1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се бара истрага и мораториум за нови животни во Скопје ЗОО

ДТЗ
8 август 2024

Концептот на зоолошки градини, каде што животните се чуваат во заробеништво, а со цел забава и едукација, мора да се напушти и да се премине кон нови концепти, посочуваат од Зелен хуман град.

Зоо Скопје слоница Дуња
Слоницата Дуња за време на горештините во Скопје во 2021 година (архивска фотографија)Фотографија: OGNEN TEOFILOVSKI/REUTERS

По евтаназијата на слоницата Дуња во Зоолошката градина во Скопје, здруженијата за заштита на животни и еко-активистите бараат независна истрага и мораториум за носење на нови животни во Скопје ЗОО. 

Граѓанската иницијатива Зелен хуман град (ЗХГ) бара затворање и трансформација на скопската Зоолошка градина во центар за рехабилитација и конзервација на диви автохтони видови, што воедно беше и дел од изборната програма на ЗХГ во 2021 година.

„Концептот на зоолошки градини, каде што животните се чуваат во заробеништво, а со цел забава и едукација, мора да се напушти и да се премине кон нови концепти на едукација и запознавање на животинските видови, преку кои животните нема да бидат изложени на непотребно страдање, надвор од нивните природни живеалишта, во вештачки создадени услови“, велат од Зелен хуман град. 

Иницијатива за мораториум

Во последните две години, јавноста беше сведок на угинувањето на двете жирафи во скопската Зоолошка градина – Каспер и Флопи, на труење на три пржевалскиеви коњи, како и на масовното колење на 10 коњи со образложение дека биле болни.

„Во сите овие случаи, никој не понесе одговорност, ниту имаше правна разрешница, освен разрешувањето на директорот Кристијан Стаменов во јули 2022 година“, велат еко-активистите. 

Зелен хуман град најавува дека ќе поднесе иницијатива за мораториум на носење нови животни во скопската Зоолошка градина до Советот на Град Скопје. „Животните се свесни битија и не заслужуваат да го поминат животот во заробеништво заради забава, во несоодветни услови, спротивни на нивната природа и потреби“, велат од ЗХГ.

Барања за независна истрага од странски експерти

Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ бара независна истрага од надворешни експерти за смртта на слоницата Дуња, увид во извештајот од ветеринарите од Белгија, како и итно затворање на зоолошката градина во Скопје.

„Веста за трагичната смрт на една од слониците Дуња во скопската зоолошка градина повторно разбуди бес и загриженост за благосостојбата на дивите животни кои под параван на ‘едукација и забава’ се држени како затвореници во современа човечка творевина нималку слична на нивниот природен хабитат“, велат од здружението.

Според „Анима Мунди“, сѐ почесто низ годиниве наназад се случува класичен помор на дивите животни во ЗОО Скопје под неразјаснети околности и образложенија за кои јавноста е скептична и се сомнева дека позади сите овие трагедии се крие негрижа и неуспешно менаџирање.

„Бараме независна истрага од надворешни експерти за да се обезбеди објективност и темелност, да се утврдат основните причини за овој помор без разлика дали се поврзани со медицинска нега, услови за живеење или практики на управување“, велат тие. Се бара и да биде даден на увид на јавноста извештајот од докторите по ветеринарна медицина од Белгија кои ја прегледале Дуња, но и итно да се затвори зоолошката градина во Скопје бидејќи, според нив, условите не се во согласност со принципите на хуман и етички третман на животните и нималку се едукативни и забавни.

Трауматично минато

Случајот беше обелоденет во средата (07.08), при обидот да се транспортира телото на починатата слоница на депонијата Дрисла. Во недостиг на официјални информации, тоа предизвика бројни реакции во јавноста и ги подгреа шпекулациите дека се прикрива уште една смрт во зоолошката градина. 

Од Зоолошката градина соопштија дека неопходно било таа да се подложи на евтаназија, бидејќи била во длабока старост и изнемоштеност. Според нив, ниту еден третман ниту операција не можеле да ја спасат. Реагираа и партиите коишто сметаат дека е страшно и жално тоа што се случува во скопската Зоолошка градина. Местото кое до пред три години беше на сите насловни страници во светски медиуми, кое беше пример за добар менаџмент и грижа за животните, според партиите, сега е претворено во хорор филм.

Слоницата Дуња најголем дел од својот живот го има поминато во шведски патувачки циркус, патувајќи низ цела Европа. Со забраната за користење на животни во циркуски точки, две слоници - Дуња и Даела патуваат во Белгија, во еден од најубавите паркови за слонови во светот- „Pairi Daiza". Поради трауматичното минато е одлучено дека двете слоници нема да можат да живеат во социјална група со други слонови. Поради тоа, во септември 2018 година тие доаѓаат во Скопје за да ги живеат своите „пензионерски денови“.

Сѐ до вторникот (06.08), кога е донесена одлука за евтанација на слоницата Дуња. За процесот на обдукција и останките, од Зоолошка градина Скопје уверуваат дека ги следеле законите и правилата, како и консултации со тим од Факултетот за ветеринарна медицина. Во зоолошката останува само африканска слоница Даела, за чиј статус дополнително ќе се одлучи заедно со европската група за слонови.

 

Слон кој лупи банани

00:43

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми