1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МузикаСоединети Американски Држави

Почина музичкиот титан Квинси Џонс

Тагесшау | ЕМФ
4 ноември 2024

Во Лос Анџелес, на 91-годишна возраст, почина музичарот и продуцент Квинси Џонс. Џонс беше продуцент на уметници како Мајкл Џексон и Нана Мускури и продуцираше филмови како што е „Виолетова боја“.

Квинси Џонс
Квинси Џонс почина на 91-годишна возрастФотографија: imago stock&people

Музичарот и продуцент Квинси Џонс почина на 91-годишна возраст во својот дом во Бел Ер, Лос Анџелес, опкружен со своето семејство, изјави неговиот портпарол Арнолд Робинсон. „Денес со полни, но скршени срца ја споделуваме веста за смртта на нашиот татко и брат Квинси Џонс“, се вели во соопштението на семејството. „И додека ова е неверојатна загуба за нашето семејство, ние го славиме големиот живот што тој го живееше и знаеме дека никогаш нема да има друг како него.“

Квинси Џонс важеше за титан на музичката индустрија. Тој продуцираше глобални успеси, како што е албумот „Трилер“ на Мајкл Џексон, и работеше со великани како Френк Синатра, Арета Френклин и Нана Мускури.

Во својата младост, Џонс припаѓал на улична банда во Чикаго и оттаму се искачи на највисоките нивоа во шоу-бизнисот. Тој стана еден од првите црни претприемачи кој постигна успех во Холивуд и создаде музика која влезе во историјата.

Квинси Џонс беше на турнеја со Каунт Бејзи и Лајонел Хемптон, правеше аранжмани на плочи за Френк Синатра и Ела Фицџералд, ја компонираше музиката за „Roots“ и „In the Heat of the Night“, ја организираше првата церемонија на инаугурација на поранешниот американски претседател Бил Клинтон и ја режираше All-Star-снимката на „Ние сме светот“, добротворна плоча од 1985 година за помош на гладните во Африка.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми