1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подемот и падот на Дританизацијата

2 февруари 2023

Западот го отфрли сопственото влијание во регионот за да се вдаде во следење на ниски, аморални политики на менаџерство и поддршка на најлошите локални насилници и силеџии. Пишува Арсим Зеколи

Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Нашата понова историја, како земја и држава, може најлесно да се разбере доколку се расчлени на четири децениски периоди со доминантни матрици. Првиот, од 1985 до 1995, како период на српскиот национализам. Вториот, од 1995 до 2005, како период на албанскиот национализам. Третиот, од 2005 до 2015, на македонскиот национализам. Навидум, сега се наоѓаме среде четвртиот период, оној на бугарскиот национализам. Така личи според медиумите, но во реал-политиката тековниот период е под доминантна матрица на американскиот национализам. Инаку попознат под името - капитализам.

Доколку сите претходни три периоди беа карактеризирани од национал-идеолошки замисли и пориви, тековниот период на американски национализам е диктиран од желбата за стекнување брз профит базиран врз евтина работна сила. Во основа, замислата на американскиот пристап беше сосема во ред, таму некаде на самиот зачеток на периодот во 2014/15 година, кога на сцена стапуваа или се консолидираа Александар Вучиќ, Еди Рама, следени од Зоран Заев, Дритан Абазовиќ, целата ергела опозиционери од албанските партии во Македонија, сѐ до новата влада на Босна и Херцеговина. Со сите нивни различности, секој од овие нови пулени на американскиот национализам ветуваа решителни, итни и бескомпромисни реформи. И секој од нив на крај, на овој или оној начин, ја заборави сопствената мисија и причината за наклонетоста на пријателите отаде океанот. Сѐ до денешните денови, при крајот на американската декада на реформи изгубени низ преводи и компромитирани од евтините играчи кои не обезбедија профит.

Западот и балканските мудрости

Иако долговечни по присуство, западните партнери никогаш не сакаа да ја научат смислата на популарната балканска мудрост дека „она што можеш да го направиш денес, не го оставај за утре”. Цената на таа кратковидост денес доаѓа на наплата преку грчевити обиди за спасување на евтините играчи на кои веќе им истекува рокот на траење. Ширум регионот. Најдолговечниот, Александар Вучиќ, се соочува со цехот на децениско србување без усул, без кусур и предизвикот - наместо биде запаметен како „подобар од Тито”, да си замине од политиката со обвиненија за предавство.

Неговиот најдобар пријател Еди Рама се соочува со старата еврејска мудрост „внимавај што посакуваш, ќе ти се оствари” во вид на обвиненија за вмешаност во скандал во буквално планетарни димензии. Неговата желба да биде светски играч, на крај се остварува, но на најлош можен начин по него лично, а уште полошо за Албанија, која веруваше во неговите медиумски и пропагандни магии.

Големата надеж на мултикултурализмот, граѓанскиот концет во од Ѓукановиќ заситената Црна Гора на крај преживува со мизерна едноцифрена популарност, презир на граѓаните и зависност од милоста на неговите хендлери од Белград и Западот.

Во соседна Босна, инситирањето за ставање крај на националистичките водства заврши со елиминација на босанскиот и триумф на српско-хрватскиот национализам со помош на длабоко компромитираниот западен гувернер Кристијан Шмит. Чија наврат-нанос склопена влада ни самата не знае дали постои и ќе опстои.

Во нашиот двор, ерозијата на американскиот капиталистички однос помеѓу профит и евтина работна сила се отсликува низ целосна апатија и незаинтересираност на општеството за баналните драмолетки во естаблишментот. Очајниот обид на Ахмети да ја репризира популарноста на PseJo!? преку непрекинато верглање на повиците „Заедно за ЕУ“ ниту ги сплотува редовите во неговата партија ниту ги мотивира Албанците (уште помалку Македонците). Ни фактот што американскиот и британскиот амбасадор се погласни за евроинтеграциите отколку оние на Германија, Франција, Холандија не оставаат премногу простор за верба во целисходноста на кампањата.

Бракот на Таравари со Ковачевски-Ахмети

За чудноста да прерасне во апсурдност се погрижија функционерите од власта, кои пред камери искажуваа сомнеж дека владата има мнозинство во Собранието. Апсурдно, таквата искреност не ги поттикна секогаш гласните од ВМРО-ДПМНЕ да побараат интерпелација, а уште помалку кавгаџиските гремлини од Левица да вреснат со обвинувања дека „старата опозиција е во спрега со власта”.

Нивното внимание засега е фокусирано врз најздодевната тема на есенско-зимската сезона, онаа дали Арбен Таравари ќе го обзнани бракот со Ковачевски-Ахмети склучен пред речиси половина година. Наводно, во име на зајакнување на владината коалиција, на проевропската агенда, на стабилноста, љубовта меѓу народите, мир во светот и другото од репертоарот на желбите кои убавиците ги читаат при избор на Мис Универзум. Во реалноста, успехот на Таравари да влезе во власта на крај ќе биде обзнанет како триумф на Ахмети и Ковачевски да го оттргнат од ВМРО-ДПМНЕ и навремено да ја компромитираат „Алијансата на идентитетски збунетите“ пред следните избори.

„Дританизација“

Овој темно сив опис на домашната и регионалнста политичка сцена би бил разлеан и размачкан до непрепознатлив хаос, доколку истата не ја врамиме во контекстот на веќе деценискиот пристап на Западот во форсирање на послушни и неспособни кадри. Избрани и промовирани со една единствена цел: милум или силум да ги протуркаат земјите и регионот кон Брисел. За жал, децениското одолговлекување на тој процес наместо да нѐ приближи кон целта, предизвикува еден сосема друг, непосакуван страничен нус-ефект на слабеење на довербата и поддршката за меѓународните политики во регионот. Но, за разлика од досегашните плими и осеки, овојпат таа редукција на популарноста има далеку поконкретни ефекти врз демократските процеси, почнувајќи од самите избори. Имено, пренагласеното и напати дрското наметнување на „дританизацијата” резултира во јакнење на домашните пронационалистички изборни бази и слабеење на изборните бази на лабораториски култивираните евтини Дритан-играчи. Поинаку кажано - доколку изборните бази на сегашните автократи се наоѓаат низ амбасадите, самото слабеење на довербата на гласачите во политиките на меѓународната заедница значи и слабеење на нивните кандидати во изборниот процес.

Западот го отфрли сопственото влијание во регионот за да се вдаде во следење на ниски, аморални политики на менаџерство и поддршка на најлошите локални насилници и силеџии. Оваа констатација, која ги надминува и моите критични оценки за Западот, е од перото на одличниот познавач на регионот, Курт Басенауер од Берлинскиот Совет за демократски политики. Неговиот колега од Вашингтон, Даниел Сервер, ги симна ракавиците и јавно пренесе дека „Габриел Ескобар и Дерек Шоле треба да се засрамат”, а притоа слично како и германскиот известител Штефан Израел ќе ги обвинидипломатите од САД за „дипломатски булинг” кон Косово. Обидите за спас на образот преку селфи-дипломатија низ вашингтонски коридори со компромитирани лидери од регионот не само што не ја смалуваат пизмата во регионот кон конфузната политика на САД и ЕУ, туку дополнително ја јакнат определбата на граѓаните повеќе да се држат за националните врапчиња во рака отколку да сонуваат во митските феникси на дипломатијата.

Вината на Западот

Наведените критични тонови и изјави на западните познавачи на состојбите во регионот се предзнак на крајот на американската декада на решавање на проблемите преку послушни и предвидливи, но ефективно неспособни и корумпирано компромитирани балкански пигмалиони на демократијата и реформството. Состојбата е толку отидена во погрешен правец, што, според Николас Локер од Ценгарот за Нова американска безбедност, „за некои особено тешки земји кандидати, зачленувањето во ЕУ ќе подразбира претходно враќање во процесот преку смена на раководствата”. Она што е веќе евидентно – и не знам со кои зборови да ја подвлечам опасноста – е фактот што (без пенебрегнување на опасноста од руски влијанија) вината за оваа состојба се става на адреса на Западот и нивните претставници во регионот. И таа состојба ќе остане ем кревка, ем тензична, ем со потенцијал за драматично влошување. Сѐ додека дипломатијата себично и самодоволно го куражи, храбри и поттикнува отуѓувањето на домашната политика од сопствените граѓани, општества и реалности.

Некој на Западот, особено САД, треба да ги послуша предупредувањата на сопствените набљудувачи како Басенауер, кој отворено предупредува со крајно јасна и алармантна констатација. „Срамно е што владата на САД, која љуби да се претставува како водечко светло во борбата за човечко достоинство, демократија против автократија, го има избрано најнечистиот пат на Западен Балкан. А притоа може да предводи во креирањето на заедничка западна политика која е согласна со целта и подобро служи на американските интереси. Тоа е промена која сѐ уште е во рацете на администрацијата на Бајден. Но со оглед на последните две години, тешко е да се поверува во тоа”.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми