1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина Хорст Келер: Непознатиот претседател на Германија

СН | АРД | агенции
1 февруари 2025

Државен секретар, шеф на ММФ, германски претседател од 2004 до 2010 година. Ова се само дел од станиците на исклучителната политичка кариера на Хорст Келер. Тој почина денеска на 81-годишна возраст.

Хорст Келер почина на 81-годишна возраст. Тој беше претседател на СР Германија од 2004 до 2010 година.
Хорст Келер почина на 81-годишна возраст. Тој беше претседател на СР Германија од 2004 до 2010 година.Фотографија: Harry Melchert/dpa/picture-alliance

Поранешниот германски претседател Хорст Келер почина рано утринава на 81-годишна возраст по кратко, тешко боледување, соопшти Кабинетот на  претседателот на Сојузна Република Германија во Берлин.

Келер беше избран за шеф на државата на 23 мај 2004 година, а на функцијата беше потврден пет години подоцна. Сепак, на 31 мај 2010 година, тој неочекувано поднесе оставка.

Актуелниот германски претседател Франк-Валтер Штајнмајер, во писмото со сочувство до неговата вдовица Ева Келер,  истакна дека Келер бил „благослов за нашата земја“ . Штајнмајер нагласи: „Можеме да бидеме само длабоко благодарни што успеавме да го доживееме Хорст Келер деветтиот претседател на Сојузна Република Германија. Тој и даде многу на оваа земја“.

Првиот претседател кој не беше член на партија

Келер беше првата личност на највисоката државна функција во Германија кој не беше партиски политичар. Овој дипломиран економист својата кариера ја започна во 1976 година во германското Министерство за економија, а по различни позиции таму, во 1990 година стана државен секретар во Министерството за финансии, кое тогаш беше раководено од Тео Вајгел од Христијанско-социјалната унија (ЦСУ).

Човек од акција: Како висок функционер во Министерството за финансии, Келер беше многу вклучен во преговорите за обединување на Германија и Договорот за ЕУ ​​од Мастрихт.Фотографија: picture-alliance/ZB

Келер, меѓу другото, беше и главен германски преговарач за Договорот од Мастрихт за Европската монетарна унија. Како висок функционер во министерството за финансии тој учествуваше и во преговорите за повторното обединување на Германија. Во 1993 година, тој премина во финансискиот сектор - прво како претседател на германските штедилници и жиро здруженија, потоа како претседател на Европската банка за обнова и развој во Лондон. Во 2000 година, тој стана шеф на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Оставка само една година по реизборот

Келер беше избран за деветти претседател на СР Германија во 2004 година, наследувајќи го Јоханес Рау. Сојузното собрание го реизбра во 2009 година. Неговата оставка, која стапи во сила веднаш, само една година подоцна, беше единствена во историјата на Сојузна Република.

Повод за оставката беше интервјуто за „Дојчландрадио Култур“, кое Келер го даде при повратниот лет по посетата на германските војници во Мазар-и-Шариф, Авганистан. 

Во него тој го оправда ангажманот на Бундесверот во странство со заштитата на германските економски интереси. Критичарите го обвинија дека ја оправдува интервенцијата во Авганистан, што Келер го негираше. Сепак, тој сметаше дека критиките непоправливо и наштетиле на неговата позиција и реши да поднесе оставка.

Чести несогласувања

Во земјата, Келер често предизвикуваше незадоволство во владините кругови. Така, во 2006 година одби да го потпише законот за приватизација на надзорот на воздушниот простор, а потоа и законот за заштита на потрошувачите.

Неговата одлука во 2005 година да го распушти Бундестагот и да распише нови избори беше спорна во уставноправна смисла. Пред тоа, тогашниот канцелар Герхард Шредер од Социјалдемократската партија (СПД) покрена гласање за доверба на владата на Бундестагот со намера да го изгуби.

Хорст Келер и сопругата Ева Келер во март 2023 годинаФотографија: Ben Kriemann/PIC ONE/dpa/picture alliance

Штајнмајер: Келер „освои многу срца“

По неговата оставка, Колер речиси и да не даваше изјави за актуелните внатрешно-политички прашања. Неговата посветеност на заштитата на климата стана очигледна во 2021 година кога го презеде покровителството на првиот национален граѓански совет за климатска политика. Фондацијата што ја основаа тој и неговата сопруга поддржува истражувања за ретки болести.

Во своето писмо со сочувство, претседателот Франк-Валтер Штајнмајер потсети дека кога Келер стана претседател во 2004 година, тој беше практично непознат за пошироката јавност, но брзо се стекна со големо признание и симпатии.

„Неговата директност, заразна насмевка и оптимизам, неговата верба во силата на нашата земја и креативната енергија на нашиот народ овозможија да освои многу срца“, напиша Штајнмаер. „Но, неговите јасни и често непријатни опомени и говори му донесоа почит“, истакна германскиот претседател. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми