1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победата на АфД – силна шлаканица за владата на Шолц

Сабине Кинкарц
2 септември 2024

За СПД, Зелените и ФДП, кои се коалициски партнери во сојузната влада во Берлин, резултатот од покраинските избори во Саксонија и Тирингија е вистинска катастрофа. Какви последици има ова за политиката на сојузно ниво?

Олаф Шолц, Роберт Хабек, Кристијан Линднер Германија
Катастрофален пораз на партиите од владината коалиција на Олаф Шолц во Тирингија и СаксонијаФотографија: Ben Kriemann/PicOne/picture alliance

Се гласаше во само две од вкупно 16 покраини и право на глас на покраинските избори имаа само пет милиони граѓани од повеќе од 61 милиони гласачи ширум Германија. Сепак, изборите во Тирингија и Саксонија имаат повеќе од само регионално значење.

Од една страна, затоа што за прв пат на покраински избори, десно-екстремистичката  АфД доби повеќе од една третина од гласовите.  Од друга страна, затоа што никогаш досега партии кои се дел од  сојузната влада во Берлин  не постигнале толку лош вкупен резултат на покраински избори.

79 отсто од Германците се незадоволни од сојузната влада

И во Саксонија и во Тирингија, тамошната десно-екстремна АфД собра повеќе од двојно повеќе гласови од партиите на т.н. семафор коалиција од СПД, Зелените и Либералите заедно. Нивните резултати се едноцифрени и за Либералите и Зелените делумно не се доволни ни да влезат во парламентите во Саксонија и Тирингија.

Според анкетите, и на СПД ѝ се закануваше неможност да стане дел од парламентарниот состав, но на крајот социјалдемократите беа поштедени од таков дебакл. Дали гласачите сакаа да ѝ одржат лекција на сојузната влада? Четири од петмина Германци не се задоволни од работата на владата во Берлин, и тоа не само од пред неколку месеци. Во емисијата на првата програма на германска јавна телевизија АРД за трендовите во Германија, на анкетите редовно има лоши оцени за канцеларот Олаф Шолц и неговите министри.

Не помогнаа депортациите непосредно пред изборите

Коалицијата се перципира за раскарана и неспособна да дејствува. Лидерот на партијата на Зелените, Омид Нурипур, на изборната ноќ призна дека мора „да се погледнеме во огледало“. Не помогна ни тоа што владата брзо и едногласно извлече заклучоци од  нападот со нож во Солинген  непосредно пред покраинските избори. Најавени беа заострувања во  миграциската и безбедносната политика,  а неочекувано  28 криминалци беа депортирани во Авганистан.

Задоволни од победата во Тирингија и добриот резултат во Саксонија - лидерите на АфД, Алис Вајдел и Тино КрупалаФотографија: Emmanuele Contini/IMAGO

АфД се гледа себеси потврдена  на широк план. Покраинските избори донесоа „историски“ изборен успех за партијата, рече копретседателката на АфД на сојузно ниво, Алис Вајдел, и побара сојузната влада да си поднесе оставка. „Ова е и казна за семафор-коалицијата, ова е реквием за таквата коалиција“, рече Вајдел. „Семафор-коалицијата треба да се запраша дали воопшто може да продолжи да владее, прашањето за предвремени избори треба да се постави најдоцна по изборите во Бранденбург, бидејќи вака не може да продолжиме“, порача Вајдел.

Само без кавги пред следните избори

На 22 септември, по Саксонија и Тирингија, покраински парламентарни избори се одржуваат и во источно-германската покраина Бранденбург. И таму АфД е во водство, но веднаш зад неа се Социјалдемократите, кои ќе направат сѐ во нивна моќ да останат смирени до датумот на изборите, бидејќи за нив во Бранденбург многу нешта се на коцка.

СПД од 1990 година владее во Бранденбург. „Очекувам сите да се ангажираат уште повеќе отколку досега“, апелираше претседателот на СПД, Ларс Клингбајл, на изборната вечер во Берлин. Тој смета дека сите заедно треба да се борат за да ги вратат гласачите и дека „секој мора да го даде својот придонес за да се подобрат нештата“.

Грејс период за Шолц

И покрај слабите резултати на покраинските избори во Тирингија и Саксонија, канцеларот Олаф Шолц може и натаму да смета на поддршката од својата партија, рече Клингбајл, кој на тој начин ги отфрли сите кадровски дискусии во СПД. Раководството на СПД нагласува дека на следните сојузни избори повторно ќе одат со Шолц како кандидат.

Загрижени лица во СПД - Кевин Кинерт, Саскиа Ескен и Ларс КлингбајлФотографија: Liesa Johannssen/REUTERS

Единство кое може преку ноќ да се промени доколку во Бранденбург пропадне реизборот на премиерот Дитмар Воидке, кој веќе 11 години е покраински премиер. Тогаш во СПД би можеле да станат погласни барањата наместо Шолц, кандидат за канцелар на изборите во септември 2025 година да биде - меѓу народот далеку попопуларниот - министер за одбрана Борис Писториус.

Расте потенцијалот за конфликт во коалицијата

Дали дотогаш ќе опстане коалицијата од СПД, Зелените и Либералите? Лошите резултати на покраинските избори и мизерните бројки во анкетите на сојузно ниво не влијаат само  лошо на расположението. Во поединечните партии има сѐ погласни барања за појасно профилирање. „За мојата партија сега ќе биде важно повеќе да се еманципира и да стане појасно што може да се добие само со СПД и веќе нема да дозволиме да нѐ вртат околу малиот прст“, рече генералниот секретар на СПД, Кевин Кинерт. Потенцијал за конфликт не се крие само во буџетот за следната година, кој треба да се изгласа во Бундестагот. Останува да се види и дали владата воопшто ќе успее да го спроведе веќе најавеното  заострување на миграциската политика. За таа тема има и прилично критички гласови во левото крило на СПД и Зелените кои не се согласуваат со одлуките.

Унијата прави притисок

Всушност, ниту една од трите владини партии не може да си дозволи колапс на коалицијата. На предвремени избори, според актуелните анкети, тие воопшто веќе не би имале владејачко мнозинство. Победници во тој случај би биле АфД и Унијата.  ЦДУ и ЦСУ,  кои ја формираат најголемата опозициска фракција во Бундестагот во Берлин, веќе подолго време бараат владата да поднесе оставка.

Унијата прави притисок - Лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц (десно) и генералниот секретар на ЦДУ, Карстен ЛинеманФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

„Казнети се партиите на семафор-коалицијата“, рече генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман на изборната вечер. „Партијата на канцеларот која освои само едноцифрен процент на гласови во двете источни покраини мора да си го постави прашањето дали сè уште прави политика за народот на Германија?“, порача Линеман.

Унијата ќе продолжи да го зголемува притисокот врз сојузната власт. Таа во моментов не само што бара брзо да се спроведат најавените промени во миграциската политика, туку се залага и за дополнително заострување. По нападот со нож во Солинген, лидерот на ЦДУ Фридрих Мерц зборуваше за „граница на прекумерно оптоварување“ која во земјата е веќе пречекорена. Сојузната влада мора да прогласи „национална вонредна состојба“ за да може да ги враќа бегалците директно на германската граница.

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми