Фронтекс ќе ги штити македонските граници и безбедноста
20 април 2023Полициските службеници од Северна Македонија и Фронтекс – Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража ја почнуваат заедничка операција на македонско-грчката граница. Над 100 европски гранични полициски службеници ќе работат заедно со македонската гранична полиција на надгледување и проверки на границата, патролирање и собирање информации за прекуграничниот криминал. Операциите на Фронтекс првично ќе ја покриваат јужната граница со Грција. Подоцна е предвидено да се прошират така што се очекува да ги опфатат границите и со Србија и Албанија.
Заедничката операција со Фронтекс ќе трае до 24 јануари 2024 година, со можност за нејзино продолжување, а има за цел поддршка на националните служби во граничната контрола и управувањето со миграциите, вклучувајќи ги и превенцијата, откривањето и спречувањето на прекуграничниот криминал, прибирањето и размената на оперативни информации и идентификувањето на можни ризици и закани, јакнење на оперативната соработка и поддршка на оперативните капацитети.
Северна Македонија е петта држава надвор од Европската Унија која е домаќин на ваква заедничка операција, со прв потпишан договор во регионот на Западен Балкан согласно новиот, зајакнат мандат на Фронтекс.
Стоп за илегалната миграција
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како домаќин на церемонијата која што се одржа во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, потенцираше дека овој заеднички настан со Фронтекс испраќа една многу важна порака – дека не сме сами во справувањето со илегалната миграција, а современите безбедносни предизвици бараат партнерски пристап и заеднички одговор.
„Зајакнувањето на соработката со ЕУ и, воопшто, исполнувањето на приоритетите од европската агенда носат конкретен бенефит за нашите граѓани. Бидејќи нашата заедничка посветеност во справувањето со илегалната миграција и прекуграничниот криминал неминовно ќе обезбеди поголема безбедност како за граѓаните на нашата држава, така и на Унијата. Во оваа заедничка акција чекориме заедно, како рамноправни партнери, бидејќи единствено со заеднички, координиран пристап можеме успешно да се справиме со глобалните предизвици“, потенцираше министерот Спасовски.
За извршниот директор на Фронтекс, Ханс Лајтенс, ова е значајна позитивна пресвртница. „Мисијата ќе ги зајакне границите на Република Северна Македонија. Овде најдовме посветен партнер кој ја дели нашата посветеност на одржување на интегритетот на нашите граници. Заедно ќе работиме неуморно за заштита на нашите граѓани и да обезбедиме безбедност и сигурност за целиот регион“, вели Лајтенс.
Менаџирање на границите
Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, која заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во октомври минатата година беа потписници на Договорот со Фронтекс вели дека по повеќе од пет години планирање,заедничката операција ќе обезбеди сигурност и ефективно менаџирање на границите.
„Во изминатите години Северна Македонија ја покажа својата посветеност да ги спречи нелегалните гранични преминувања и да се бори со криминалните групи кои демнат во сенките, профитирајќи од човечките катастрофи. Властите ги пресретнаа овие предизвици, задржувајќи ги заедничките вредности, осигурувајќи дека границите на државата се обезбедени, во хармонија со заштитеното достоинство на оние кои се обидуваат да ги преминат“, вели Јохансон.
Операциите на Фронтекс во Северна Македонија се уште еден позитивен развој во односите со ЕУ. Границите на земјата ќе бидат побезбедни, а напорите на Европа за борба со илегалната миграција, криумчарењето мигранти и други криминални активности ќе бидат засилени, што е заеднички интерес на сите нас, оцени и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Договорот за Фронтекс беше потпишан на 26 октомври 2022 година во Скопје за време на посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и е прв ваков договор меѓу ЕК и Република Северна Македонија на македонски јазик.
„Горди сме како нација што овој Договор е прв потпишан договор со Европската Унија на македонски јазик, без додавки, фусноти и ѕвездички, што е доказ за заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, коишто, со овој документ, се поставени на европско рамниште, заедно со сите други јазици и идентитети на земјите членки на ЕУ“, истакна премиерот Димитар Ковачевски на свечената церемонија која што се одржа во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ по повод официјалното започнување на Заедничката операција на Фронтекс во земјата. Тој е дециден дека Фронтекс ќе ги штити македонските граници, безбедноста и македонски јазик и идентитет.