Поделени реакции по укинувањето на санкциите за Додик
30 октомври 2025
Претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) Милорад Додик му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп и на неговите соработници за одлуката на Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави (САД) за укинување на санкциите кон него и уште 48 физички и правни лица од Република Српска (РС). Додик порача дека со оваа одлука „е исправена голема неправда нанесена на РС“ за време на претходните администрации на Барак Обама и Џозеф Бајден.
Санкциите се укинати и за членката на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Жељка Цвијановиќ, која изјави дека станува збор за важен чекор кон „деблокада на односите со САД“ и дека времето ќе покаже дека „ништо не е продадено ниту издадено“, додека претседателот на Собранието на РС, Ненад Стевандиќ, ја гледа одлуката како потврда дека „РС станува фактор со кој сериозно се смета“.
Од СНСД сега се очекува соработка
Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, изјави дека „укинувањето на санкциите е порака од американската администрација до Додик и неговите соработници, кои го исполниле првиот дел од своите обврски“, додавајќи дека Американците покажале – не само во случајот на Додик – дека санкциите можат многу брзо повторно да се вратат. Конаковиќ нагласи дека главната порака е „стабилизација и деескалација“ на ситуацијата во земјата.
Претседателката на Наша партија, Сабина Ќудиќ, напомена дека „се постигнати трите примарни цели на американските преговори – повлекување на одлуките на Додик, признавање на државните институции и одлуките на Уставниот суд на БиХ“, и дека ефективноста на санкциите ќе се мери преку реалната соработка на СНСД на европскиот пат на БиХ.
СДС останува под санкции
Под американски санкции и понатаму останува опозициската Српска демократска странка (СДС). Според Желимир Нешковиќ од СДС, договорот меѓу раководството на СНСД и американската администрација претставува велепредавство на РС: „Станува збор за десетици милиони марки од јавниот сектор вложени во лобирање во САД за да се укинат санкциите на Додик, членовите на неговото семејство, раководството на СНСД и фирмите поврзани со нив“. Нешковиќ сега очекува „сервилен глас на СНСД за буџетот на БиХ“ и постепено пренесување на надлежности од РС на БиХ.
Претседателката на Народниот фронт, Јелена Тривиќ, смета дека укинувањето на санкциите е резултат на „капитулација и предавство во Народното собрание“. „Во замена за укинување на санкциите, Додик од РС дал многу — имот и забрзан пат кон НАТО, со што се обесмислија институциите на РС“, наведе Тривиќ.
Од листата на санкционирани се отстранети соработниците на Додик, членови на неговото семејство и компании поврзани со нив, меѓу кои се „Алтернативна телевизија“, „Проинтер“ и „Агапе“.
Градоначалникот на Бања Лука и лидер на „Партијата за демократски напредок“, Драшко Станивуковиќ, истакна дека станува збор за трговија со лични, а не со национални интереси: „Го продадоа Собранието на РС за ‘Агапе’ повторно да може да работи. Се откажаа од референдумот кој требаше да ја покаже волјата на народот, само за да ги обезбедат своите лични сметки и привилегии. Отидоа на Судот на БиХ, кој не го признаваат, само за да можат слободно да патуваат“.
Реакции на стручњаци и аналитичари
Одлуката ја коментираа бројни правни експерти, политички аналитичари и јавни личности. Правниот експерт Нурко Побриќ на Фејсбук ѝ честита на администрацијата на САД за „брзото и ефикасно превоспитување на Додик и останатите“, додека политичката аналитичарка Светлана Цениќ верува дека сличен потег наскоро ќе следи и од други земји, како Велика Британија, Германија, Словенија и Австрија „доколку тоа го побара администрацијата на Доналд Трамп“.
Според Аднан Ќеримагиќ, аналитичар на Иницијативата за европска стабилност, укинувањето на санкциите отвора простор за шпекулации околу мотивите и следните потези на Вашингтон. Тој предупредува дека, ако не следуваат понатамошни чекори, пораката до политичките актери во регионот ќе биде јасна – дека притисокот може да се отстрани со доволно лобирање, пари и вистински врски. „Тоа ги охрабрува погрешните луѓе и опасните идеи“, напиша Ќеримагиќ на социјалната мрежа X, додавајќи дека Европската унија мора сериозно да ја сфати оваа промена во Вашингтон и да ги засили своите напори.
Задоволни лобисти
Според Радио Слободна Европа, Владата на РС кон крајот на минатата година ангажирала американска адвокатска канцеларија Zell & Associates International Advocates за лобирање околу укинување на санкциите и отворање дијалог меѓу РС и администрацијата на Трамп. Основачот на канцеларијата, адвокатот Марк Зел, ја поздрави одлуката за укинување на санкциите, нарекувајќи ја „исправување на неправдата направена од администрацијата на Бајден“. На социјалната мрежа X тој додаде дека „администрацијата на Трамп поставува темели за долгоочекуваната уставна реформа во БиХ“ и дека „претстои уште многу работа“.
Радио-телевизијата на РС ја пренесе реакцијата на Род Благојевиќ, поранешен гувернер на американската сојузна држава Илиноис со српско потекло, кој неодамна се сретна со Додик: „Нов ден осамна на Балканот, каде што српските и хрватските христијани можат да се надеваат на вистинска автономија и поблиски врски со САД“.
Санкциите за Додик и останатите беа укинати во средата, на 29 октомври, без да бидат наведени причините. САД првпат воведе санкции против Додик во 2017 година, за време на администрацијата на Барак Обама, а подоцна тие беа заострени бидејќи, покрај обвинувањата за поткопување на Дејтонскиот договор, тој беше означен и како лице вмешано во корупција. На Додик сè уште му е забранет влез во Словенија, Австрија, Германија, Полска, како и во Литванија и Естонија.