1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непристојна понуда од Александар Вучиќ

Ивица Петровиќ
6 ноември 2024

Протестот пред градското собрание во Нови Сад со инциденти и судири со полицијата е последен во низата настани по трагедијата на Железничката станица во градот. Како да се пронајдат виновниците? Дали изборите се опција?

Инциденти на протестите во Нови Сад против корупцијата во државата
Инциденти на протестите во Нови Сад против корупцијата во државатаФотографија: Aleksandar Bugarin/DW

Владината пропагандна машинерија почна да работи веќе во првите минути по несреќата во Нови Сад, каде  загинаа 14 лица.  Секаква одговорност за трагичниот настан беше експресно демантирана: првата вест беше дека настрешницата на зградата на Железничката станица не била предмет на реконструкција, а режимските медиуми наведуваа бројни трагични настани и уривања во странски земји по принципот дека „секаде се случува “.

Како по команда, почна спинот и обвинувањата против опозицијата, а не беа заборавени ниту Хрватска и Босна и Херцеговина: беа обвинети дека воделе „специјална војна против Србија со помош на усташки и исламистички медиуми“.

Оставка со забелешка

И режимот во Србија продолжи во стар стил да ги обвинува сите кои повикуваат на  кривична и политичка одговорност дека „сакаат крв“ и „нечија глава“. Тоа само придонесе за мачен впечаток дека власта ќе се брани со сите легални и незаконски средства. Впечатокот само го зацврсти неколкучасовниот телевизиски монолог на српскиот претседател Александар Вучиќ во вторник, 4 ноември, кога тој рече дека „нуди советодавен референдум за негово разрешување - или можете да ме убиете, бидејќи нема трето".

Оваа понуда не е нова, но експертите веќе предупредија дека таквата можност е неуставна и дека на некој начин го покажува презирот на Александар Вучиќ кон Уставот на Србија.

Министерот за градежништво, Горан Весиќ поднесе оставка со забелешка дека „не е виновен за ништо“Фотографија: Li Jing/Xinhua News Agency/picture alliance

Првата политичка последица од трагедијата во Нови Сад е оставката на министерот за градежништво, Горан Весиќ. Тој поднесе оставка со забелешка дека смета оти „не е виновен за ништо“ и дека „нема да ги заборави оние што ја барале неговата глава“. Не се знае какви понатамошни планови има Вучиќ со него, но нема долго да биде без работа: сопственикот на телевизијата Пинк, Жељко Митровиќ му понудил „да избере висока менаџерска позиција во компанијата Пинк“.

Уништен градителскиот имиџ

Владата на Александар Вучиќ во изминатите години направи сѐ за да се прикаже како неуморни градители, кои секојдневно работат на некој голем инфраструктурен проект. Трагедијата во Нови Сад сега го загрози тој имиџ, истакнува политикологот Дејан Бурсаќ за ДВ.

„Реакцијата на власта е општа, агресивно-дефанзивна. Мислам дека СНС и Вучиќ сега имаат концептуален проблем, а тоа е што рејтингот го изградија на култ кон градба. Тоа навистина проаѓаше кај многу луѓе, особено затоа што луѓето помнеа некои минати влади, каде што развојот на инфраструктурата беше многу побавен. Сега целиот тој развоен концепт е апсолутно доведен во прашање. Таа илузија сега е урната, бидејќи се покажа дека се гради лошо, без надзор, а во исто време очигледно се случуваат коруптивни дејствија“, истакнува Бурсаќ.

Како да се пронајдат виновниците?

Адвокатот Божо Прелевиќ забележува дека „Владата сега се брани со куп неточни информации и обид да ги сокрие сите договори“.

При уривањето на настрешница на железничката станица во Нови Сад загинаа 14 лицаФотографија: Marko Djurica/REUTERS

„Аргументот на власта дека странските партнери не дозволуваат да се обелодени вредноста на работите сведочи само за корупција. Што воопшто реконструирате ако не знаеме што пишува во проектот? Сите што се на власт знаат дека причината за тоа што се случи е и нестручноста. Професијата овде е убиена и сега навистина треба да се утврди кој е одговорен за тоа. Но, изведувачот е во Кина, надзорот е во Унгарија, па сега најдете кој е виновен“, вели Прелевиќ за ДВ.

Како да се истурка ЕКСПО?

Колку станува збор за провокативна драматизација или пак претседателот на Србија е сериозно загрижен, тукушто протече веста дека се размислува за откажување од проектот ЕКСПО. Малку е веројатно дека режимот ќе се откаже од ваков вносен проект, но самиот Александар Вучиќ изрази страв дека сега тешко ќе се најде некој што ќе го стави својот потпис на разни инфраструктурни проекти.

„Сега сѐ е ставено на коцка“, смета Дејан Бурсаќ. „Како пораката да е, не критикувајте нѐ за ова, бидејќи тогаш сè ќе оди по ѓаволите. Но, ако ви се урне ново реновирана железничка станица во вториот по големина град во државата, се плашам дека работите веќе одат по ѓаволите“, забележува нашиот соговорник.

Градежничка и наркомафија

Оставката на министерот за градежништво Горан Весиќ, според Божа Прелевиќ, би требало „да биде објективна одговорност и морален чин – ако никој не го принудил на тоа. Но, сѐ уште се сомневам дека бил принуден на тоа", вели соговорникот за ДВ и додава дека „јасно е дека има кланови во Српската радикална партија и дека низ Србија владее градежната мафија“.

„Самиот Александар Вучиќ зборуваше за градежната мафија. Мене ми е интересно што ги поврзува градежната мафија и дилери на дрога, а потоа вели дека наркомафијата е поврзана со странски држави. Тогаш се поставува прашањето што прави државата и зошто не реагира на тоа ако има такви сознанија? И тогаш, по такви сознанија, претседателот на државата вели дека опозицијата и граѓаните кои протестираат и бараат нечија глава се неморални, во момент кога според него сите треба да се прегрнеме“, оценува Прелевиќ.

Инциденти на протестите во Нови Сад против корупцијата во државата и судири со полицијатаФотографија: Aleksandar Bugarin/DW

Коментирајќи ја споменатата оставка, Дејан Бурсаќ забележува дека „тука се измешани вината и одговорноста“. Одговорен е оној кој е политички надлежен за некоја ситуација. Одговорни се и кога ќе дојдат да се фотографираат на отворањето на станицата. Никој не вели дека самите ја изградиле станицата, но како што се одговорни за фотографирање, одговорни се и кога ќе се појави некој проблем“, вели Бурсаќ.

Фер избори не се опција

Опозицијата и граѓанските активисти веќе организираа неколку протести,  последниот синоќа во Нови Сад, каде беа забележани бројни инциденти и судири меѓу демонстрантите и полицијата. Одреден број луѓе собрани пред градското собрание во Нови Сад се обиделе да влезат во таа зграда, а полицијата употребила солзавец.

Во текот на вечерта  во Нови Сад  пристигна и Александар Вучиќ. Дошол, како што изјави, да им даде морална поддршка на членовите на неговата партија, да ја објави борбата против наркодилерите, но и да го нарече нацистички протестот на опозицијата и да ја извести јавноста дека тие што ја мразат Србија нема да управуваат со тој град.

Проблемот на опозицијата и нејзината реакција Божо Прелевиќ го гледа во тоа што „не ужива кредибилитет“. Таа не се претставуваше како алтернатива на оваа власт. Тоа особено стана видливо по изборите во Белград, каде што го направија единственото нешто што не смееја, а тоа беше да се поделат“, забележува Прелевиќ.

Непристојната понуда на Александар Вучиќ - „или референдум или можете да ме убиете“ - според Дејан Бурсаќ „е целосно несоодветна за оваа ситуација“.

„На тој начин Вучиќ се става себеси на некој жртвен олтар. Дури и да се обидувате да ја одбраните сопствената политичка опција од одговорност, не сум сигурен дека тоа е соодветен начин да се направи нешто такво“, оценува соговорникот на ДВ.

Божо Прелевиќ забележува дека во понудата на Вучиќ „или референдум или убијте ме“ пред сѐ „не постојат фер и чесни избори“.

„Само тоа не им го нуди на граѓаните на Србија. Но, за каков референдум зборуваме кога цела Европа му честита и вели дека поелегантно ги украл изборите од оние во Грузија. Затоа Вучиќ предлага фудбалски натпревар на кој судијата е негов и во кој тој нема гол и знае дека тој натпревар не може да го загуби“, заклучува Божо Прелевиќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми