1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Полска бара консултации на земјите-членки на НАТО

Тагесшау | ЕМФ
10 септември 2025

Полската армија за првпат собори руски беспилотни летала што влегле во нејзиниот воздушен простор. Полскиот премиер Туск смета на поддршка од НАТО и побара консултации со сојузниците.

Маж со темносин костум и вратоврска (полскиот премиер Туск) дава изјава за мдиуми додека седи пред знамиња на Полска и ЕУ
Полскиот премиер Доналд Туск го осуди навлегувањето на руски беспилотни летала во воздушниот простор на неговата земја како „провокација од големи размери“Фотографија: Chancellery of the Prime Minister of Poland via AP/dpa/picture alliance

Полскиот премиер Доналд Туск го осуди навлегувањето на руски беспилотни летала во воздушниот простор на неговата земја како „провокација од големи размери“. Неговата влада побарала консултации со земјите-членки на НАТО согласно Член 4 од договорот за НАТО. Овој член предвидува консултации меѓу членките на НАТО доколку се смета дека е загрозена безбедноста или територијалниот интегритет на земја-членка на НАТО.

Ова е првпат од почетокот на војната на Русија против Украина полската војска да собори руски беспилотни летала. Полскиот премиер се појави пред новинаритр кратко пред неговата влада да разговара за ситуацијата на вонредна седница. Агенцијата Ројтерс го цитираше Туск со зборовите дека полскиот воздушен простор бил нарушен вкупно 19 пати. Повеќето од беспилотните летала влегле во воздушниот простор на неговата земја од правец на Белорусија. „Дроновите што претставуваа непосредна закана беа соборени“, рече Туск. Досега е потврдено дека се соборени три беспилотни летала, а веројатно е уништен уште еден дрон.

Воздушниот простор бил нарушен повеќепати

Полскиот воздушен простор постојано беше нарушуван со часови, рече Туск. Првиот извештај дошол околу 23:30 часот во вторникот (9.09), а последното нарушување на воздушниот простор, според Туск, е пријавено околу 6:30 часот изутринава. Според дописникот на германскиот радиодифузен сервис АРД, претходно пристигнало предупредување од Украина дека руски беспилотни летала влегле во воздушниот простор на НАТО. Полската оперативна команда зборува за „невидено нарушување“ на полскиот воздушен простор и „агресивен чин“.

Инцидентот не може да се спореди со претходните случаи на влегување на беспилотни летала во полскиот воздушен простор, нагласи Туск. „Ова е првпат во оваа војна тие да не дојдоа од Украина поради грешки или помали руски провокации. За првпат, значителен број беспилотни летала дојдоа директно од Белорусија“, рече шефот на полската влада. Минатата недела две беспилотни летала се урнале на источната граница на Полска.

Вонредна седница на полската влада по нарушување на полскиот воздушен просторФотографија: Chancellery of the Prime Minister of Poland via AP/picture alliance

Русија зборува за „неосновани обвинувања“

Белорусија објави дека нејзината армија исто така соборила неколку беспилотни летала кои скршнале од курсот поради електронски пречки. Ова го објави началникот на Генералштабот на белоруската армија, генерал-мајор Павел Муравејко. Тој не кажа ништо за тоа од каде потекнуваат беспилотните летала. Се тврди дека Белорусија ги информирала и Литванија и Полска за приближувањето на беспилотните летала. Оваа информација сè уште не е потврдена од Полска или Литванија.

Русија ги отфрли обвинувањата на Полска, нарекувајќи ги „неосновани обвинувања“. Државната руска новинска агенција РИА го цитираше рускиот вршител на должноста во Варшава, Андреј Ордаш, кој вели и дека Полска не доставила никакви докази за потеклото на беспилотните летала.

ЕУ и Франција ја уверуваат Полска во својата солидарност

Полскиот премиер Туск нагласи дека веќе е во постојан контакт со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Полска мора ефикасно да одговори на заканата. „Ова е првпат руски беспилотни летала да бидат соборени над територијата на земја-членка на НАТО, па затоа сите наши сојузници ја сметаат ситуацијата за многу сериозна“, рече Туск. Тој повика на поголема поддршка од НАТО во одбраната на полскиот воздушен простор.

Како одговор на соборувањето на руските беспилотни летала, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, ја увери Полска во целосната солидарност на меѓународната заедница. Таа побара понатамошни санкции против Русија за дополнително зголемување на притисокот врз Кремљ и претседателот Владимир Путин.

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас, исто така, го опиша навлегувањето на руски беспилотни летала во полскиот воздушен простор како намерно, што покажува дека „војната на Русија ескалира, не завршува“, предупреди Калас на платформата X.

И францускиот претседател Емануел Макрон го осуди навлегувањето на беспилотните летала во полскиот воздушен простор. Тој ја повика Русија да „го прекине својот лет напред“ и исто така ја увери Полска во солидарноста на Франција. „Нема да правиме компромиси во врска со безбедноста на нашите сојузници“, нагласи Макрон.

Аеродромите мораа привремено да запрат со работа

Покрај владата на Туск, со соборувањето на беспилотните летала треба да се занимава и Советот за национална безбедност на Полска. Единиците за безбедност на татковината на полската армија добија инструкции да бараат остатоци од соборените беспилотни летала. Едно беспилотно летало се урнало врз куќа во источна Полска, оштетувајќи го покривот, но никој не е повреден, известува дописникот на АРД.

Војници патролираат по улица откако дрон или сличен објект, според локалните власти, погодил куќа во Вирики, по нарушувањето на полскиот воздушен простор Фотографија: Jakub Orzechowski/Agencja Wyborcza.pl/REUTERS

Поради нарушувањата на полскиот воздушен простор, четири аеродроми во земјата мораа привремено да бидат затворени. Авионите сега можат повторно да полетуваат и слетуваат на аеродромот „Шопен“ во Варшава, најголемиот аеродром во Полска. Сепак, патниците сè уште треба да очекуваат доцнења. Летовите се обновени и на другите аеродроми во земјата кои првично беа затворени, вклучувајќи го и Лублин во источна Полска.

Во Полска деновиве многу се зборува за провокации. Причината е големата руско-белоруска вежба „Запад“, која ќе започне на крајот од неделата во близина на границата - на белоруска територија. Министерството за одбрана нагласува дека се очекуваат инциденти и дека има подготвеност за нив.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми