Почнува конференција на ОН за заштита на морињата и океаните
9 јуни 2025
Во Ница, Франција, денеска (9.06) почнува третата Конференција на ОН за морињата и океаните. На конференцијата се очекуваат претставници на околу 130 земји од светот.
Францускиот претседател Емануел Макрон вчеравечер беше домаќин на вечера за голем број шефови на држави и влади. Пред конференцијата, тој повика на меѓународна акција за зачувување на океаните. „Имаме обврска да се мобилизираме бидејќи научните докази се јасни“, рече Макрон. Намалувањето на финансирањето за науката е „огромна грешка“, потенцираше тој, осврнувајќи се на Соединетите Американски Држави, кои годинава не испраќаат официјална делегација на конференцијата.
Конференцијата на ОН за океаните, која се одржува на секои четири години, се смета за најважниот меѓународен самит за заштита на морските води. Германија, според најавите, има намера да работи особено напорно за што поскоро воспоставување заштитени подрачја на отворено море, намалување на пластичниот отпад во океаните и спроведување превентивна пауза за рударство во длабоко море. Поради климатските промени и загадувањето, морињата и океаните во моментов се во лоша состојба.