Иран тврди дека е подготвен и за „војна“ и за разговори
12 јануари 2026
Со оглед на големите протести против власта во Иран и заканите за воена интервенција од страна на САД, Техеран тврди дека е подготвен и за „војна“ и за разговори.
„Исламската Република Иран не стреми кон војна, но е одлично подготвена за неа“, изјави министерот за надворешни работи Абас Арагчи на конференција со странски амбасадори во Техеран, која денеска (12.01) ја пренесе државната телевизија.
Арагчи додаде: „Исто така сме подготвени за преговори, но овие преговори мора да бидат фер, со еднакви права и врз основа на заемна почит.“ Иран и САД веќе со децении немаат официјални дипломатски односи.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно – по извештаите за бруталното постапување на иранските безбедносни сили против демонстрантите – се закани со разгледување на „многу драстични опции“ од страна на американската војска.
Протестите во Иран започнаа пред две недели и првично беа насочени против економската состојба. Во меѓувреме прераснаа во масовни демонстрации против власта во Техеран. Според активистите, до неделата најмалку 192 луѓе биле убиени за време на протестите. Непотврдени извештаи укажуваат на значително поголем број жртви.