По смртта на „Ел Менчо“: Војна на наркокартелите во Мексико?
24 февруари 2026
Со убиството на Немесио Осегера Сервантес, познат како „Ел Менчо“, мексиканската влада го прекина долгогодишниот неформален мир со најмоќните наркокартели во земјата. Смртоносниот судир со безбедносните сили, во кој загина и шефот на картелот ЦЈНГ (Cártel Jalisco Nueva Generación), предизвика бран насилства низ целата држава. Десетици лица го загубија животот, а стравот од нова војна со нарко-катртелите расте – само неколку месеци пред Светското фудбалско првенство во Канада, САД и Мексико.
Додека заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, го нарече убиството „голем чекор напред за Мексико, САД, Латинска Америка и светот“, експертите предупредуваат дека ваквиот удар против картел може да предизвика жестока ескалација.
Кој беше „Ел Менчо“?
Како лидер на ЦЈНГ, Немесио Осегера Сервантес важеше за една од најмоќните личности во глобалната трговија со дрога. Поранешниот полицаец бил уапсен во САД уште во 1990-тите поради дрога, но неговиот вистински подем започнал деценија подоцна.
За разлика од славните наркобарони како Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, Осегера живеел дискретно. Сепак, многу негови роднини беа уапсени во Мексико и во САД за трговија со дрога и перење пари. Иако со години кружеле гласини дека е мртов, американските власти понудија дури 15 милиони долари за информации што ќе доведат до негово апсење.
Што е ЦЈНГ и колкава моќ има?
Картелот ЦЈНГ го формирал Осегера околу 2010 година во сојузната држава Халиско, од каде брзо се проширил преку насилни конфликти со ривалските организации. Денес, ЦЈНГ е присутен во речиси сите региони на Мексико и важи за една од најмоќните криминални структури на Западната хемисфера.
Во 2025 година, САД го прогласија ЦЈНГ – заедно со уште седум латиноамерикански банди – за терористичка организација.
Картелот се занимава со трговија со луѓе, изнуди, кражба на нафта, но најголемите профити ги остварува преку шверц на кокаин, метамфетамин и фентанил во САД. За да ги задржи криумчарските рути, ЦЈНГ користи уцени, киднапирања, тортура и ликвидации.
Според податоците на Упсала конфликт деит програм, организацијата е виновна за повеќе од 75.000 убиства, што ја прави уште помобилна и побрутална од картелот Синалоа.
Убиство или неуспешно апсење?
Официјално, специјалните единици на Националната гарда се обиделе да го уапсат Осегера на ранч. При размената на огнена сила биле убиени четворица членови на картелот, а „Ел Менчо“ бил ранет. Според властите, тој починал на пат кон болница.
Американските разузнавачки агенции учествувале во операцијата со разузнавачки податоци.
Последици за безбедноста во Мексико
Веднаш по неговата смрт, членовите на ЦЈНГ изведоа координирани напади во 20 од 31-те држави во Мексико: со палење автомобили и блокирање автопати, фрлање молотови коктели врз продавници и напаѓање бази на Националната гарда.
Халиско прогласи состојба на максимална тревога, а граѓаните и туристите беа повикани да не ги напуштаат своите домови. На аеродромот во туристичкиот Порто Ваљарта беа откажани сите меѓународни летови.
Експертите предупредуваат дека картелите не се распаѓаат по губење на лидерот. Можно е сега да дојде до внатрешна борба за наследство, или вмешување на ривалски групи што ќе се обидат да ги преземат териториите,
Двете сценарија во минатото воделе до жестоки бранови насилство, а ваква ескалација во предвечерјето на Светското првенство во фудбал би била сериозен проблем за Мексико.
Дали ваквите акции се нешто ново?
Ова не е првпат картел да демонстрира сила по удар од државата.
Во 2019 година, картелот Синалоа успеа да го ослободи Овидио Гузман, синот на „Ел Чапо“, по терористичка акција во Кулијакан. Иако повторно беше уапсен во 2023 година и екстрадиран во САД, настанот покажа колку брзо картелите можат да мобилизираат вооружени структури.
Но нападите во туристички центри како Порто Ваљарта и Аклапулко се ретки, што го зголемува шокот кај населението.
Зошто сега? Политички пресврт во Мексико
Акцијата против „Ел Менчо“ претставува остар пресврт во однос на политиката на претходниот претседател Андрес Мануел Лопес Обрадор, кој промовираше стратегија „Прегратки наместо куршуми“. И покрај тоа, стапките на убиства пораснаа драматично – над 30.000 годишно во периодот 2017–2023, според УНОДЦ.
Неговата наследничка Клаудија Шејнбаум првично одби „војна против наркодилерите“, но од преземањето на функцијата во 2024 година армијата дејствува многу поофанзивно. Според аналитичарот Дејвид Мора од Меѓународната кризна група, убиството на „Ел Менчо“ е јасен знак за пресврт.
Експертите сметаат дека Мексико дејствува под растечки притисок од САД. Американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на Мексико дека ќе испрати американска војска против картелите ако државата не преземе поагресивни мерки за спречување на шверцот на дрога.