1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Евтина дневна струја за сите домаќинства до крајот на март

ДТЗ
15 август 2023

Треба да се сетираат 820 илјади броила, велат од ЕВН. Дел се со далечинска комуникација, но далеку поголема е бројката на оние коишто ќе треба да се подесат рачно.

струјомер
Евтина дневна струја за сите домаќинства до крајот на мартФотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

Најдоцна до март сите домаќинства ќе можат да ги користат поволностите на  дневната евтина тарифа на струјата, доколку се реализираат плановите  на Електродистрибуција, која дотогаш треба да сетира 820 илјади броила. Дел се со далечинска комуникација, но далеку поголема е бројката на оние коишто ќе треба да се подесат рачно. Од ЕВН за ДВ уверуваат дека околу 80 проценти од обичните броила ќе бидат сетирани уште во првиот месец кога ќе стапи на сила новиот тарифен систем, а тоа е 1 декември.

Прво одлука - па сетирање 

Електродистрибуција поседува 170.000 броила со далечинска комуникација и 650.000 обични броила кои треба да се посетат на лице место. Станува збор за броила коишто ги има низ целата земја. 

„Според претходно утврдениот план, околу 80% од обичните броила ќе бидат сетирани уште во првиот месец, а останатите кои се недостапни ќе се сетираат во наредните 2-3 месеци“, велат од Електродистрибуција.

Од 1 декември стапува на сила новиот тарифен систем, а тогаш ќе започне и сетирањето на броилата. Од ЕВН велат дека тоа не може да се направи пред 1 декември бидејќи во таков случај, тие домаќинства ќе добијат евтина тарифа уште пред нејзиниот официјален старт.

Се прават напори никој од граѓаните да не биде оштетен и секој да има можност два часа во текот на денот да користи струја по поевтина тарифа. Сетирањето на броилата ќе се спроведува според претходно утврден план. Важно е корисниците да им овозможат пристап до броилата на екипите на Електродистрибуција за да може што побрзо и полесно да се спроведе сетирањето. 

Околу 80% од обичните броила ќе бидат сетирани уште во првиот месец, а останатите кои се недостапни ќе се сетираат во наредните 2-3 месеци, уверуваат од ЕВН.Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Замена на струјомери 

Засега е неизвесно дали целиот процес со подесување на броилата ќе може да се заокружи до март, ако се има предвид дека воведувањето на дневната тарифа еднаш веќе беше одложено токму поради технички причини. Првично беше најавено дека ќе стартува во јули, но  процесот се одложи  бидејќи на ЕВН им требаше повеќе време за да ги подесат броилата. 

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски, најави и дека струјомерите ќе се заменат со пософистицирани, т.н. смарт броила и дека тој процес ќе почне во наредните години.

„Заменети ќе бидат сите струјомери со паметни броила за да може да се прави далечинско отчитување со што ќе се зголеми и довербата на граѓаните кон операторот на дистрибутивниот систем“, рече Бислимоски во телевизиско гостување во јуни годинава. 

Тој оцени дека со воведувањето на евтината тарифа, земјата ќе има најниска цена на електричната енергија во Европа. Евтината тарифа, според него, ќе значи и пет отсто линеарно намалување на цената на електричната енергија.

Евтината дневна тарифа ќе се користи во периодот од 13 до 15 часот.

Евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година, кога имаше и поголемо зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто. Доколку останеше евтината дневна тарифа, ќе требаше да се зголеми цената на струјата за дополнителни 5 отсто, односно зголемувањето ќе изнесуваше 14,23 отсто. Изминатата година граѓаните можеа да користат поевтина струја само во текот на ноќта - од 22 до 7 часот секој ден и во недела цел ден. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми