1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подем на десните популисти: АфД станува сѐ поекстремна

Ханс Пфајфер
28 јули 2023

По повеќегодишна конфронтација на различни крила во партијата, АфД се етаблираше како радикална сила која сака да дојде на власт. На партискиот конгрес денеска ваквите амбиции треба да бидат зацврстени.

Роберт Зеселман Тино Хрупала АфД Бјерн Хеке
Деснопопулистички подем - nо два изборни успеха во локалната политика, врвот на АфД сонува за властФотографија: Jacob Schröter/IMAGO

Партиските конгреси на делумно десноекстремната Алтернатива за Германија (АфД), отсекогаш биле спектакл. Членовите на партијата на отворената сцена ги напаѓаа, исвиркуваа и исмеваа сопствените партиски раководители. И, буквално ги бркаа своите лидери. Притоа партијата се лупеше како кромид: наводно поумерените национално-конзервативни сили беа истерани - радикалното десноекстремно јадро сѐ повеќе испливуваше на површина и ја зголемуваше својата моќ.

АфД успеа да остане тема на дискусија: како радикална партија на фундаменталната опозиција, која е против сите други германски партии. Притоа, таа редовно ставаше свој печат на големите дебати: на пример, со нејзиното отфрлање на речиси секакво доселување и повикот за масовни депортации на барателите на азил.

Актуелниот партиски конгрес на АфД, се одржува во ново светло, не треба да се очекуваат жестоки борби за моќ или пресврти. „Прашањето за политичката ориентација на АфД е внатрешно разјаснето“, вели во интервју за ДВ социологот и експерт за десничарски екстремизам Давид Бегрих од магдебуршкото здружение „Митајнандер е.В“ („Заедно“). „Преовлада етничко-националистичкото и екстремно крило.“

А тоа крило во овој момент е посамоуверено од кога било: „Ние сме моментално највозбудливата десничарска партија во Европа“, рече европратеникот на АфД, Максимилијан Крах за време на дискусијата на тркалезна маса во градот Шнелрода, во покраината Саксонија-Анхалт, на која се разговараше за силната поддршка за неговата партија, што се рефлектира во резултатите од истражувањето на јавното мислење. Причината за тоа, според Крах, е сопствениот радикализам: „Бидејќи секаде важи погрешниот принцип: ако сакате поддршка и проценти, треба да ја приспособите содржината, треба да се умилкувате. А ние, како АфД, сега покажавме дека овие резултати ги постигнавме со нашиот содржински јасен курс.“

Двоецот на врвот на АфД, Тино Хрупала и Алис Вајдел, се сметаат за кандидати на десноекстремното крило на партијатаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Напуштање на ЕУ, еврото и НАТО

Под „јасен курс“ АфД подразбира радикално отфрлање на речиси сите политички случувања во изминатите децении: За партискиот конгрес во Магдебург, водечката идеја на партиското раководство за европските избори во 2024 година гласи: Германија мора да ги напушти ЕУ, заедничката валута евро и НАТО. Партијата е против мерките за заштита на климата и обновливите енергии. Таа повикува на етаблирање „Тврдина Европа“ против доселениците и против исламот. Се отфрла борбата против расизмот и дискриминацијата. Во однос на соочувањето со бруталната германска колонијална историја, се вели: „Културата на вина и срам што постколонијалната идеологија сака да ја воспостави низ цела Европа, не соодветствува на историските факти. Затоа ја отфрламе“.

Притоа АфД сè поотворено застапува заедничка цел, за која се залага со десничарските екстремисти и групи. Дури ни позитивниот однос кон неонацизмот, Адолф Хитлер и злосторничкото раздобје на националсоцијализмот немаше речиси никакви внатрепартиски последици за важни функционери од партијата: „АфД во однос на нејзините врски со десноекстремни здруженија и луѓе постапува според мотото: Ако нè фатат со рака во вреќата со бонбони, тогаш велиме: 'Не сакавме да земеме слатки'“, објаснува експертот Бегрих и додава: „А ако не ги фатат, тие продолжуваат да ја полнат устата со чоколадо“.

Десноекстремен пратеник во Бундестагот: АфД политичарот и пензиониран војник Ханес Гнаук не смее веќе да носи униформа на Бундесверот поради недостаток на лојалност кон УставотФотографија: Christophe Gateau/dpa/picture alliance

Отворени симпатии за Путин

Дури и ако партијата станува сѐ пообединета во својот радикализам, линиите на поделба во АфД сè уште не исчезнале. Тоа се покажува, на пример, во политиката кон Русија, вели Давид Бегрих: „Во источногерманските делови луѓето тајно, но понекогаш и отворено, се покажуваат симпатии за општествената политика на Русија, па дури и за војната на Путин против Украина. Работите во партиските ограноци во западногерманските покраини се многу поинакви“.

Пред важната германска изборна година - 2024-та, АфД се чини дека е на пат кон успехот. Со околу 20 отсто поддршка од гласачите во анкетите, таа стои подобро од Социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц и другите владејачки партии - Зелените и ФДП. Бегрих претпоставува дека влијанието на АфД ќе се зголеми. „Сигурно ќе видиме подобрување на позицијата на АфД на претстојните локални избори. Тоа значи дека партијата сега расте одоздола.“

Рускиот претседател Владимир Путин е идол за многу десничариФотографија: Anton Novoderezhkin/Sputnik/Kremlin Pool/AP/picture alliance

Барање за похомогено општество

Тоа е предизвик за политичкиот систем во Германија. Бидејќи вработените во Службата за заштита на уставот и експертите за десен екстремизам со години предупредуваат на антидемократски и мизантропски тенденции во АфД. Главно поради нејзината дефиниција на тоа што значи „да се биде Германец“. За АфД, германскиот пасош не е доказ за тоа дека некој е Германец. Таа пропагира етничко-културно поимање на народот. И постојано упатува бројни расистички навреди на сметка на доселениците и фантазира за нивна депортација.

Правејќи го тоа, АфД го прекршува едно од најважните начела на германскиот Устав и една од големите лекции од насилната германска историја: ниту еден Германец не треба да биде во неповолна положба поради своето потекло, религија или култура.

Политичката конкуренција досега нема најдено консеквентен начин за справување со АфД. Пред сѐ, демохристијаните и нивниот партиски лидер Фридрих Мерц, спорат околу јасен став. Од една страна, ЦДУ сака повторно да ги придобие и врати своите гласачи кои заминаа во АфД. Притоа, постојат бројни поврзувања и преклопувања на градско и локално административно ниво. Од друга страна, овој лидер на ЦДУ цврсто вети дека ќе изгради заштитен ѕид против АфД.

Од постојано колебливиот курс досега има корист само една партија – АфД, вели Давид Бегрих и заклучува: „Дебатата во Германија за АфД се одвива сосема погрешно“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми