Погубени тројца демонстранти во Иран
19 мај 2023Иранското правосудство на својата веб-страница „Мисан онлајн“ објави дека денеска наутро (19.05) биле егзекутирани тројца мажи во градот Исфахан. Тие беа обвинети за убиство на тројца припадници на безбедносните сили во Исфахан за време на демонстрациите против иранските власти во ноември минатата година. Истрелите што тие ги испукаа „резултираа со маченичка смрт на тројца припадници на безбедносните сили“, објави „Мисан онлајн“. Ваквите обвиненија не можат да се проверат независно. Тројцата мажи беа уапсени во ноември, а осудени на смрт во јануари.
Според исламското право во Иран, тие биле обвинети, меѓу другото, за „војна против Бога“ и осудени на смрт. Организацијата за човекови права Амнести интернешнал објави дека признанијата биле извлечени под тортура.
Егзекутираните лица се Салех Мирхашеми, Маџид Касеми и Саид Јакоби. Според истражувањето на весникот „Њујорк тајмс“, Мирхашеми бил шампион во карате.
Пред само неколку дена се дозна дека Врховниот суд на Иран ги потврдил пресудите. Активистите за човекови права и роднините се бореа до крај за да го спречат извршувањето на смртните казни.
Очајнички крик за помош
Родителите чекале пред притворот каде што биле нивните синови. Демонстрантите се собраа пред затворот вчеравечер за да протестираат против заканите од егзекуции. Амнести неодамна објави рачно напишана белешка од тројцата мажи, за која се вели дека е прошверцувана од притворот. „Не дозволувајте да нѐ убијат“, се вели во белешката. Вчера, американскиот Стејт департмент уште еднаш го повика иранското раководство да се воздржи од егзекуција.
Активистите за човекови права постојано го критикуваат извршувањето на смртна казна во Иран. На почетокот на годината, егзекуцијата на четворица учесници во протестите против владата предизвика ужас на меѓународно ниво и меѓу владините противници во Иран. Според Обединетите нации, во Иран годинава се веќе погубени повеќе од 200 луѓе.
Додека уличните протести по егзекуциите во јануари значително се намалија, многу жени и млади луѓе сега го изразуваат својот протест против режимот во Техеран на други начини. Во метрополите, на пример, жените постојано демонстративно го игнорираат барањето за носење шамија.