1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

По забраната: што го очекува ЛГБТК+ движењето во Русија?

Алексеј Стрелников
9 декември 2023

Рускиот Врховен суд го оквалификува меѓународното ЛГБТК+ движење како екстремистичко. Активистите и оние кои се погодени ја критикуваат одлуката и сега очекуваат најлошо.

Активисти на ЛГБТК+ Русија
Активисти на ЛГБТК+ за време на мајска демонстрација во Санкт ПетербургФотографија: Dmitry Lovetsky/AP Photo/picture alliance

Рускиот Врховен суд на 30 ноември, на барање на Министерството за правда, го оквалификува меѓународното ЛГБТК+ движење како екстремистичка организација. Со оглед на тоа што состанокот бил одржан зад затворени врати, не е познат целосениот текст на одлуката. Експертите наведуваат дека движењата за човекови права и активистите кои користат симболи на ЛГБТК+, донираат или на некој друг начин поддржуваат „нетрадиционални вредности, сега се во опасност од прогон.

Потегот на властите за забрана на сите квир-активности рускиот претседател Владимир Путин би можел да го искористи во својата предизборна кампања. Според руските медиуми, тој наскоро би можел да ја објави својата кандидатура за петти мандат. Зачувувањето на „традиционалните семејни вредности“ би можела да биде тема во изборната кампања.

Ќе почне ли наскоро прогон?

Одлуката на Врховниот суд стапува во сила веднаш, но засега влијае само на активноста на ЛГБТК+ заедницата. Делот кој се однесува на „структурите на организацијата“, што би можело да значи сите организаци во Русија поврзани ЛГБТК+, ќе стапат во сила на 10 јануари 2024 година, изјави за Дојче веле Максим Оленихев, правен советник на проектот за човекови права „Прво одделение.“

Тој се плаши дека веројатно нема да има жалби на одлуката, зашто нема кој да ги вложи. Нема таков обвинител, вели тој и додава дека на активистите кои би се обиделе да преземат таква улога, тоа не би им било дозволено. Тоа во ноември се случи со група активисти за човекови права кои регистрирале движење под името „Меѓународно општествено ЛГБТК+ движење“. Нивната жалба против барањето на Министерствто за правда до Врховниот суд едноставно била игнорирана.

Протест во Мадрид во 2013 година, кога Путин го потпиша законот за забрана на „пропаганда за нетрадиционални сексуални односи“ меѓу малолетницитеФотографија: Rodrigo Garcia/ZUMAPRESS.com/picture alliance

Оленихев критикува што седницата на Врховниот суд не била јавна и што не е објавен текстот на одлуката. „Државата сака да ги спречи луѓето да се спремат и да дознаат дали нивните активности се забранети или не“, вели тој. Поради тоа засегнатите, според негови зборови, би морале да очекуваат максимална казна која е неодамна пропишана за екстремистички организации, а тоа е затвор до 12 години.

Во согласност со тоа, активистите исто така можат да сносат и одговорност. Истакнувањето забранети симболи се казнува со парична казна од 1.000 до 2.000 рубљи (околу 10 до 20 евра) или административен притвор до 15 дена. Во случај на нивно истакнување по втор пат, се заканува затворска казна до четири години или парична казна од 600.000 до милион рубљи (6.000 до 10.000 евра). „Она што сега спаѓа под забранети симболи би морало да биде наведено во судската одлука. Затоа уште е нејасно дали е забрането знамето со бои на виножито или не“, вели Оленихев.

Безбедно е само во странство

Многу ЛГБТК+ активисти одамна ја напуштија Русија, вклучувајќи ги и оние од групата „Центар Т“, која поддржува трансродови лица во Русија. Сепак, некои од нивните активисти кои не можат да работат онлајн, останаа во Русија. За тоа известува и основачот на „Центар Т“, Јан Дворкин. И истакнува: „Станува збор за итна помош, на пример за итно сместување на луѓе кои се прогонети поради нивниот идентитет или ориентација или кои се исфрлени од становите. Од безбедносни причини сега веќе нема да рекламираме такви услуги.“

Состаноците со членовите на заедницата и психолози и натаму ќе се одржуваат онлајн, вели Дворкин, кој исто така ја напуштил Русија. „Веројатно ќе ги држиме нашите конференции без видеа и само со лично проверени учесници.“

Членовите на тимот „Сфера“, кој од 2011 година води кампања за правата на ЛГБТК+ во Русија, сега исто така ги вагаат ризиците по себе. Водителката на проектот „Правна помош“, Јекатерина Диковскаја за ДВ изјави дека најголем дел од нејзината работа се одвива во безбеден интернет формат, а дел од нејзиниот тим е во странство.

Но, вели таа, многу луѓе во Русија се во опасност. Станува збор за оние кои даваат донации на квир-организации и се претплатени на канали на соодветни мрежи или блогери. „Постои ризик од кривични постапки против членови на нашиот тим и луѓе кои соработуваат, но и против нашите донатори“, вели Диковскаја.

Руско ЛГБТК+ семејство пребегано во Шпанија Фотографија: Privat

Фотографката Роса од Виборг, која себеси се гледа како квир, решила да остане во Русија. Таа внимателно ги следи сите објаснувања на правниците на социјалните медиуми за да не ја совлада паника, а и за да го процени ризикот од новата репресија. „Уште не знам како да ги заштитам другите, зашто објавувам приказни со ЛГБТК+ лица во странски медиуми. Моментално е нејасно дали нивните лица би требало да бидат ретуширани на фотографиите“, вели таа.

Почетoк на изборната кампања на Путин?

Прогонот на ЛГБТК+ лицата во Русија трае најмалку од 2013 година, кога Путин го потпиша  законот за забрана на „пропаганда за нетрадиционални сексуални односи“  меѓу малолетниците. Следниот репресивен закон е донесен во 2022 година, а со него е забранета дистрибуција на било каков материјал за кој руските власти веруваат дека „промовира нетрадиционални сексуални односи“. Тоа, под закана на парични казни, натера многу издавачи, книжарници и онлајн кина да склонат секое споменување на истополови врски.

Лидерот на руската „Антикорупциска фондација“ на Алексеј Навални, опозиционерот Иван Жданов, на Телеграм напиша дека одлуката на Врховниот суд би можела да биде почеток на Путиновата предизборна кампања. На тој начин, вели тој, власта сака да го сврти вниманието на јавноста од вистинските проблеми, првенствено сѐ поголемата меѓународна изолација на земјата, а и да „создава митски непријатели и дискриминација на населението од разни причини.“

Кремљ не го следи процесот во кој Министерството за правда бара меѓународното ЛГБТК+ движење да се прогласи за екстремистичко, рече пред одлуката портпаролот на рускиот претседател, Дмитри Песков. Владимир Путин исто така неколку пати го коментираше ЛГБТК+ движењето. Во ноември на Културниот форум во Санкт Петербург изјави дека ЛГБТК+ лицата „се исто така дел од општеството“. А во февруари во говор во парламентот рече дека „никој не навлегува во приватноста на ЛГБТК+ лицата“, но додаде дека „Светото писмо вели дека семејството е заедница на маж и жена.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми