1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаАвстрија

Победата на Ван дер Белен во Австрија не е триумф

ЕМФ | агенции
10 октомври 2022

Александер Ван дер Белен останува на претседателската функција во Австрија. Тој не сака да менува многу во своето работење. Неговата победа не е триумф.

Ван дер Белен: Мојата главна цел е да бидам доверлив
Ван дер Белен: Мојата главна цел е да бидам доверливФотографија: Markus Schreiber/AP Photo/picture alliance

По реизборот на претседателската функција, Александер Ван дер Белен сака да остане верен на својот стил. „Мојата главна цел е да бидам доверлив“, изјави 78-годишникот вчеравечер (9.10) на австриската телевизија ОРФ.

Претседателот, според неофицијалните резултати и со непресметани гласови од лицата кои гласаа со писмо, освои 54,6% од гласовите. Прогнозите велат дека заедно со гласовите од избирачите кои гласаат со писмо, Ван дер Белен би можел да има 56% гласови.

На второ место е кандидатот на десничарската ФПО, Валтер Розенкранц, кој освои 18% гласови. Останатите петмина кандидати на своето конто имаат едноцифрени проценти гласови. Одзивот на изборите беше 65%.

Резултатот на изборите од страна на многу медиуми беше оценет како прилично скромен. „56 проценти за актуелен претседател се вредност со која не можеме да се гордееме, но тоа прашање задутре веќе нема да го поставува никој“, коментира „Стандард“.

Од Ван дер Белен се бара да не биде толку воздржан во врска со дневнополитичките прашања во земјатаФотографија: Georg Hochmuth/APA/picture alliance

Според многу граѓани, поранешниот лидер на Зелените, Ван дер Белен, е премногу воздржан во врска со дневнополитичките прашања, вели истражувачот на јавно мислење Кристоф Хазелмајер.

Политичкиот советник Томас Хофер исто така гледа потреба од промени кај Сојузниот претседател. „Тој барем во одредени случаи треба да се откаже од својата воздржаност и треба почесто да се јавува за збор“, вели Хофер.

Според анкетите, многу Австријци не го сметаат својот претседател за непартиска личност. Генерално, расположението кај австриското население во однос на политиката е многу негативно во моментов. Во анкета на ОРФ презентирана вчера, само 16% од граѓаните изјавиле дека се задоволни од политиката, додека 81% се „разочарани“, па дури и „лути“. Развојот на ситуацијата во Австрија, во меѓувреме како негативен го оценуваат дури 64% од испитаниците, додека во 2016 година такво мислење имаа 52% граѓани.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми