Почитувањето на законот не е избор
8 декември 2025
Секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност во делот на неиздавање фискални сметки, што укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет, информираше Управата за јавни приходи (УЈП).
Овој податок произлегол по околу 4.000 контроли за регистрирање на готвинскиот промет спроведени од страна на УЈП до крајот на ноември. Изречени биле над 2.500 глоби, а за 113 даночни обврзници - мерки за забрана за вршење дејност, односно запечатување на објектот.
Кон поголем број од даночните обврзници кои биле казнети за неиздавање фискални сметки и неевидентиран промет, УЈП испратила персонализирани пораки со повик обврзниците да поднесат исправки на даночните пријави, да го пријават прометот и да го платат данокот. Доколку не постапат доброволно, ќе следуваат и дополнителни контроли со примена на индиректни методи за утврдување на прикриениот промет и неплатениот данок.
Плати во плик
Што значи податокот дека секоја четврта контрола на УЈП во државата открила неиздавање фискални сметки?
„Во поширок контекст, овој факт укажува и на користење на неевидентираниот промет за плаќања во готовина меѓу фирми и исплата на плати во плик, практики кои се спротивни на законот и претставуваат облици на сивата економија, создаваат нелојална конкуренција и предизвикуваат загуби за буџетот“, наведуваат од УЈП.
Постигнувањето на висока даночна дисциплина е најважна цел и мисија во работењето на УЈП. За позитивен тренд се смета тоа што се зголемува навременото поднесување на даночните пријави, што е првиот предуслов за данокот воопшто да стане наплатлив, а се зголемува и навременото плаќање на обврските. Навременото поднесување на ДДВ пријавите за периодот јануари-септември 2025 година изнесувало 95%. Навременото плаќање на ДДВ во истиот период изнесувало 81%, односно бележи пораст во однос на истиот период во 2024 и 2023 година, кога оваа стапка во просек изнесувала 76%. Но, додека расте свеста за навремно плаќање на даночните обврски, остануваат предизвиците со даночната евазија.
Превенција, а не санкција по секоја цена
По тоа прашање целта на УЈП не е контроли и санкции по секоја цена, туку најпрвин преземени мерки кои ќе доведат до трајна промена на однесувањето на субјектите кои применуваат неправилни и штетни даночни практики. Затоа Управата во пристапот почнува со мерки на превенција, потоа корекција, а на крај со контроли и санкции.
„Пред отпочнување со подетални контроли и изрекување санкции, УЈП спроведе обемен процес на советодавни активности и канцелариски анализи со цел да се согледа однесувањето на даночните обврзници и нивото на усогласеност со законските прописи. До 20-ти ноември се реализирани 3.500 советодавни посети на продавници и угостителски објекти, при што даночните службеници ги информираа обврзниците за најчестите неправилности со цел навремена корекција и нивно усогласување“, објаснуваат од Управата.
Во текот на посетите биле утврдени различни состојби: фискални апарати кои немаат налепници од овластен сервисер, кај некои се појавувале оштетени пломби, а кај одреден број обврзници адресата на која бил регистриран фискалниот апарат не соодветствувала со реалната локација на работењето. Утврдено било и неуплаќање на дневниот промет во банка и неводење книга на дневни финансиски извештаи.
Вкрстување на податоците
Паралелно со советодавните посети, биле спроведени и детални анализи врз основа на податоците од ГПРС системот, теренските контроли и ДДВ-пријавите. Анализите укажале на ризични состојби кај дел од обврзниците кои континуирано евидентираат низок или идентичен дневен промет, кај други имало отстапки меѓу капацитетот на објектот и пријавениот промет, неусогласеност меѓу прометот евидентиран во фискалните каси и прометот пријавен во ДДВ- пријавите.
„Врз основа на овие ризици, УЈП продолжува со контроли кои се плански и поткрепени со анализа на ризик. На терен ќе се врши детална проверка на точноста на ДДВ стапките по кои се евидентира готовинскиот промет, потврдување на локацијата на фискалните уреди и сл. Контролата не претставува само едноставно пребројување на средства во благајната и нивно вкрстување со податоците од фискалниот уред, туку инспекторите и контролорите ќе ги испитуваат сите релевантни факти за да ја утврдат реалната фактичка состојба", најавуваат од УЈП.
Ви треба ли фискална?
Прашањето „ви треба ли фискална“, не би требало да постои во комуникацијата меѓу давателите на добра/услуги и купувачите, но сепак често се слуша, а оди единствено во прилог на сивата економија. Дел граѓани реагираат на таквата пракса, но некои се подготвени и да „замижат“ ако тоа им донесе дополнителен попуст.
„Почитувањето на законот не е избор“, апелираат од УЈП.
„Евидентирањето на прометот не претставува приватен договор меѓу продавачот на добра/давателот на услуги и купувачот/корисникот на услуги, а прекршувањето носи последици за сите, особено за чесните компании кои работат според правилата. Апелираме граѓаните да бараат фискална сметка, бидејќи секоја неиздадена сметка претставува пари кои завршуваат во приватни џебови наместо во државниот буџет кој ги финансира здравството, образованието и јавните услуги", укажуваат од Управата за јавни приходи.
Оттаму најавуваат дека во пресрет на новогодишните празници ќе се спроведуваат засилени и проширени контроли на евидентирањето на готовинскиот промет.
„Целта е намалување на даночната евазија, фер економија и еднакви правила за сите учесници во економијата“, посочуваат од УЈП.
Фокусот ќе биде насочен кон сите угостителски објекти - ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други субјекти кои работат со готовински плаќања.