1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаГлобално

Почина поранешниот папа Бенедикт Шеснаесетти

31 декември 2022

Бенедикт Шеснаесетти, прв папа од Германија по речиси 500 години, кај некои беше омилен, за други - контроверзен. Тој почина денеска (31.12.2022) на 95-годишна возраст во неговиот дом во Ватикан, соопшти Светата столица.

Ин мемориам: поранешниот папа Бенедикт Шеснаесетти
Ин мемориам: поранешниот папа Бенедикт ШеснаесеттиФотографија: Sven Hoppe/dpa/dpa-Pool/picture alliance

Тој беше големиот папа-теолог. Што и да правеше, што и да зборуваше, секогаш заштитнички на ум ги имаше традицијата и учењето на црквата низ вековите. Сепак, теолошките достигнувања не го заштитија од сè покритичкиот поглед кон него. Бидејќи во кобната историја на злоставување на Католичката црква во Германија, едно поглавје има и за Јозеф Рацингер, надбискупот од Минхен (1977-1982), кој подоцна стана папа. Извештај, детално подготвуван со години, забележува дека тој не постапил како што треба во четири случаи. Несоодветно постапување кое на одделни сторители веројатно им овозможило да продолжат да дејствуваат.

Тој беше прв германски папа по речиси 500 години. Папа од Германија, 60 години по Втората светска војна и националсоцијалистичкото убивање на Евреите, но и папа од земјата на Мартин Лутер, земјата на црковниот раскол. Речиси осумгодишниот понтификат на Бенедикт беше во сенка на скандали и црковни кризи. И, со својата оставка на 28 февруари 2013 година, папата Бенедикт испиша црковна историја.

„Кардиналите ме избраа. Едноставен и понизен работник во Господовото лозје“. Со овие зборови кардиналот Јозеф Рацингер зачекори на балконот на базиликата Свети Петар во Рим на 19 април 2005 година и ги освои симпатиите. По само два дена конклава, бел чад се издигна над Систинската капела - и тогаш 78-годишникот стана нов поглавар на Римокатоличката црква.

Свештеник, професор, папа

Во време на папата Бенедикт Шеснаесеттисветот беше сведок на конзервативен папа, кој повремено ги изненадуваше сите. Зашто Бенедикт можеше да ја комбинира длабоката побожност на своето потекло со послушноста на професорот. Како поглавар на црквата, тој го промовираше разговорот за разумот и верата. Тој не ја продолжи често строгата линија на кардиналот Јозеф Рацингер. Но, папата, кој се грижеше за пасторалната грижа, можеби страдал лично од општото кризно расположение во Католичката црква. На крајот на краиштата, со само осумте години на чело на црквата на Бенедикт Шеснаесетти заврши долгиот понтификат на Јован Павле Втори (1978-2005), вклучувајќи ги и потешките аспекти на тој понтификат. Во 2013 година, како папа на транзицијата, тој конечно го отвори патот за избор на свештеник и конзервативен реформатор кој беше близок до луѓето.

За Рацингер, изборот за папа е круна на животот кој започнува на 16 април 1927 година во местото Марктл ам Ин, во баварската провинција. Таткото на Јозеф бил жандарм, а неговото семејство било длабоко религиозно. На крајот на 1944 година, на 17-годишна возраст, идниот папа е регрутиран во Вермахтот. Набргу по завршувањето на војната, Јозеф, како и неговиот брат Георг, кој е три години постар од него, студира теологија и со него е ракоположен за свештеник . Единствената сестра останува немажена.

Јозеф Рацингер на 16-годишна возрастФотографија: Getty Images/AFP/STF

На крајот на 1950-тите, Рацингер станува професор по теологија и брзо стекнува почит. Во кругот на келнскиот архиепископ кардинал Јозеф Фрингс, во 1963 година учествува на Вториот ватикански собор (1962-1965), кој има за цел да го отвори патот за обновување на учењето и животот на Католичката црква. Но, студентските протести од 1968 година го менуваат. Иако професорот од Баварија на почетокот тргнува по нови патишта на мислата, тој потоа се враќа на познатата традиција. Во 1977 година Рацингер станува надбискуп на Минхен-Фрајзинг и наскоро кардинал. Добри четири години подоцна, папата Јован Павле Втори го доведува во Рим. Како префект на Конгрегацијата за доктрина на верата, тој е врховен чувар на верата на својата црква. Рацингер се залага за строго конзервативен курс во врска со образовните и реформските прашања, како и прашањата за улогата на жената или екумената. Некои го нарекуваат „панцер кардинал“ (панцер - во превод оклоп, тенк).

„Ние сме папа“

Изборот на Бенедикт за папа во 2005 година предизвика радост и гордост кај германските католици. „Ние сме папа“ беше насловот на тогаш најголемиот таблоид. Но, имаше и резерви и стравови. Се велеше дека 265-от папа во историјата на црквата е премногу стар со своите 78 години и се сметаше дека ќе биде неспособен за реформи поради својот конзервативен карактер.

Во црковно-политичка смисла, осумгодишниот мандат на Бенедикт остана фаза на транзиција. Но, Бенедикт Шеснаесетти исто така и истапуваше од улогата на преоден папа. Тој постави свои акценти. И назначи повеќе од половина од оние кардинали кои го избраа неговиот наследник Франциско во март 2013 година.

Бенедикт ја истакнуваше раководната улога на неговата католичка црква и нејзиното тврдење дека е единствената вистинска црква. Протестантите негодуваа и не сакаа да бидат етикетирани како црква од пониска класа. Не беа направени важни чекори кон екуменското зближување.

Насловната страна на весникот Билд по изборот на кардиналот Рацингер за папаФотографија: picture-alliance/dpa

Неговиот пристап кон традиционалистите на Братството Пиј и неговото трпение со овие „бунтовници“ на маргините на црквата предизвикаа бројни критики. Рацингер, плашејќи се од траен расцеп, се обиде да ги врати традиционалистите. Тоа не успеа. Во исто време, тој им даде нов духовен дом на оние Англиканци за кои реформите во нивната црква, како што е ракополагањето на жените во свештенство, одеа предалеку. Згора на тоа, Бенедикт Шеснаесетти многу свесно негуваше контакти со православието.

Односот на сега починатиот пензиониран папа кон другите религии не беше без тензии. Во сеќавање останува бесот во арапскиот свет понеговиот говор во Регенсбург во 2006 година, со цитат за Мохамед кој предизвика недоразбирање. Како последица на тоа, сепак, христијанско-исламскиот стручен дијалог доби квалитет каков што дотогаш не беше познат.

Соочување со сексуалното насилство

Скандалот околу масовното злоставување малолетници од страна на свештеници, кој беше прикриван со децении, го засени мандатот на Бенедикт. Во многу земји, како Ирска, САД, Австралија и Белгија, а од 2010 година иво Германија, на виделина излегуваат сѐ повеќе и повеќе случаи на сексуално насилство. Критичарите велат дека црквата не реагира доволно решително, туку сака само да ги префрли сторителите на служба на други места и да ги прикрие злосторствата. Се вели дека недостига волја за граѓански постапки.

За разлика од неговиот претходник, Бенедикт прави обиди за соочување со тоа. Тој јасно го осудува секое злодело и секогаш повикува на заштита на црквата во нејзината светост. На своите патувања се среќава со жртви на злоупотреба - секогаш зад затворени врати. Неговиот шок од нивната судбина е опиплив, а настаните ги нарекува „неволја“ и „големо страдање“.

Како резултат на тоа, тој ги заостри барањата за обука на свештеници. Во времето на неговиот наследник, степенот на злоставување во црквата во многу делови од светот стана уште појасен. Во 2019 година, Франциско првпат испрати покани за светски црковен кризен самит во Ватикан. И Франциско прв ги охрабри епархиите и бискупските конференции ширум светот да се занимаваат со злосторствата и да се обратат кон жртвите. Бидејќи папата, кој дојде од далечната Аргентина и кој, за разлика од неговиот претходник, имаше дистанца кон ватиканскиот апарат и неговите заштитни механизми, беше шокиран од димензиите на злоупотребите.

Бенедикт Шеснаесетти првпат им се обраќа на верниците како новоизбран папа во април 2005 годинаФотографија: Getty Images/M. Tama

Предавство и заостој на реформите

Конечно, во 2012 година, таканаречената афера Ватиликсго потресе центарот на моќта во Ватикан. Документи и интерни информации од опкружувањето на папата беа објавени во јавноста. Се покажа дека тие потекнуваат од личниот собар на папата, Паоло Габриеле. По кратката затворска казна, Габриеле беше помилуван од папата.

Одлуката за повлекување на Бенедикт Шеснаесетти трогна и потресе многу католици. Надвор од црковното опкружување, таа одлука предизвика чудење низ цел свет. Секако, на 85-годишникот можеше да се забележи физичкиот напор во последните неколку месеци од извршувањето на функцијата. Во крајна линија, неговата оставка се должи на одговорноста кон функцијата, но и кон сопственото достоинство.Оставката по испитувањето на неговата совест беше храбар потег и доказ за самодоверба. Меѓутоа, некои католици, кои пред очи ја имаа речиси вечната слика на папа кој служи до смрт, беа иритирани.

Реформа преку откажување

Фактот дека папата од земјата на реформацијата на овој начин ја хуманизираше и реформираше функцијата на чело на Католичката црква, не им беше јасен на делови од верниците. Ватиканскиот апарат го инсценираше неговото повлекување со моќни слики. На својот последен работен ден, Бенедикт Шеснаесетти во бел хеликоптер замина од Ватикан во папската резиденција Кастелгандолфо.

Тоа изгледаше како спектакуларно „збогум“. Но, два месеца подоцна, Бенедикт се врати во Ватикан и се смести во мал манастир во Ватиканските градини. Во 2014 година тој учествуваше на неколку големи богослужби во базиликата Свети Петар или на плоштадот Свети Петар. Одвреме-навреме, негови сопатници споделуваа фотографии кога му беа на гости. Повремено го посетуваше и неговиот наследник.

Некои изјави на Бенедикт беа спектакуларни. А во 2018, 2019 и 2020 година, објавувањето на поактуелни текстови предизвика возбуда и иритација. Тој се вклучи во тековните црковни дебати и зборуваше, на пример, за поврзаност помеѓу „олабавувањето на моралот“ во текот на движењето од 1968 година и скандалот околу сексуалното насилство во црквата. Многумина беа иритирани од начинот на кој тој, спротивно на распространетите сознанија, ги обвинуваше другите.

Една од последните фотографии на поранешниот папа по посетата на неговиот тешко болен брат Георг на 20 јуни 2020 година.Фотографија: picture-alliance/C. Wallberg

Неколку месеци пред неговиот 95-ти роденден, извештај на правници за тоа како надбискупијата Минхен-Фрајзинг постапувала со случаите на сексуална злоупотреба предизвика внимание ширум светот. А, сјајот на фигурата на Рацингер продолжи да бледее. Долго време се шпекулираше дека во времето на Јозеф Рацингер, надбискупијата Минхен-Фрајзинг примила свештеник од бискупијата во Есен кој таму злоставувал деца. Во надбискупијата на Рацингер, свештеникот добил парохиската работа - и децата повторно станале негови жртви. А во извештајот се забележани и уште три случаи на „несоодветно постапување“ на тогашниот кардинал.

Притоа Рацингер, сигурно сеопфатно советуван од правници, се бранеше од обвиненијата на 82 страници. Но, експертите ја преиспитуваа клучната точка од неговото претставување на работите. Кога Рацингер потоа четири дена подоцна се коригираше и мораше да признае дека бил присутен на важен состанок за тоа како да се постапува со свештеникот-насилник, критичарите го соочија со обвинување дека „лаже“. Експертите критички нагласија дека Рацингер само го потврдува она што може да му се докаже без какво било сомневање.

И многумина кои ги читаа забелешките на Рацингер беа иритирани од неговиот студен поглед на свештеничкото недолично однесување кон малолетниците, кој бил застарен дури и во времето кога злосторството е извршено, околу 1980 година. Сето ова се вклопуваше во сликата за црквата на која ѝ беше сè потешко да се соочи со размерите на свештеничките злосторства.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми