1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Почна ли жешка есен на протести во Франција?

ДР /агенции
17 октомври 2022

Скапотијата, високата инфлација и недоволната заштита на климата доведоа до масовни протести во Франција. На улиците на Париз вчера излегоа преку 100.000 луѓе.

Масовни протести на левицата во Франција
Масовни протести на левицата во ФранцијаФотографија: Aurelien Morissard/AP/picture alliance

Повикот за протестна акција поради наглиот пораст на животните трошоци и против „климатската пасивност“ го упатија левичарските партии. А во нив во Франција спаѓаат и Зелените, како и организации и одделни синдикати.

Демонстрантите меѓу другото истакнаа  барање за одење во пензија со 60 години,  за зголемување на платите, запирање на растот на цените, оданочување на вишокот профит и поголем ангажман за заштита на животната средина.

Во Париз, според наводи на организаторите, на улици излегле околу 140.000 луѓе, полицијата првично очекуваше само околу 30.000, па за обезбедување испратила околу 2.000 полицајци. Нема извештаи за нереди.  

Претседателски кандидат и добитничка на Нобелова награда

Бившиот левичарски претседателски кандидат Жан-Лик Меланшон маршираше во првиот ред, покрај годинешната добитничка на Нобелова награда за литература, Ани Ерно, која заедно со 60 други личности од областа на културата, исто така повика на протест.

Клеманс Гете, претставничка на левичарската популистичка партија Непокорна Франција, го пофали големиот број учесници како „демонстрација на сила“: „Нешто се буди и тоа е добар знак.“

„Бесот е огромен. Французите постојано ја губат куповната моќ, 15 проценти веќе западнаа во сиромаштија, но  Макрон тоа не го гледа“,  изјави членката на Европскиот парламент од Зелените, Софи Таље-Пољан.

Штрајкови и недостиг на гориво

Расположението во Франција  со денови е многу напнато. Поради штрајк за повисоки плати на вработените во рафинериите, кој трае повеќе од две недели, постои недостиг од гориво. Четвртина од бензинските пумпи во Франција се празни, а пред другите се создаваат редици автомобили, некои долги и по неколку стотици метри.

Иако медицинските лица и негувателите имаат предност за купување гориво, во општиот хаос тешко можат да го остварат правото. Многу занаетчии и транспортни претпријатија престанаа со работа, повремено гориво немаат дури и полициски и амбулантни возила. 

На одделни бензински станици гориво се продавало и за три евра по литар. Без оглед на делумниот договор со синдикатите, работниците од пет рафинерии на ТоталЕнерџис во Франција го продолжија штрајкот.

Протести во Франција против високите цени и за подобра заштита на климатаФотографија: Lionel Urman/abaca/picture alliance

За утре неколку синдикати повикаа на национален штрајк, што е едно ниво под генерален штрајк. Тој би можел да ги погоди и нуклеарните електрани, од кои многу не работат поради дефекти, а би била погодена и националната железничка компанија СНЦФ.

Многу работници кои поради недостиг од гориво наместо автомобили користат воз, би морале да останат дома.

Левицата не е целосно сложна

Протестниот марш требаше да биде знак за силата на левицата, упатен кон претседателот Емануел Макрон и да ја демонстрира единственоста на левицата против владата. Но, некои синдикати не ги поддржуваат демонстрациите на левичарските партии. Не присуствуваа ни претседателот на Зелените, Јаник Жадо, како и лидерот на Комунистичката партија, Фабијен Русел.

Во последните месеци француската левица ја потресуваат скандали за наводно насилство врз жени во нејзините редови, два партиски функционери од Левицата и Зелените поднесоа оставки.

Загриженост во Елисејската палата

Според анкетите на јавно мислење, 82 проценти од испрашаните сметаат дека владата не работи доволно за подобрување на ситуацијата на граѓаните. Притоа, Макрон многу рано ги ограничи цените на гасот и струјата, поради што инфлацијата во Франција е скоро шест проценти пониска отколку на пример во Германија и Шпанија.

Од друга страна, претседателот ја преспа надоаѓачката општествена криза на сличен начин како и протестите на  Жолтите елеци пред три години.

Поради тоа  во Елисејската палата постои загриженост  дека ситуацијата повторно би се развила во масовни и долготрајни протести, слични на оние во 2018 и 2019 година. Во тоа време зголемувањето на данокот на гориво беше каписла за протестите на т.н. Жолти елеци. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми