Спогодба со Трамп - Јутјуб ќе плати 24,5 милиони долари
30 септември 2025
Јутјуб се согласи да плати 24,5 милиони долари (20,1 милиони евра) за да реши тужба поднесена од американскиот претседател Доналд Трамп откако компанијата го суспендираше неговиот профил по немирите на Капитол Хил на 6 јануари 2021 година. Со тоа, фирмата ќерка на Гугл станува дел од низата технолошки компании кои решиле тужба од страна на Трамп поради настаните на тој ден.
Вкупно 22 милиони долари ќе бидат наменети за градежен проект во Белата куќа преку непрофитна организација наречена „Trust for the National Mall“. Во текстот на спогодбата се вели дека непрофитната организација е „посветена на реставрација, зачувување и воздигнување на Националната алеја, за да ја поддржи изградбата на Државната балска сала на Белата куќа“.
„Јутјуб“, исто така, се согласи да плати дополнителни 2,5 милиони долари на голем број про-Трамп организации и поединци, вклучувајќи ја и Американската конзервативна унија.
Спогодбата, според поднесокот, не претставува признавање на одговорност. Гугл не излезе со соопштение за причините за спогодбата.
За што беше поднесена тужбата?
Големите социјални платформи го отстранија профилот на Трамп по 6 јануари, загрижени дека ќе промовира натамошно насилство поради тврдењата дека ги загубил претседателските избори од Џо Бајден во 2020 година поради изборна измама.
Во судирите на 6 јануари 2021 година, по упадот на про-Трамп демонстранти во зградата на Капитол кои носеа јарболи, електрошокери и спреј против мечки, беа повредени повеќе од 140 полицајци.
Јутјуб го блокираше Трамп и спречи тој да постави ново видео за „загриженост за тековниот потенцијал за насилство“.
Трамп ги тужеше Јутјуб, Фејсбук и Твитер (сега Х) тврдејќи дека бил неправедно цензуриран.
Мета веќе одвои 25 милиони долари за да реши слична тужба, додека Х ја реши својата тужба за 10 милиони долари.
Сундар Пичаи, шеф на матичната компанија на Гугл, Алфабет, и Марк Закерберг од Мета, матичната компанија на Фејсбук, беа меѓу технолошките лидери во земјата што можеа да се видат директно зад Трамп за време на церемонијата на инаугурација за неговиот втор мандат во јануари оваа година.