1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЈужноафриканска Република

Почнува рочиштето на МСП за постапките на Израел во Рафах

Бернд Ригерт
17 мај 2024

Меѓународниот суд на правдата по третпат го разгледува барањето на Јужноафриканската Република против акциите на Израел во Газа. За што се работи и зошто е надлежен судот во Хаг?

Меѓународен суд на правдата во Хаг
МСП повторно расправа по тужба на Јужноафериканската Република против Израел во војната против ХамасФотографија: Remko de Waal/ANP/picture alliance

Што побара Јужноафриканската Република против Израел пред МСП во Хаг?

Јужноафриканската Република (ЈАР) го повикува Меѓународниот суд на правдата (МСП) да нареди „привремени мерки“ за да го принуди Израел да ја прекине воената операција против Хамас во Појасот Газа, да дозволи снабдување на Палестинците во Појасот Газа и да одговара за досегашните постапки. ЈАР го заснова своето обновено барање за привремени наредби од судот врз основа на влошената ситуација околу градот Рафах во Појасот Газа. Израел најверојатно започна копнена офанзива против Хамас во Рафах. Стотици илјади луѓе повторно се во бегство. Граничниот премин Рафах со Египет, кој е од суштинско значење за снабдување, е затворен.

Пропалестинските активисти ги поддржуваат тужбите на ЈАР пред пред судот во Хаг (јануари, 2024 година)Фотографија: Patrick Post/AP Photo/picture alliance

Како Израел реагира на ова барање?

Израелските претставници во Судот во Хаг ќе истакнат дека воената акција во Рафах против терористите на Хамас, кои на 7 октомври 2023 година убија или киднапираа над 1.400 луѓе, главно израелски граѓани, е од суштинско значење. Ќе биде кажано дека во урбаните војни во густо населените градови е тешко да се избегнат цивилни жртви и дека борбите ќе престанат веднаш штом Хамас, кој е класифициран како терористичка организација од САД, ЕУ и други, се предаде или биде поразен. Затоа Израел негира дека е единствено одговорен за катастрофалната хуманитарна ситуација на цивилите и не прави доволно за нив. Граничниот премин Рафах, впрочем, како што се вели, го затворил Египет откако израелската војска ја окупираше палестинската страна. Египет го негира ова.

Произраелски активисти демонстрираат за отфрлање на тужбата против Израел во Хаг (јануари, 2024 година)Фотографија: Patrick Post/AP Photo/picture alliance

Што може да одлучи судот?

Меѓународниот суд на правдата веќе двапати нареди „привремени мерки“ против Израел, во јануари и март 2024 година, на барање на Јужноафриканската Република. Во јануари, судиите одлучија дека Израел мора да направи сѐ што може за да обезбеди снабдување за палестинското население и да се избегнат цивилни жртви. Според палестинските податоци, досега се убиени 35.000 луѓе. Судот не го прифати барањето на Преторија да нареди прекин на огнот. Во март, Судот ги повтори и ги заостри своите наредби бидејќи, според Обединетите нации, состојбата на цивилното население во Газа се приближуваше до глад. Судот сега може дополнително да ги прошири своите наредби и, на пример, да бара израелските трупи да се повлечат од Рафах. Одлуката за јужноафриканската апликација се очекува за неколку недели.

Кои се последиците од судските одлуки?

Наредбите на МСП досега имаа мало влијание врз ситуацијата во Газа и Израел. Политичкиот притисок врз Израел се зголемува, но неговата влада не изгледа импресионирана од тој притисок. Така е и покрај фактот што одлуките на Меѓународниот суд на правдата се обврзувачки за земјите-членки на Обединетите нации, вклучително и Израел. Но, Судот нема средства, нема полиција за да ги спроведе своите пресуди. И во други случаи обвинетите ги игнорираат одлуките од Хаг. На Русија, на пример, ѝ беше наредено да ја запре инвазијата на Украина, но тоа остана, како што е познато - без последици.

Одлуките на МСП досега имаа мало влијание врз ситуацијата во Газа и ИзраелФотографија: Peter Dejong/AP/dpa/picture alliance

Дали ЈАР го тужеше Израел пред Меѓународниот суд на правдата за геноцид?

Во декември минатата година, ЈАР го тужеше Израел за кршење на Конвенцијата на ОН за спречување на геноцид. Акциите на Израел во Појасот Газа во војната против Хамас, како што се вели, водат кон истребување на палестинското население. Израел негира дека ја прекршил Конвенцијата за геноцид затоа што, како што тврди, го користи своето право на самоодбрана. Судот се прогласи за надлежен и го прифати барањето на ЈАР. Врз основа на оваа главна постапка, ЈАР сега повторно бара „привремени мерки“ кои судот може да ги нареди со оглед на позадината на тужбата за геноцид. Искуството покажува дека главното прашање, односно прашањето дали Израел можеби врши геноцид, ќе се реши дури за неколку години, по опсежни рочишта и консултации. Колумбија и Турција сакаат да се приклучат на тужбата од Јужноафриканската Република.

Зошто Судот во Хаг е надлежен?

Меѓународниот суд на правдата (МСП) е тело на Обединетите нации. Секоја редовна членка на Обединетите нации е автоматски одговорна пред Судот. Во Хаг, само држави можат да тужат други држави за да ги решат споровите меѓу себе или за да се разјаснат прекршувања на Повелбата на ОН или другите конвенции на ОН. Самите држави се одговорни за извршување на пресудите. Судот нема на располагање полиција. Меѓународниот суд на правдата (МСП) не треба да се меша со Меѓународниот кривичен суд (МКС), пред кој физички лица можат да бидат кривично гонети за кршење на меѓународното право. Главниот обвинител веќе води истрага против раководството на Хамас и израелските политичари. Негово седиште е исто така Хаг.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми