1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РамноправностСеверна Македонија

По три години обвинение за напад врз член на ЛГБТ заедницата

ДТЗ
30 ноември 2022

Припадниците на ЛГБТ заедницата често се жалат на бројни препреки, осуда и насилство. Тие се чести жртви на говор на омраза на социјалните мрежи, но и на вербални и физички напади.

Скопје прајд
По три години обвинение за напад врз учесник на Парадата на гордоста во СкопјеФотографија: Reuters/O. Teofilovski

По три години од одржувањето на првата Парада на гордоста во Скопје, поднесе е обвинение за насилство врз припадник на ЛГБТ заедницата во Северна Македонија. Насилството се случило на 29 јуни 2019 година по завршувањето на парадата, каде што група малтретирала, навредувала и нападнала учесник на маршот. За нападот е обвинет 33-годишен скопјанец, додека останатите учесници во инцидентот не се идентификувани. 

„Делото било сторено од омраза заради сексуалната ориентација и припадност на оштетениот кон ЛГБТ заедницата“, утврдило обвинителството, коешто го гони напаѓачот за насилство според член 386 од Кривичниот законик.

Инцидентот се случи по одржувањето на Првата парада во гордоста во главниот град, на која имаше силно полициско обезбедување. Маршот започна од Триумфална порта, а ги предводеше камион на кој се возеа танчерки. Учесниците на парадата се движеа од паркот Жена борец, преку улицата „Рекорд“, покрај зградата на Владата, а заврши кај „Школка“ во градскиот парк. Бројни граѓани излегоа да ги поддржат барањата на припадниците на ЛГБТ заедницата, но имаше и такви кои го осудија настанот. 

Припадниците на ЛГБТ заедницата често се жртви на говор на омраза, но и на вербални и физички напади.Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Напад од омраза

Полицијата тогаш информираше дека шестмина ЛГБТИ активисти биле нападнати по парадата.Тие на Матка биле пресретнати од неколкумина и навредувани поради сексуалната ориентација. Од обвинителството потсетуваат дека по завршување на „Парада на гордоста“ во Скопје, нападнатиот со уште неколку други лица се враќале од ручек на Матка. Кога тргнале да си одат биле забележани од напаѓачот и другите непознати лица, кои ги препознале и започнале да ги навредуваат и да им се закануваат.

Исплашени за нивната безбедност, тие се качиле во такси возила и се обиделе да побегнат, но напаѓачите со автомобили ги следеле. Во еден момент им го попречиле патот, насилно било извадено едно од момчињата од автомобилот и било удирано со бокс.

Припадниците на ЛГБТ заедницата често се жалат на бројни препреки, осуда и насилство. Тие се чести жртви на говор на омраза на социјалните мрежи, но и на вербални и физички напади.  Податоците од пред неколку години укажуваа дека седум од десет припадници на ЛГБТ заедницата во земјата биле жртви на насилство поради својата сексуална ориентација.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми