1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина Стојан Андов

18 јуни 2024

Во неколку наврати ја извршуваше функцијата претседател на Собранието, а во 1999 година се кандидираше и за претседател на државата.

Стојан Андов
Почина Стојан АндовФотографија: DW/P. Stojanovski

На 89-годишна возраст почина првиот претседател на Собранието на самостојна и суверена Република Македонија, Стојан Андов. Тој е роден во Кавадарци во 1935 година. Основно образование и гимназија завршил во родниот град, а дипломирал на Економскиот факултет во Скопје. Магистрирал на Факултетот за политички науки во Белград во 1972 година.

Бил потпретседател на Републичкиот извршен совет, член на македонската делегација во Соборот на републиките и покраините и член на федералната влада во три мандати, каде се забележува неговата улога на преговарач во контактите на поранешна Југославија со експертите на ЕЕЗ (1971-1987 година).

Се сметал за извонреден познавач и експерт на економските прашања, како и политичар ориентиран кон пазарната економија. Бил амбасадор на поранешна Југославија во Ирак (1987-1991 година).

Основач е на Либералната партија на Македонија и како нејзин претседател ја водеше партијата до спојувањето со Демократската партија во 1997 година, кога е избран за претседател на Советот на новоформираната Либерално-демократска партија (ЛДП). 

На првите повеќепартиски избори во 1990 година е избран за пратеник во Собранието, а подоцна и на сите наредни избори во земјата. Во три мандати бил претседател на Собранието. По атентатот на поранешниот претседател, Киро Глигоров на 3 октомври 1995 година, извесен период ја врши и функцијата претседател. 

Беше кандидат за претседател на Република Македонија на претседателските избори во 1999 година.

Како пратеник, бил и претседател на Постојаната анкетна комисија за човековите права и слободи на граѓаните од 2002 до 2006 година и претседател на собраниската Комисија за уставни прашања од 2006 година. Познат е како политичар од времето на СФРЈ ориентиран кон пазарната економија, искусен и успешен политички преговарач во современиот домашен политички амбиент, но и како политичар со меѓународна репутација во преговорите со странските експерти од областа на економските односи, политичкиот систем и човековите права. Бил избран и за потпретседател на Либералната интернационала.

Стојан Андов: Дојче веле ги зближи уште повеќе Македонците и Германците

02:46

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми