1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваСеверна Македонија

Погребот на Мемет Камбер заглавен во процедури

ДТЗ
12 јуни 2023

Телото се уште не е предадено на роднините за да биде погребано. „Ромалитико“ ги повикува надлежните до среда да најдат солуција, а во спротивно ќе организираат протест пред Собрание.

лична карта
Деветнаесетгодишниот Мемет Камбер почина на 24 мај. Не поседувал документи и здравствена книшка и немал можност редовно да оди на здравствени прегледиФотографија: Fatos Musliu/DW

Три недели по смртта на Мемет Камбер, телото се уште не е предадено кај роднините за да биде достојно погребано. Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“ ги повикува сите политички и административни чинители до среда (14 јуни) да ја разрешат оваа состојба и да овозможат достоен погреб на починатиот. Во спротивно се најавуваат протести. 

„Ромалитико на 16 јуни ќе организира протест пред Собранието, институција од која исто така се очекува да ги донесе сите потребни измени на законите за во иднина да не ни се повторат вакви случаи“, најавуваат од институтот.  

Неопходни се законски измени 

Деветнаесетгодишниот Мемет Камбер почина на 24 мај на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Мемет не е во групата на невидливи лица за државата, бидејќи тој има извод и е запишан во матичната книга на родените. но не поседувал здравствена книшка и немал можност редовно да оди на здравствени прегледи. Починал поради нетретиран дијабетес, бидејќи немал пристап до здравствени услуги заради некомплетна лична документација.

Ситуацијата дополнително се заплеткала при ДНК анализите, кога практично се утврдиле нови факти околу неговиот родител, поради што Управата за извод од матичната книга на родените ќе треба да направи корекција на податоците, по што ќе може да се издаде и извод од матичната книга на умрените.

Во Северна Македонија иманад 700 лица кои ја делат судбината на Мемет - немаат државјанство и документи, а со тоа им се ускратени речиси сите нивни права. Лицата кои немаат документи не можат да излезат на отворен пазар на труд, не можат да најдат вработување, а со тоа не можат ниту приватно да се лекуваат. На тој начин се оставени на милост и немилост цели семејства, кои останале без документи не по своја вина. Поради тоа, се посилни се апелите дека државата мора да изнајде механизми за да им излезе во пресрет на лицата без документи, да покаже пофлексибилен однос со цел да ги остварат своите права пред да биде предоцна. 

Од „Ромалитико“ апелираат дека е време е да се извршат промени во Законот за лична карта и Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште и да се даде можност на лицата кои немаат свој дом, да може да извадат лична карта. Покрај лицата без документи, поради проблемите со урбанизација и легализација, моментално постојат и лица кои не може да ја обноват личната карта и за кои исто така треба да постои решение.

„Остварувањето на здравствената заштита е човеково право, а неможноста за пристап до здравствена заштита е прекршување на човеково право.Апелираме итно формирање на работна група во Владата која ќе работи на решенија и итно усвојување на потребните измени за пристап до лична карта и други документи“, велат од „Ромалитико“.

Ќе се најде ли решение?

На 14 јуни, од страна на пратениците, ќе бидат поднесени законските решенија за лицата кои се практично фантоми, невидливи за системот. Ова го најави неодамна во Штип министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање, кога ќе се реши овој проблем за околу 700 лица во земјава кои не можат да си ги остварат основните човекови права. Спасовски истакна дека тој и раководството на МВР се на став дека треба да се донесат законски решенија со кои трајно ќе се реши целиот овој проблем.  

„Непостоечки“ граѓани - фантоми во Македонија

02:15

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми