Граѓански организации бараат транспарентна истрага за Кочани
28 март 2025
Граѓанските организации за борба против корупција бараат транспарентна истрага за пожарот во Кочани, како и реформа на казнена политика. Тие повикуваат на одговорност на институциите и компаниите, на теренски проверки при вонреден надзор, како и контрола на имотната состојба на инспекторите. Според Платформата на граѓански организации за борба против корупција, потребна е и ревизија на постапките за добивање дозволи и лиценци, вертикална одговорност и итно постапување по насоките на Државната комисија за спречување корупција и Државниот завод за ревизија.
„Корупцијата во Северна Македонија е закана за животот и безбедноста на граѓаните, а не само злоупотреба на јавни средства. Трагедиите како пожарот во Кочани, Ласкарци, „Беса Транс“, и модуларната болница во Тетово се директна последица на системски пропусти, политичка заштита, некомпетентни вработувања и институционална негрижа. И покрај континуираните ветувања за реформи, не се спроведени суштински промени во контролата, инспекциските механизми и законската одговорно“, посочија од платформата на прес-конференција во Скопје.
„Прогледување низ прсти“
По трагедијата во Кочани, каде во пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 млади луѓе, а над 190 беа повредени, беа иницирани проверки и вонредни надзори во угостителските објекти, а проверки се вршат и во други јавни објекти, како и во училиштата. Во угостителските објекти, беше утврдено дека поголемиот дел имаат недостатоци и беа санкционирани со забрани, им беа одземени лиценци или пак беа најавени казни. Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски на пример информираше дека само една од 800 згради кои се наоѓаат на територија на општина Карпош ги исполнува сите законски прописи за безбедност.
Кај компаниите од областа на градба, проектирање и урбанистичко планирање, дел од лиценците беа одземени поради неправилности. Од ЗЕЛС и од Министерството за образование, пак, информираа дека училиштата и градинките се безбедни.
„Но, кога ќе се погледне брзината со која се направија сите овие проверки, се поставува прашањето: колку навистина се проверуваше, и дали тоа беше длабински и темелно? Во случајот со лиценцирањето во угостителството, од тоа што беше изнесено во јавност, испаѓа дека место да се казнат тие што не ги почитувале правилата, треба да им дадеме време да се „прилагодат“ и се очекува да поминат неказнето. Се добива впечаток дека и покрај тоа што долго време профитирале, пак ќе им се прогледа низ прсти“, реагираат граѓанските организации.
Анкетна комисија за сите несреќи
На потребата од расветлување на сите несреќи коишто се случија во минатата посочуваат и дел од партиите. Откако Европскиот фронт предводен од ДУИ, побара формирање посебна парламентарна комисија преку која ќе се истражи „селективниот и едностран пристап“ на правосудниот систем во истрагата за трагедијата во Кочани, од владејачката коалиција „Вреди“, побара анкетна комисија за сите трагедии од изминатите години – трагедијата кај Ласкарци, изгорената модуларна болница во Тетово, случајот со компанијата „Беса Транс“, сè до трагедијата во Кочани.