1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

По смртта на Навални: Апсења во Русија

Тагесшау | ЕМФ
17 февруари 2024

Околу сто лица се уапсени на спонтаните комеморативни собири во Русија за починатиот опозиционер Алексеј Навални. Тимот на Навални вели дека сѐ укажува на убиство.

Сочувство  Алексеј Навални Москва
Луѓе во Москва оставаат цвеќиња пред споменикот посветен на жртвите на политичка репресија Фотографија: Dmitry Serebryakov/AP/picture alliance

Тимот на починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални тврди дека познатиот критичар на Кремљ бил најверојатно убиен: „Најверојатно се случило така што Алексеј Навални бил убиен - со многу голема веројатност“, изјави во егзил избеганиот директор на Антикорупциската фондација на Навални, Иван Жданов, вчеравечер (16.02) на Јутјуб. Сепак, според Жданов, тие ќе ја потврдат официјално смртта на Навални дури откако нивен адвокат ќе пристигне во казнениот логор каде што беше рускиот опозиционер. Адвоокатот би требало да пристигне во казнената колонија во текот на денов. „Во моментов сѐ укажува на тоа дека навистина се работи за убиство, убиство на Алексеј Навални во затвор. А го уби Путин“, изјави Жданов.

Алексеј Навални, според информации на руската агенција Тас, колабирал во казнената колонија на северот од Русија, по што починал. 47-годишниот опозиционер беше во казнен логород 2021 година. Тој во 2020 година преживеа напад со нервен отров. По успешното лекување во Германија, се врати во Русија.

Апсења во Русија

Во неколку руски градови се одржаа спонтани комеморативни собири за Навални. И покрај силното полициско присуство, луѓето во центарот на Москва полагаа цвеќе пред споменикот посветен на жртвите на политичка репресија. Слични слики имаше и во Санкт Петербург, Екатеринбург, Нижни Новгород и други градови. Дел од луѓето носеа фотографии од Навални, некои плачеа и се гушкаа.

Полицијата презеде мерки против ожалостените поддржувачи на Навални. До доцна вечерта, на комеморативни настани во неколку руски градови беа уапсени повеќе од 100 луѓе, соопшти организацијата за граѓански права Овд-Инфо. Апсења беа регистрирани меѓу другото во Москва, Санкт Петербург и шест други градови.

Спонтано комеморативно собирање во Санкт ПетербургФотографија: Stringer/REUTERS

Велика Британија го повика на разговор персоналот на амбасадата

Британската влада како одговор на смртта на Навални го повика на разговор дипломатскиот персонал од руската амбасада. Британското Министерство за надворешни работи соопшти дека Лондон сакал јасно да стави до знаење дека ги смета руските власти за „целосно одговорни“ за смртта на Навални. Смртта на Навални во казнената колонија во рускиот поларен регион мора да се „истражи целосно и транспарентно“, се вели во соопштението. Министерството за надворешни работи исто така соопшти дека во последните години руските власти го затвораа Навални „поради лажни обвиненија“, го „отруле со забранет нервен отров“ и го „испратиле во арктичка казнена колонија“. Никој не треба да се „сомнева во бруталноста на рускиот систем“, се вели од Лондон.

По смртта на Навални, собир пред руската амбасада во Берлин (16.02.2024)Фотографија: Liesa Johannssen/REUTERS

Штајнмајер му оддаде почит на „борецот за демократија“

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер изрази сочувство до вдовицата на Алексеј Навални. Во писмото со сочувство објавено од Кабинетот на Сојузниот претседател се наведува: „Со (смртта на) Вашиот сопруг светот губи храбар бранител на демократијата“. Штајнмајер на Јулија Борисовна Навалнаја ѝ напиша дека нејзиниот сопруг работел со сите сили за демократска иднина на Русија. Режимот на претседателот Владимир Путин, се вели во писмото, сака да ја спречи оваа иднина со брутална моќ.

Американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон изјави дека нема сомнеж оти смртта на Навални е последица на постапките на Путин и на „неговите злосторници“. „Путин е одговорен“, рече Бајден. Тој додаде дека е шокиран, но не и изненаден од веста за смртта на Навални.

Русија ги отфрла сите обвинувања. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, рече дека сè уште нема прецизни информации од лекарите, форензичарите или казнената колонија, а сепак, веќе има реакции од Западот. „Очигледно е дека тоа се апсолутно претерани и апсолутно неприфатливи изјави“, критикуваше Песков. „Немам што повеќе да кажам на оваа тема“. Владимир Путин сѐ уште јавно не ја коментирал смртта на Навални.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми