателот Џо Бајден не размислува за повлекување на кандидатуратаФотографија: Kyle Mazza/NurPhoto/IMAGO IMAGES

Тоа не беше брилијантен настап за Џо Бајден. Американскиот претседател на моменти се чинеше отсутен за време на  телевизискиот дуел со Доналд Трамп.  Се колебаше, пелтечеше и правеше грешки. Самиот Бајден го призна тоа на изборен митинг во во државата Северна Каролина: „Знам дека не сум млад човек, го кажувам очигледното“. Демократот рече дека не оди, не зборува и дебатира како порано, „но знам да ја кажам вистината“. Бајден директно им се обрати на гласачите и вети дека ќе биде доволно фит за уште еден мандат. „Ви давам збор. Не би се кандидирал повторно ако не верувам со целото мое срце и душа дека можам да ја работам оваа работа“, додаде Бајден пред поддржувачите на Демократите во градот Рали. Тој планира да победи на изборите во Северна Каролина.

Ниту еден истакнат партиски колега од првите редови сè уште јавно не се спротивставил на Бајден. Но, многумина во партијата се скептични дали Бајден е навистина вистинскиот кандидат за  победа против Трамп.По ТВ дуелот, американскиот претседател се обиде да освои поени со својата искреност. „Можам да разликувам добро од погрешно“, рече Бајден. „Знам како да ја работам оваа работа. Знам како да ги завршам работите. Го знам што го знаат и милиони Американци: по падот, повторно стануваш".

67 отсто го гледаат Трамп како победник во дуелот

Бајден, со 81 година,  најстариот претседател во историјата на САД -  зборуваше со рапав глас за време на ТВ дебатата на Си-Ен-Ен во четвртокот вечерта и постојано се заплеткуваше во зборувањето. Ги оставаше речениците недовршени и пелтечеше. 78-годишниот Трамп изгледаше многу поенергично и поконцентрирано.

Доналд Трамп и Џо Бајден на ТВ дуелот на Си-Ен-ЕнФотографија: Brian Snyder/REUTERS

Анкетата на Си-Ен-Ен покажа дека 67 отсто од гледачите го гледаат Трамп како победник во дуелот. Американските Демократи сега се крајно загрижени: по телевизискиот дуел, интерно во партијата се разговара дали не би било доцна да се замени Бајден со помлад кандидат четири месеци пред претседателските избори, објави Њујорк Тајмс. Други медиуми објавија за вистинска паника меѓу Демократите.

Обама: „Толку многу е во прашање во ноември“

Но, Бајден добива и демонстративна поддршка - како на пример од поранешниот американски претседател Барак Обама. Може да се случат лоши дебати, напиша Обама на платформата Х. Алудирајќи на неговиот сопствен лош резултат во првата дебата во неговата повторна кандидатура во 2012 година, Обама дополни: „Верувајте ми, јас го знам тоа. Но во прашање е избор меѓу некој кој цел живот се борел за обичниот народ и некој кој се грижи само за себе“. Минатата вечер не го смени тоа и затоа во ноември  толку многу е во прашање,  смета Обама.

Повеќе угледни Демократи демонстративно застанаа зад Бајден, како поранешната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом.

„Никогаш нема да му свртам грб на претседателот Бајден“, рече Њусом, за кого се вели дека има амбиции за претседател. Непопуларната потпретседателка Камала Харис, по упорно повторено прашање за настапот на Бајден во ТВ интервју, конечно призна дека нејзиниот шеф имал „непријатен почеток“.

Трамп не верува во повлекување на Бајден

Поранешниот претседател Трамп  го искористи неуспехот на неговиот противник. „Прашањето што секој гласач треба да си го постави денес не е дали Џо Бајден може да преживее ТВ дуел од 90 минути, туку дали Америка може да преживее уште четири години со корумпираниот Џо Бајден во Белата куќа“, рече републиканецот во настап на една изборна кампања во државата Вирџинија, осврнувајќи се на шпекулациите околу кандидатот меѓу Демократите. „Многу луѓе велат дека Џо Бајден излегува од трката по неговиот настап синоќа“, рече тој, коментирајќи ја ситуацијата. Но, тој не верува дека тоа ќе се случи. Трамп потоа наведе неколку од имињата што моментално се спомнуваат: потпретседателката Харис, сопругата на поранешниот претседател - Мишел Обама и гувернерот на Калифорнија Њусом.

Портпаролот на Бајден, Мајкл Тајлер на новинарите им изјави дека нема разговори за замена на кандидатот. „Подрага ни е лоша ноќ отколку кандидат со лоша визија во однос на тоа каде сака да ја однесе земјата“, рече тој, мислејќи на Трамп.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми